1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се укинува политичкиот плурализам во Македонија!

Катерина Блажевска16 мај 2016

ДИК денеска ќе расправа дали има основа да продолжи со работа, ако на изборите на 5-ти јуни учествува само една коалиција.

https://p.dw.com/p/1IoPQ
Фотографија: Agentur MIA

Од денеска, 16 мај, официјално започнува изборната кампања за „натпреварот“ во кој ќе учествува само коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Додека останатите партии и натаму бараат да се свика собраниска седница на која ќе се поништи одлуката за избори на 5-ти јуни, претседателот на „распуштеното“ Собрание, Трајко Вељаноски, е во официјална посета на Ватикан од каде се враќа доцна вечерва. На неговото работно биро веќе три дена стои писмото со кое ДИК го известува дека Изборниот законик е прекршен во делот кој се однесува на опфатот на изборните единици (шестата изборна единица има повеќе, а втората и третата имаат помалку гласачи од дозволеното законско отстапување) и дека не се пријавени доволен број гласачи за да се одржи гласање во дијаспората. Изјавата на Груевски дека избори на 5-ти јуни ќе има, и патувањето на Вељаноски во најкритичните денови кога треба се бара излез од кризата, покажуваат дека заклучоците/писмото на ДИК се третира како известувачко, а не како обврзувачко.

Избори без избор

Можни ли се избори без избор? Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека не станува збор за една партија, туку за коалиција од 20 партии и дека тоа е доказ за партиски плурализам. Во експертски кругови велат дека ваквиот одговор би имал некаква тежина, само доколку на изборите се настапуваше со отворени листи, каде се гласа за поединци, а не за партија/коалиција. Но, во овој случај тоа не е така.

„Во компаративната европска практика на изборни циклуси во демократски системи не ми е позната ситуација кога учествувала само една политичка партија или коалиција“, вели Марко Трошановски, од Институтот за Демократија „Социетас Цивилис“:

„Уставно право е да се учествува или не на избори, но кога причината за неучество е споделениот став од мнозинството партии за непостоење на услови за фер и демократска изборна трка, одлуката такви избори да не се одржат е политичка и морална, а не правна. Процесот на легитимирање е суштински проблематичен, а не учеството на само една партија/коалиција. Дополнително, да имавме отворени листи, каде се гласа за поединци, а не за партија, аргументот дека избор постои (помеѓу коалициските членови) ќе беше поиздржан. Вака изборот е фиксиран на утврдената листа, и фактички нема избор. Не постои. Вие не бирате дали првиот или третиот пратеник ќе биде избран, туку гласате за листата цо целина, како еден единствен избор“, објаснува Трошановски.

Trajko Veljanoski
Вељаноски е во посета на Ватикан - на неговата маса во Собранието веќе три дена стои писмото на ДИКФотографија: MIA

Во јавноста владее огромно незадоволство од индолентниот однос на претседателот на Собранието, помилуван од претседателот, чие име исто така се наоѓа на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ, на втората позиција во изборна единица број 2.

„Ако е неуставно пратениците да заседаваат, уставно ли е Вељаноски како претседател на Собранието да предводи официјална државна делегација на аудиенција кај папата во Ватикан?“, е прашањето на кое од ВМРО-ДПМНЕ одбиваат да дадат одговор. Пред неговото заминување за Рим, од кабинетот на Вељаноски уште еднаш го повторија ставот дека нема уставна можност повторно да се свика Собранието.

Огромни последици

Неизвесно е дали ставот ќе се смени по враќањето на Вељаноски, а врз основа на аргументите од ДИК, но и по предупредувањата од меѓународната јавност дека едностраните избори на 5-ти јуни нема да бидат признати. Доколку Вељаноски од утре не го свика Собранието, според експертите, последиците за уставно-правниот поредок ќе бидат огромни.

„Одржување на избори на кои ќе учествува само една коалиција која е предводена од една доминантна партија, би претставувало целосна суспензија на уставно-правниот поредок на државата“, оценува Воислав Стојановски од Хелсиншкиот Комитет на Македонија:

„Таквите избори би значеле поделба, отуѓување и пренесување на суверенитетот на граѓаните по што тој целосно ќе припадне на една политичка коалиција (спротивно на чл. 1 и 2 од Уставот). Ова би значело свесно укинување на една од темелните вредности на уставниот поредок - политичкиот плурализам (чл. 8 од Уставот). Таквите избори не би го исполниле ниту условот на општост и тајност (спротивно на чл. 22 и 62 од Уставот), имајќи предвид дека во нив нема да учествува огромното мнозинство на гласачи, а на оние што ќе се одлучат да гласаат нема да им биде заштитена тајноста на нивниот глас“, укажува Стојановски.

Тој потсетува дека на глобално ниво, одржување на избори со само една политичка партија или коалиција е забележано во минатото и во мал број комунистички држави од денешнината. Примери од минатото се државите што станале независни преку процесот на деколонизација (каде на власт дошла партијата што го предводела ослободувањето), партии кои со сила наметнале националистичка или фашистичка идеологија (Германија и Италија за време на нацизмот) или социјалистичките држави (особено оние од поранешниот Источен блок). Примерите од денешнината се сведени на мал број комунистички држави, каде една доминантна политичка партија создава коалиција како привид за политички плурализам преку здружување со мали партии (комунистичките партии на Кина, Северна Кореја, Лаос и Виетнам со нивните „фронтови“).

„Иако примерот од Македонија е уникатен и се разликува од сите наведени примери, одржувањето на избори во услови на постоење на само една коалиција би било дефиниција за авторитарна, односно тоталитарна држава. Тоа би значело дека Македонија повеќе не би се сметала за држава која има институции за зачувување на демократското управување и човековите права со што не би ги исполнила Копенхашките критериуми, односно свесно би се откажала од исполнување на условите за сопствената евроинтеграција“, дециден е Стојановски.

Дилема во ДИК

Mazedonien Gebäude Regierung
Од денеска официјално започнува изборната кампања за „натпреварот“ во кој ќе учествува само коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕФотографија: DW/P. Stojanovsk

Во Државната изборна комисија, каде прецизно се раководат од изборните рокови, вчера беше отворена дилемата - има ли потреба и уставна основа ДИК да продолжи со работа, ако на изборите на 5-ти јуни учествува само една партија. На оваа тема отворена од членовите од ДУИ и СДСМ, реплицираа членовите од ВМРО-ДПМНЕ, кои сметаат дека нема потреба од таква дебата. За дилемата денеска ќе се дискутира на работен состанок.

А по одлуката на ДИК да ја отфрли кандидатската листа на Народното движење за Македонија (НДМ) поради констатирани неправилности, реагираше неговиот лидер Јанко Бачев, кој за денеска најави прес-конференција на која ќе ги објави документи.

„Народно движење за Македонија ќе сподели со јавноста документи за скандалозната одлука на ДИК да ги отфрли кандидатските листи на НДМ спротивно од Изборниот законик, односно, не од правни причини, туку од сосема други причини“, најави НДМ.

Социјалдемократската партија на Македонија предводена од Бранко Јаневски сама се откажа од изборната трка.