Саудијците се бесни на американскиот Сенат
17 декември 2018Резолуциите на американскиот Сенат за Кашоги и Јемен се засноваат брз „неосновани тврдења и обвинувања“ и претставуваат „мешање во внатрешните работи“ на Саудиска Арабија, соопшти саудиското Министерство за надворешни работи. Во соопштението уште се нагласува: „Кралството го осудува најновиот став на американскиот Сенат“.
Сенаторите во Вашингтон минатата недела донесоа заклучок за запирање на американската помош во воената операција во Јемен, која е предводена од Саудиска Арабија. Меѓутоа, оваа резолуција речиси и нема шанси да се претвори во дела, поради тоа што за нејзе треба да се гласа и во Претставничкиот дом. Таму сѐ уште има задршки и нема мнозинска желба да му се контрира на толерантниот став на американскиот претседател Доналд Трамп кон саудиското раководство. Трамп аргументира, меѓу другото, со зделките за оружје на САД и Кралството, тешки милијарди долари.
Според сознанија на американските тајни служби, луѓе од блиското опкружување на принцот престолонаследник Мохамед бин Салман учествувале во убивањето на Кашоги во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, или во најмала рака - знаеле за тоа. Американскиот Сенат донесе резолуција со која Мохамед бин Салман е прогласен за „одговорен за убиството“.
Повеќе: Трамп суптилно се дистанцира од Мохамед бин Салман
Министерството за надворешни работи во Ријад нагласи дека САД се „сојузник и пријателска држава“ и дека Ријад има намера да ги „зајакнува“ односите со Вашингтон.Меѓутоа, резолуциите на американскиот Сенат се „загрижувачки“, се вели во соопштението.