Турските Курди бараат самоуправа
29 декември 2015Демократскиот народен конгрес (ДТК), најголемиот политички форум на курдски невладини организации во Турција, во неделата (27.12.), усвои декларација со 14-члена, во кој за првпат се претставени главните принципи на нивното барање за самоуправа. Документот предлага создавање на автономни региони во југоисточниот дел на Турција, но, исто така, нагласува дека оваа цел би се постигнала преку преговори, со усвојување демократски устав, во рамките на демократска Турција. Месут Јеген, професор на Сехир универзитетот во Истанбул, вели дека конгресот усвоил умерена, но значајна декларација, за која ќе се водат дискусии во наредните недели.
„Декларацијата го поздравува актуелниот отпор во градовите во регионот, но сепак ја дефинира курдската борба како борба во Турција, за повеќе демократија во Турција“, изјави Јеген за Дојче Веле, додавајќи дека курдско движење за првпат испорачало детален текст за својата желба за автономија.
„Морам да кажам дека очекував оти идеите за фаворизирање на еден вид отцепување од Турција ќе победат. Но курдското движење објави дека ќе продолжи со својата борба ширум земјата односно во Турција, како дел од борбата за демократија во Турција“, додаде тој.
Јеген подвлекува дека декларацијата покажа оти курдското движење останува посветено на мировниот процес, каков што беше дефиниран од страна на затворениот лидер на ПКК, Абдула Оџалан, во 2013. година.
„Курдското политичко движење знае дека многу Курди не би поддржале отцепување. И Курдите и Турците ќе треба да платат висока цена. Секој гледа што се случува во Ирак и во Сирија“, вели тој.
Закочени мировни договори
Мировниот процес меѓу турската влада и курдската работничка партија ПКК, чија цел беше ставање крај на тридеценискиот конфликт кој однесе 40 илјади животи, беше прекинат во јули.
Неколку курдски градови и општини во југоисточна Турција беа под 24 часовен полициски час со недели додека турката војска изведуваше операции против милитантите симпатизери на ПКК, кои направија барикади за да ги спречат безбедносните сили да влезат во населeните места. Жителите на курдските градови, меѓу нив и оние на Дијарбакир, пак, во повеќе наврати протестираа против насилството.
Турската влада порача дека ќе го искорени и последниот „терорист“ од турска почва и ги обвини турските политичари дека провоцираат насилство.
Месут Јеген вели дека на политиката на турската влада ѝ недостасува каква било одржлива стратегија и оти двете страни многу веројатно ќе се соочат со растечки притисок да ги продолжат мировните преговори.
„Турција не е во позиција да си дозволи повеќе судири или тензии. Верувам дека во некој момент преговорите одново ќе започнат“, вели тој.
Беркај Мандираџи, експерт за курдскиот конфликт во Меѓународната кризна група (ИЦГ), невладина организација која се занимава со вооружени конфликти, вели дека резултатите на Демократскиот народен конгрес би можеле да придонесат за политичко решение на конфликтот, но исто така подвлекува дека ќе биде потребна поголема флексибилност од двете страни.
„Ако двете страни не покажат конструктивност, војната во југоисточна Турција би можела да се прошири. Изгледа дека Анкара сфати дека воената опција нема да го реши проблемот. Преговорите би морале да започнат“, вели Мандираџи.
Топката е на половината на Анкара
Според истражувачот на ИЦГ, актуелната турска влада, предводена од партијата АКП, го држи клучот за изнаоѓање решение за конфликтот.
„Во разрешувањето на конфликтите, можните влади навистина играат улога и навистина прават разлика. А во Турција имаме силна влада. Партијата АКП дојде на власт и единствена раководи со владата по огромната победа на изборите во ноември“, истакнува Мандираџи.
„Но разочарува фактот дека премиерот Ахмет Давутоглу ја откажа планираната средба со прокурдската партија ХДП, со образложение дека нејзината политика е заснована на насилство. Владата мора да ја ревидира таквата одлука. Не е мудро да се изолираат ХДП и нејзините поддржувачи. Важно е владата на АКП да ги вклучи нив во процесот за создавање нов устав“.
Мандираџи исто така потенцира дека деескалацијата во југоисточна Турција и враќањето кон преговорите се во интерес и на западните сојузници на Турција, кои од неодамна ги фокусираа своите напори кон борбата против „Исламската држава“.