1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Сирија: Турската инвазија ја зајакнува Исламска држава

Бјерн Блашке
14 октомври 2019

Навлегувањето на турските сили во северна Сирија влијае и на логорите во кои Курдите држат заробени членови на т.н. Исламска држава. Од таков логор во неделата избегаа неколку стотици заробеници од ИД.

https://p.dw.com/p/3REb3
Türkische Offensive in Nordsyrien Leopard 2A4 Panzer
Фотографија: picture-alliance/dpa/XinHua

При борбите меѓу турските сили и  курдските милитанти во северна Сирија  е нападнат логорот Аин Иса и приликата ја злоупотребија членови на т.н. Исламска држава, кои беа заробени во него, за да ги нападнат стражарите. Во нередите околу 800 заробеници успеаја да избегаат. Така настанот го опишува Лукман Ами кој е портпарол на сириско-курдските автономни власти.

„Станува збор за 785 членови на ИД, тоа се борци и нивните семејства, кои заради турскиот напад успеаја да избегаат од логорот. Се случи тоа за што предупредувавме цело време!"
Предводник на Сириските демократски сили, скратено СДС, појасни дека нема доволно стражари. Многу од борците на СДС биле прераспоредени на фронтот, а преостанатите стражари по нападот од Турците избегале. Сега имало само 60 до 70 стражари кои се распоредени таму. Пред турската офанзива биле околу 700, за повеќе од 10.000 затвореници, во најголем дел семејства на борци на ИД.

Од почеток на турската офанзива на сириско курдските милитанти кои сочинуваат голем дел од СДС, светот е загрижен дека од офанзивата најголема корист ќе извлече ИД. Рајдур Калил, портпарол на СДС појасни дека милитантите сега мора пред се да се справуваат со турскиот напад.

Syrien Kurdistan Tal Tamr Zivilisten Flucht
Населението од северна Сирија масовно бега поради воените судириФотографија: Getty Images/AFP/D. Souleiman

„Заробениците на ИД веќе не се врвен приоритет за нас. Тие се сега на второ или трето место. Некои од заробениците беа пренесени од страна на американската војска, но тоа се само мал број. Ние имаме илјадници борци на ИД во нашите затвори, луѓе кои се многу поопасни. Кој се интересира за борците на ИД во нашите затвори и е уплашен дека може да избегаат, треба да се залага за тоа да се прекине офанзивата во североисточна Сирија."
Во сириско курдските затвори има до 10 илјади борци на ИД, од кои околу 4 илјади странци. Во логорот Ал Хол и други во регионот живеат дополнително 70 илјади припадници на семејствата на борци на Исламска држава. Во меѓувреме околу 130 илјади лица од североисточна Сирија го напуштија регионот и се во бегство од турскиот напад.
Тоа ситуацијата ја прави непрегледна, што може да биде злоупотребено од ИД за да се репозиционира, особено што многу терористи на ИД оперираат тајно. Американскиот секретаријат за одбрана проценува дека во Сирија и во Ирак сеуште има 18.000 борци на ИД.
Во саботата од кругови на ИД објавија дека паралелно со турската офанзива почнува нова кампања на ИД со цел да се одмаздат за тоа што  Курдите се бореле против нив. Во изминатите денови во североисточна Сирија имаше повеќе бомбашки напади, кои и` се припишуваат на терористичката организација.