Скопје - историја за (ре)откривање
Македонците гласаат за идното име на земјата. Се дискутира за идентитетот, митовите и националното наследство. Спорот околу овие прашања радикално го промени изгледот на главниот град Скопје.
Скопје - град кој чека да биде откриен
Градот денес брои околу 540.000 жители. Неговото постоење датира од пред околу две илјади години. Скопје беше, меѓу другото, дел и од Османлиското Царство, дел од Југославија и од 1991 година е главен град на независна Република Македонија. Поранешната влада, во периодот од 2009 до 2015 година, правеше обиди да му даде на градот антички лик - понекогаш со чудни резултати.
Потомци на антички јунаци
На 30 септември ќе се гласа за името на државата, но името на градот е неспорно - Скопје. Тој е основан во римско доба. Новите статуи и градби би требало да докажат: Ние сме Македонци, потомци на Александар Велики. Оваа фонтана ги прикажува првите животни станици на античкот крал од Македонија и неговата мајка. Во позадина поздравува татко му Филип Втори.
Безимен коњаник
Спорот за името и за наследството на Александар трае 27 години. Во меѓувреме, 23 метри висока статуа го зазема централното место на плоштадот во Скопје. Договорот за решавање на спорот предвидува преиспитување на статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктурата и ако истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, ќе бидат преземени корективни дејствија.
Чист историзам - Археолошки музеј
Во градот со 540.000 жители, околу 20 проценти се Албанци. Тие живеат главно на страната на Вардар која и денес има лик на балкански град, со тесни улички и малечки дуќанчиња. Средновековен мост ги поврзува двата брега и двата културни света. Овој споменик делува некако мал и скромен во споредба со новоантичкиот храм на Археолошкиот музеј.
Јустинијан конечно дома
Јустинијан Први е роден во 482 година во Тауресиум (денешно Скопје). Римскиот цар ја поттикнувал изградбата и обновата на многу балкански градови. Сега се врати во Скопје - како мермерна статуа. Но и ваквите украси не можат да ги скријат проблемите на земјата. Македонија е една од најсиромашните земји во Европа.
Од ново направи старо
Скопје беше разурнат од катастрофален земјотрес во 1963 година. Славниот јапонски архитект Кензо Танге потоа му даде нов лик на градот - модерно Скопје, објекти со јасни линии, бетон. Но од тоа сега ретко што може да се види. Наместо тоа, античка илузија - објектите се опшиени со столбови и имитации на статуи.
И Скендберг има статуа
Скопје било и е раскрсница, место каде се вршела трговска размена и место каде се испреплетуваат различни култури и јазици. Градот има видливи траги од византиското доба, од османлиското време, како и од социјализмот. Она што за едните е Александар, за другите е Скендербег: за Албанците тој е национален херој кој исто така има своја статуа во Скопје.
Брод на бетон
Апсурден врв на инсценираниот историски лик на градот се трите средновековни бродови, излеани во бетон, на брегот на Вардар. Овие големи бродови никогаш не би стигнале до овде по воден пат. Тие набрзо треба да исчезнат, и тоа не само поради естетски причини. Бетонските основи го попречуваат течението на реката.
Голата вистина на итриот Прометеј
Статуата на Прометеј предизвика скандал уште пред да биде поставена. Причина: јунакот беше гол! Некои организации на жени сметаа дека тоа е недозволиво и дека таква статуа не може да биде поставена во парк, каде доаѓаат и жени и деца. Прагматичниот скулптор смисли брзо решение - античкиот јунак доби покривка. Сега смее да позира во паркот.
Кавга и за Самоил
Спор околу историското наследство нема само со Грција. Царот Самоил е предмет на расправии меѓу Бугарија и Македонија. Тој го префрлил главниот град на царството од Софија во Охрид. Полемика се води дали државата останала Бугарија или настанала првата држава на македонските Словени. За деескалација сега статуата од Скопје треба прво да се префрли во Охрид.
Триумфална порта и сообраќајна пречка
„Порта Македонија“ е еден од најсимболичните споменици на мегаломанијата од последните години. Триумфалната порта е висока 22 метри и чинеше 4,4, милиони евра. Сега на врвот е поставен часовник кој треба да покажува колку пари од оние што ги проневерила претходната влада се вратиле во буџетот.
Скокање на глава
Оп... Немојте во никој случај да се обидувате! Кој на ова место сака да скокне на глава во Вардар, сигурно ќе се раскрвари, затоа што реката нема доволно вода. За среќа, двете дами се од бронза. „Двете пливачки“ пливаат во реката , која преку Грција (таму се вика Аксиос), се влева во Егејското Море. Кога и соседите би можеле малку поспортски и поопуштено да се однесуваат кон другиот...