Северна Кореја се заканува со откажување на самитот со САД
16 мај 2018САД би морало да размислат добро што за самитот значи „воениот метеж“, јави севернокорејската новинска агенција КЦНА, притоа алудирајќи на воените менври „Макс Тандер“ кои почнаа минатиот петок.
На двонеделните вежби за противвоздушна одбрана, според јужнокорејски медиумски извештаи, учествуваат околу 100 борбени авиони. Притоа, јужнокорејската и американската воена авијација симулираат напади врз Северот. Тоа, според КЦНА, е намерна воена провокација среде затоплување на меѓукорејските односи.
Северна Кореја веќе ги откажа за денеска планираните разговори на помирување со претставници на Југот, информираше јужнокорејската агенција Јонхап. На разговорите во граничното место Панмунџом, а по средбата на Ким Јонг Ун и јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин на крајот на април, Јужна Кореја имаше намера да направи обид за „создавање основа за траен развој и траен мир“.
Белата куќа реагира воздржано на најновите извештаи. „Продолжуваме натаму и напредуваме во плановите за средбата меѓу претседателот Трамп и Ким Јонг Ун“, изјави портпаролката на американсккото Министерство за надворешни работи, Хедер Науерт. Воените вежби на Американците и Јужна Кореја, според Вашингтон, не претставуваат провокација. „Тоа се работи кои ги изведуваме во цел свет“, изјави Науерт.
Сингапурскиот самит ги потхрани надежите за решение на атомскиот конфликт со Северна Кореја. Трамп стреми кон „комплетна денуклеаризација“ на комунистичката земја.