1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Збогум Курдистан, Ердоган, Трамп и ЕУ имаат поинакви планови

11 октомври 2019

Американските внатрешни борби за власт ја уништуваат стратешката способност за резонирање на супер-силата. Америка сѐ почесто од тактички непредвидлив сојузник станува стратешки недоверлив сојузник.

https://p.dw.com/p/3R6d7
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Веќе сме во третиот ден од турската унилатерална агресија во северноисточна Сирија, или оние делови од земјата кои се под контрола на Курдите, нешто на што тие самите се надеваа дека со американска помош може да прерасне во сириски Курдистан, или во најмала рака да добијат голема автономија во некоја обновена Сирија.

Сега, при вакви големи геополитички настани, не е доволно да се застане на стана на обесправениот, во случајот Курдите, ниту пак се да се сведе на една осуда на превртливата блискоисточна политика на Трамп, на неспособноста и хипокризијата на Европа, ниту пак е доволно само да го осудиме Ердоган и неговата воена агресија. Сѐ тоа завршува како една бесполезна реторика, од која ниту обесправениот ќе добие сатисфакција, ниту виновниците ќе ја добијат заслужената казна.

Овие големи геополитички игри е важно да се анализираат во нивната целовитост, имајќи ги предвид оправданите или неоправдани, точните или неточните мотиви и претпоставки на сите актери, од проста причина што овој најнов конфликт ќе има реперкусии врз сите глобални или регионални актери.

Со самото тоа разбиваме еден клучен мит кој во моментов прострујува во интерес на Турција, или лично во предизборниот интерес на Трамп. А тоа е дека конфликтот во Сирија е завршен, дека ИСИС (Исламска држава) е поразена, и дека оваа офанзива нема повторно да го разгори конфликтот во земјата или дека нема да има реперкусии врз Европа.

Сојузници само на хартија

Американскиот мировен институт пред некои две недели прв го лансираше алармот. Оваа научна и натпартиска група формирана од Конгресот заклучи дека илузијата за крајот на конфликот во Сирија наликува на истата грешка која Џорџ Буш Помладиот ја направи со Ирак. „Војната не е готова додека нашите непријатели не одлучат дека е готова“, ќе напоменат од институтот. Понатаму, САД не смеат да ги напуштат своите сојузници на терен, односно Курдите кои војуваат речиси 9 години против ИСИС и Асад, само заради едно предвремено напуштање на воената зона, со цел остварување на предизборното ветување на Доналд Трамп дека ќе ги оконча „војните на Обама".

Претпоставката на институтот е дека турската инвазија на северот од Сирија може да разгори нова граѓанска војна, да ја уништи тешко постигнатата рамнотежа помеѓу различните сили на теренот и да предизвика нови тензии и борби во оние 60 проценти од територијата, кои и онака слабо ги контролира Дамаск. Крајниот резултат од новата дестабилизација, покрај нови милиони бегалци кон Европа кои Ердоган нема намера да ги задржи, можат да доведат и до директен судир и инволвирање на Израел, што против Ердоган, што против Асад, а со тоа и фактички против Иран.

Тоа е некоја голема слика за состојбата. Сега треба да ги погледнеме реализмите на полето на политиката и на геополитиката.

САД и Турција се сојузници само на хартија. Иако се дел од НАТО алијансата, Турција е земја која си дозволи да инсталира руски безбедносни системи, познатите С400 ракети, и да се откаже од производството и набавката на американските авиони Ф-35. Ова кажува колку лабаво двете страни го интерпретираат атлантското сојузништво. Притоа САД не смее или не сака да си дозволи да се откаже од турските воени бази, инаку клучни во евентуална американска интервенција врз Иран. Во исто време, историските непријатели, како Анкара и Москва, никогаш не биле поблиски. Ќе видиме и тоа колку долго ќе потрае.

Оттука можеме да заклучиме дека конкретно во сирискиот случај, разликите помеѓу САД и Турција се структурни. САД, светската суперсила, смета дека Блискиот Исток е сѐ помалку важен и дека тие треба воено да го напуштат. Тоа е нивната тактичка и - оттука - реактивна позиција. САД се задоволуваат со одржување на кревката рамнотежа помеѓу регионалните сили и најважно им е да го обезбедат опстанокот на Израел. Точка. Не им гајле за Курдите, ниту за нивната судбина. Курдите им послужија како мал штраф за поместување на некој грам од блискоисточната вага на нивна страна, како на пример во борбата со ИСИС, за која преоптимистички сметаат дека е завршена. За остатокот од трагичната судбина на Курдите, одговорност си носат и самите курдски фракции расфлени низ Блискиот Исток, кои додека сонуваат за голем Курдистан и понатаму војуваат помеѓу себе, останувајќи верни на својата мазохистичка и античка традиција.

Турска воена агресија

Што се однесува до Турција, јасно е дека Анкара отворено ја претендира својата политичка и воена автономија на Блискиот Исток, со цел да има што поголем удел во идното прекројување на неговите граници, и на тој начин ѝ одговара да ја редимензионира улогата на САД во регионот. Иронијата на политиката на Трамп е што низ сѐ што досега споменав, слабоста на американската политика опасно доаѓа до израз, нивните внатрешнополитички поделби веќе имаат сериозни реперкусии врз нивната надворешна проекција на моќ и стабилност, до степен да си дозволат нешто што со геостратешки речник може да го именуваме како: Антиамериканска офанзива на Турција во Сирија со помош на ИСИС.

Да, затоа што не е никаква мистерија дека Турција никогаш и не војувала во овие години против ИСИС, туку единствено против Курдите, како што не е никаква мистерија дека токму Анкара и нејзините тајни служби капиларно соработуваат со сите воени ешалони на Исламската држава и нивните заспани ќелии во северна Сирија.

Други колумни од авторот:

Зошто (не)сме политички Зелени и како да се инволвира младината

Кој за Грета, кој за Гревота

Трет аспект е дека оваа воена агресија на Турција, Анкара не ја ни смета за инвазија на странска земја. За нив ова е внатрешна, полициска акција. Менталната мапа на султанот Ердоган е закочена во 1920 година и последниот Национален Пакт донесен од отоманскиот парламент. Идејата на Ердоган е да истапи исправено пред средбата со Сулејман Величенствениот кога за тоа ќе дојде време, и да влезе во историјата како обединувач на отоманската земја по линијата Алепо-Мосул-Киркук, односно приграбувајќи ги и формално сирискиот и ирачкиот Курдистан. Неговиот план е на овие територии да префрли повеќе од 3 милиони сириски бегалци кои моментално се во Турција и да ги колонизира териториите кои Курдите стабилно ги држат в раце последните 8 години.

Но, тоа фактички претпоставува етничко чистење, затоа што Курдите мора бидат истерани за таму да се населат сириските Арапи, кои притоа потекнуваат од сосема други делови од Сирија, и би биле оставени во урнатините од речиси децениската сириска граѓанска војна. На една веќе постоечка дијаспора, Ердоган би создал уште една дијаспора, сега и двете внатрешно раселени. Станува збор за истите оние бегалци кои госпоѓата Меркел, додека нејзиниот збор сѐ уште тежеше во Европа, се осигура да не стапнат во ЕУ, затворајќи ја Балканската рута и плаќајќи му на султанот 6 милијарди евра, договор кој инаку истекува декември годинава.

Курдите и нивните (не)милостиви господари

И затоа Ердоган може да си дозволи да биде дрзок кон Европа. Говорејќи пред турскиот парламент, Ердоган рече дека турските сили убиле 109 „милитанти“ од почетокот на операцијата во средата и предупреди дека ќе ги „отвори вратите“ за да предизвика нова бегалска криза во Европа ако ЕУ тоа го нарекува „инвазија“.

„Еј ЕУ, разбуди се! Повторувам: ако пробате да ја претставите нашата операција таму како инвазија, нашата задача е едноставна: ќе ги отвориме вратите и ќе ви испратиме 3,6 милиони мигранти“, рече тој. Ердоган е господарот на можеби најголемиот демографски инженеринг на 21-от век.

Впрочем, тоа и Ердоган го докажа кога пред најавените европски санкции заради турското дупчење нафта во кипарските територијални води, само на кратко ја отпушти славината на сириските бегалци кон ЕУ, и на тој начин за неколку дена преплавувајќи ги Бугарија, Грција и Кипар со нови бранови бегалци.

Хипокризијата суверено владее на Блискиот Исток и честопати не е во доменот на рационалноста и нормативните класификации. Доволно беше Трамп да ги повлече шаката американски маринци, да каже дека е дојдено време за крај на бескрајните и бесполезни војни на Блискиот Исток, за Турција веднаш да ја искористи шансата. Напуштените позиции од Американците веднаш беа бомбардирани во средата, веќе има стотици мртви и десетици илјади луѓе се дадени во бегство. Да се каже дека војната завршува, кога штотуку почнува, е само последната од големите светски хипокризии во овој напатен дел од светот.

На Курдите малку што им останува како опција пред налетот на втората по големина армија во НАТО-алијансата. Една од тие опции е да се договорат со Дамаск, создавајќи ново сојузништво со Асад, или да бараат нови господари по превртливите Американци, така фрлајќи се во прегратките на Москва или Техеран. Но, тоа се уште помалку милостливи господари. Тоа што е сигурно е дека Курдите веќе нема да се борат против ИСИС, силата која е згазена, но не и уништена. Се претпоставува дека преку 20 илјади борци на ИСИС се распоредени низ заспани ќелии помеѓу Сирија и Ирак, стрпливо чекајќи го својот момент. Се претпоставува дека само во Ирак, силите на ИСИС се во состојба да извршат 75 напади неделно. Курдите дадоа 11 илјади жртви како најефикасна сила на теренот против исламистите. Сега очигледно ќе имаат други преокупации.

А што кога ќе настане целосен хаос?

Курдите беа и единствените кои ја вршеа валканата антитерористичка работа во името на САД и ЕУ, држејќи како заробеници преку 5 илјади борци на ИСИС и илјадници други борци кои потекнуваат од 55 различни земји, најчесто од Европа. На ова треба да се додадат и преку 70 илјади роднини на исламистичките борци моментално задржани во бегалските кампови под контрола на Курдите.Можеме само да замислиме што ќе се случи со оваа маса на луѓе кога ќе настане целосен хаос, и кога на тој хаос ќе се придодадат силите на Асад поддржани од Русија и Иран. Хаосот е остварување на сонот за ИСИС. Повлекувањето на Обама од Ирак се смета како една од главните причини за огромниот успех на ИСИС од 2014-та година наваму. Одлуката на Трамп, може само да значи продолжување на тој веќе виден филм.

За жал во интерес на Трамп оди тој веќе консолидиран ултраконзервативен политички амбиент и речиси персонализираната Републиканска партија, кои денес се залагаат за прогресивно повлекување на САД од разните светски воени или кризни жаришта и за реконструкција на светската рамнотежа на сили од типот на онаа од Студената војна, само овојпат во триполарен систем: Русија/Европа, Кина и САД. За нив сојузот со Курдите во старт беше неприроден, во смисла дека ги става САД директно во конфликт со НАТО-сојузник како Турција, давајќи на тој начин основа за приближување помеѓу Анкара и Москва.

Се разбира, со вакви резони има некоја геополитичка логика да се зајакне НАТО-крилото на Блискиот Исток, но појасно е дека Америка, заробеник на таа дисторзирана, унилатерална и протекционистичка слика за светот спакувана зад слоганот, „America first“, полека се откачува од сите свои историски сојузници, од глобалните безбедносни системи, и додека ја остава Европа на цедило или води со неа царински војни, го префрла својот себичен фокус на Кина и на Далечниот Исток. Идејата на Трамп и неговите републиканци е дека ќе работат посебно со секоја земја, било на економски, безбедносен или воен план, и дека тоа е во најдобар интерес на САД. Една доста анахрона и истрошена визија на светот, веќе демантирана од две светски војни, една Студена војна и безброј прокси-конфликти.

Американските внатрешни борби за власт ја уништуваат стратешката способност за резонирање на супер-силата. Америка сѐ почесто од тактички непредвидлив сојузник станува стратешки недоверлив сојузник.