Листи за избори или за пазарење со аболицијата?
12 мај 2016Трик, апсурд, потег за пазарење, очајнички гест, неприфаќање на реалноста... Ова се најчестите зборови со кои е проследена одлуката на владејачката ВМРО-ДПМНЕ да достави кандидатски листи за пратеници за избори на 5-ти јуни. Одлуката на Извршниот и на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за учество на избори, е донесена во екот на континуираните дипломатски преговори со тимовите на партиската четворка и во предвечерјето на посетата на Јоханес Хајндл, дипломатот кој Германија го назначи за специјален пратеник што ќе посредува во решавањето на политичката криза во Македонија. Партијата реши да достави кандидатски листи и покрај тоа што три партии од четворката - СДСМ, ДУИ и ДПА, соопштија дека нема да учествуваат на изборите, а повеќе од дваесет вонпарламентарни партии го најавија истото, со образложение дека не се исполнети условите да се одржат фер-избори.
Манипулации со членството
Одлука на ВМРО-ДПМНЕ не предизвика големо изненадување во политичките кругови, кои во овој потег гледаат само континуитет на нерационалните потези што партијата ги влече во последниот период. Таков став дели и професорот Јове Кекеновски, член на партијата од нејзините почетоци, а денес еден од челниците на Фронтот за демократска Македонија - Фродем.
„Она што сега го прави врхушката на ДПМНЕ не е ништо поразлично од она што и досега го правела - грозни и нечовечки манипулации со партиските чувства на граѓаните и лажни изветвени приказни“, оценува Кекеновски.
„Се работи за забегана политика и нерационални дејства и постапки кои се исклучиво наменети да се спаси што може да се спаси, иако и самите знаат дека крајот е сѐ поблизу. Да поднесувате кандидатски листи, а притоа да сте се договориле и да сте се согласиле дека ќе нема избори на 5-ти јуни, тоа значи дека врхушката има две цели. Првата цел e во овој момент да не се разочара веќе изманипулираното членство и да не се заврти против нив. Членството по којзнае кој пат повторно е излажано, и конечно, и најтврдокорните ќе се убедат во лажниот патриотизам и бессмислените приказни на криминализираното раководство, наменети исклучиво за нивен личен спас. Втората причина е обидот додека не се разочарало членството, додека може, тоа да се користи како топовско месо и како адут во преговорите околу повлекувањето или поништувањето на аболицијата со веќе излитената закана 'зад нас стои народот' или 'народот ќе одлучи'. Меѓутоа, тоа веќе одамна им е познато и на гарантите на Договорот од Пржино“, вели Кекеновски, додавајќи дека народот навистина ќе одлучи и дека токму врхушката ќе ја добие заслужената казна.
Познато друштво
За друштвото со кое владејачката партија ќе настапува на изборите најчестиот одговор е „немам коментар“. За изборите чии одржување и натаму е неизвесно, кандидатски листи за сите шест изборни единици поднесе Народното движење за Македонија (НДМ) на Јанко Бачев. Листи доставил и коалицискиот партнер на Груевски, Бранко Јаневски, претседател на Социјалдемократската партија на Македонија, позната по тоа што се обидуваше да освои гласови преку кандидирање „дублери“, односно лица со идентични или слични имиња на функционери од СДСМ. На изборите во 2008 година, оваа партија за противкандидат на Радмила Шекеринска од СДСМ ја пронајде пензионерката од Штип, Рада Шеќерова. На Зоран Заев во „четворката“ му се спротивствави со Зоран Зашев, на Јани Макрадули во „петката“ со Јанис Макрис, а на Игор Ивановски во „шестката“ со противкандидат со идентично име и презиме.
Партијата на Стевче Јакимовски, Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ) ќе учествува на изборите како дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „За подобра Македонија“ и на заедничките листи има четири кандидати. На листите на ДПМНЕ, носители во шесте изборни единици се познатите кадри - министерот за надворешни работи Никола Попоски, (ИЕ 2), координаторот на пратеничката група Илија Димовски (ИЕ 3) министерот за здравство Никола Тодоров (ИЕ 4) и пратениците Антонио Милошоски (ИЕ 5) и Влатко Ѓорчев (ИЕ 6). Во „кецот“ носител на листата е партискиот лидер, Никола Груевски. На листите ги нема поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, но ги има Трајко Вељаноски, Зоран Ставрески, Диме Спасов и Елизабета Канческа Милеска, како и старите партнери Амди Бајрам и Иван Стоиљковиќ. На листите доминираат пратениците од досегашниот пратенички состав. За дијаспората кандидирани се три имиња: актуелните Павле Саздов и Васко Наумовски, и третото ново име е Каролина Барбутова.
Партиски функционери и министри од оваа партија не беа достапни да ја објаснат одлуката на партијата, а во партиските ограноци не се сигурни дали листите се доставуваат за да се оди на избори, или заради други цели.
„Некако е матно сето ова. Во минатите години, локалните штабови работеа 'турбо' уште неколку месеци пред изборите. Сега ем како да работат, ем како да не работат. Како да се во лер. Нејасно е, но никој не се осмелува да праша во централата, бидејќи таму биле нервозни“, вели член од партиски огранок.
Никола Груевски вчера преку изјава за Сител го повика Заев да учествува на изборите.
„Слушнав од медиумите дека господинот Заев кажал дека е многу сигурен оти ќе ги добие изборите на 5-ти јуни и стравува дали ВМРО-ДПМНЕ кога ќе ги изгубело изборите ќе ги признае и дека затоа не сакал сега да има избори. Да не се плаши од ВМРО-ДПМНЕ дали ќе ги признае изборите, да достави листи. Јавно му ветувам дека ако достави листи, ВМРО-ДПМНЕ на 5 јуни ќе ги признае изборите и нема да има никаков проблем“, рече Груевски, по што доби одговор од СДСМ.
„Груевски евентуално може да размислува како ќе ги матира своите поранешни и актуелни министри од криминалната банда кои ќе му прават друштво (во затворот „Идризово“). Навикнат да игра шах со половина украдени фигури, Груевски ќе има време да вежба шах, бидејќи долг престој го чека таму. А кога Зоран Заев ќе биде премиер на слободна Македонија, во интерес на граѓаните, криминалците нема да бидат на власт туку на соодветно место за нив“, одговори СДСМ.
Веќе видени потези
Упатени во досегашните меѓупартиски преговори сметаат дека поднесувањето кандидатски листи не е со цел ВМРО-ДПМНЕ да учествува на изборите, туку нивното одложување да го пазари со други услови, како на пример, со неукинување на аболицијата.
„Досега партијата има користено многу слични постапки, со цел да ја подигне својата 'цена' во разговорите. Така беше и во преговорите за формирање Специјално обвинителство. Но, таквите игри на крајот и предивикуваа уште поголема загуба. Од тој аспект, чудно е што партијата продолжува со истите методи, кога веќе го има искуството дека тоа не и носи резултат“, велат соговорниците.
Според комуникологот Петар Арсовски, станува збор за одбивање да се прифати новата реалност.
„Тие не се суштински подготвени да се соочат со фактот дека нивното претходно поведение безмалку гарантира дека од овој процес нема да излезат политички рехабилитирани, ниту дека на кој било начин ќе можат да ги повратат механизмите со кои досега функционирале во системот. Нивната приказна на овој начин е завршена, но не сум сигурен дека тие се свесни за тоа. Мислам дека се' уште живеат во минатото или доцнат со прифаќањето на новата политичка реалност“, оценува Арсовски.
Според политиколозите, појасна слика за насоката во која ќе се решава македонската правна и политичка криза, ќе има по дводневниот престој на специјалниот пратеник Хајндл, кој денеска пристигнува во Скопје, а за кој се уште не се знае точно со каков мандат доаѓа. Тој вчерва и утре ќе има средби со амбасдорите на ЕУ и САД и со партиските лидери, а неофицијално, можно е првата средба да биде со раководството на ВМРО-ДПМНЕ уште вчерва.