Сандерс дава надеж
17 април 2016Вчудовидувачкиот победнички поход на Доналд Трамп во предизборната борба на републиканците е главна тема во медиумите и јавната дебата уште од почетокот на предизборите. Се разбира, релевантно е како еден непристоен могул кој се занимава со недвижности успеа со кампања заснована на создавање паника, со фалење и непријателство кон странци да се пробие до врвот на листата на кандидати на републиканците.
Но, подемот на Трамп е засенет од еден феномен кој не само што во најмала рака е исто толку спектакуларен, туку би можел да има и подолгорочни последици - успехот на Берни Сандерс. За споредба: на Трамп, милијардер и позната „ријалити“ ТВ-ѕвезда, му успеа да стигне на врвот на листата на кандидати на републиканците, која е долга, но слаба. Тоа му успеа со тоа што ги навредуваше своите конкуренти и со тоа што се фалеше дека е политички аутсајдер, кој и онака, генерално, има малку поим, а за политичкиот процес пак има уште помалку поим поим и интерес. Изборната кампања на Трамп е во основа можна само поради тоа што тој има доволно пари за да ја финансира лично, односно тоа може да си го дозволи.
Омилен кај младите
Сандерс, наспроти тоа, е човек кој пред оваа кампања беше релативно непознат. Тој е човек во своите 70-ти, кој себеси се опишува како демократски социјалист, потекнува од малата сојузна држава Вермонт и неговата кампања се финансира од индивидуални донации. На тој Сандерс му успеа не само да ја налути малку Хилари Клинтон, која претходно важеше за практично цврст кандидат на деморкатите за претседател, туку досега победи во повеќе од една дузина сојузни држави со кампања која е тематски ориентирана.
Предизборните настапи на Сандерс се добро посетени, особено од млади луѓе кои доаѓаат во голем број за да слушнат што има да каже постариот господин. Анкетите покажуваат дека особено т.н. „милениумци“, значи млади луѓе кои се родени во периодот од 1980 до 2000 година, му се повеќе наклонети на Сандерс отколку на Клинтон. Најголема поддршка Сандерс, зачудувачки, има од младите жени.
Финансирање на кампања за пример
Уште поважно е како дојде од ваквиот успех. Сандерс, имено, за разлика од другите кандидати, својата кампања ја финансира комплетно без непрегледните фандрејзинг-групи во кои доминираат големи донатори и кои често се контроверзни. Финансирањето на кампањата на Сандерс е засновано на принципот на „грасрутс“ (јавен или политички активизам и организирање на широки социјални слоеви, обично лица со право на глас, за да се поддржи одредено политичко или општествено движење за промена, н.з.). И, тоа има успех: Сандерс во март, трет месец по ред, собра повеќе донации од Клинтон, во најголем дел мали донации. Просечната висина на донациите за Сандерс изнесува 27 долари, кои се префрлаат речиси исклучиво онлајн.
Сето тоа има значење кое ги надминува границите на актуелната борба за кандидатура во редовите на демократите. Таа борба Сандерс, и покрај добриот резултат, веројатно нема да ја добие. Но, успехот на Сандерс покажува дека дури и во време на кое печат му даваат милијардери и фандрејзинг-групи, е можно со кампања базирана на индивидуални донации да се биде конкурентен. Тоа за иднината на демократијата е добар знак.