1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Курдите бараат автономија, насилството продолжува

З. Јордановски (дв, дпа, афп, ртр)28 декември 2015

Курдите побараа автономија, премиерот на Турција ги исклучи од разговорите за уставна реформа. Острата акција на војската против ПКК ќе потрае, а според досегашното искуство ќе донесе само жртви, но не и решение.

https://p.dw.com/p/1HUf7
Фотографија: picture-alliance/AA/Stringer

Турскиот премиер Ахмет Давутоглу ја повлече поканата за учество на курдски претставници на претстојните разговори за уставна реформа. По нивното „речиси дрско“ барање за автономија Курдите не можат да бидат партнер во разговорите, изјави тој денеска. Зборовите на исламско-конзервативниот политичар Давутоглу се упатени на адреса на прокурдската Партија на народите (ХДП), четврта по големина пратеничка група во турскиот парламент.

Вчера, во завршната декларација од дводневната средба на повеќе курдски организации - меѓу нив и ХДП - одржана во Дијарбакир, со оглед на насилството на југот на Турција, е побарана автономија за регионот претежно населен со Курди. Тоа барање може натамошно да ја зголеми затегнатоста во односите на Курдите со владата во Анкара. Претседателот Реџеп Тајип Ердоган претходно, во саботата навечер, изјави дека Турција нема да толерира основања на друга држава во рамките на сопствените граници.

Премиерот Давутоглу неделава ќе води први разговори со другите пратенички групи во парламентот за реформа на уставот, со крајна цел за јакнење на улогата и моќта на претседателот на државата. Владеачката партија АКП нема доволно пратеници и е принудена за реформата да бара поддршка од опозицијата, која досега беше решително против.

Страв од сепаратизам, жестока акција на војската

Турција стравува дека воените успеси на курдските борци во соседна Сирија би можеле да му дадат крилја и на сепаратизмот кај Курдите во Турција. Турските безбедносни сили во моментов спроведуваат остра офанзива против бунтовниците од забранетата Работничка партија на Курдистан (ПКК). Таа акција предизвика критика на владата од страна на синдикатите во земјата. Тие за утре свикаа еднодневен штрајк во знак на протест против постапката на војската.

Türkei Sirnak Cizre Einsätze gegen die PKK
Турски полицаец во ЏизреФотографија: picture-alliance/AA/Stringer

Во изминатите 2 недели се убиени повеќе од 200 курдски востаници. Има и цивилни жртви. На телевизијата можеа да се видат снимки од експлозии во градот Џизре со околу 100.000 луѓе, на границата кон Сирија, каде според наводи од војската, вчера биле убиени тројца турски војници.

Само во Џизре, во офанзивата на турската војска досега има 139 жртви - според армијата борци на ПКК, додека според локалните жители меѓу загинатите има многу цивили и деца.

Со конфликтот се опфатени и Дијарбакир, Мардин, Сирнак. Турската армија стравува дека ПКК сака судирите да ги прошири и во други градови и затоа возвраќа со полна сила: по улиците патролираат тенкови и бијат со гранати врз станови во кои се забарикадирани борци на ПКК. Илјадници жители се скриени во визбите или побегнале од Џизре.

Türkei Kurdistan Diyarbakir Ausschreitungen Polizei
Со конфликтот е опфатен и ДијарбакирФотографија: Getty Images/AFP/I. Akengin

Расположението се промени

Жителите и’ префрлуваат на армијата дека кон сопствените жители се однесува како да е во непријателска земја. Тие укажуваат дека до пред само половина година расположението било сосем поинакво и оти постигнале рамноправност со „турските браќа“ и не се чувствувале изолирани. Но, тогаш претседателот Ердоган го откажа примирјето и повторно започнаа оружените инциденти и борби.

ПКК, која ЕУ и САД ја третираат како терористичка организација, веќе три децении се бори за поголема автономија на Курдите во Турција. Владината партија АКП најави дека сака најдоцна до пролет да ја заврши сегашната акција на војската. Тоа значи дека борбите може да потраат уште со месеци. Премиерот Давутоглу сака дефинитивно да ја победи ПКК. Но, во изминатите 30 години се виде дека таа цел не може да се постигне со оружје. Постојано наново се покажува дека колку поостро реагира војската, толку полесно ПКК успева да придобие нови борци. Така продолжува да се врти спиралата на насилството на југот на Турција.