1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

САД стравуваат од стотици илјади нови Ковид- инфекции дневно

ЖА / агенции
6 август 2021

Делта сојот се шири низ САД, директорката на Центарот за контрола и превенција на болести презентира мрачна прогноза доколку не се забрза вакцинацијата

https://p.dw.com/p/3yckg
USA Seattle | Coronavirus | Ausbruch Delta Variante
Фотографија: Gregg Brekke/ZUMA Press Wire/picture alliance

Шефицата на Американскиот центар за контрола и превенција на болести, ЦДЦ, предупредува од стотици илјади нови инфекции со коронавирус дневно во САД. Но, доколку во земјата завладее поголема свест, ако се забрза вакцинирањето на невакцинираните и ако луѓето повторно носат маски, ситуацијата во неколку недели може да се доведе под контрола, изјави Рошел Валенски за ТВ СиЕнЕн. „Нашите прогнози велат дека ако не преземеме брзо нешто, би стигнале до неколку стотици илјади случаи дневно, слично на порастот на почетокот на јануари“. Валенски укажа на експоненцијалниот раст на инфекции во повеќе делови од земјата, на пример во сојузната држава Флорида. Но, истовремено мора да се констатира дека порано при ваков висок број на инфекции имаше многу повеќе смртни случаи, сегашната поинаква ситуација е резултат на вакцинирањето против коронавирусот, истакна директорката на ЦДЦ.

Таа укажува дека и некои од вакцинираните може да заболат од Ковид-19, но текот на болеста по правило е благ. „Но, она што вакцината сега не може да го запре, е пренесувањето на вирусот“, изјави Валенски, имајќи ја во вид брзо ширечката Делта варијанта.

USA Washington | Coronavirus | Rochelle Walensky
Рошел Валенски, директорката на ЦДЦ, со сериозни предупредувањаФотографија: Stefani Reynolds/The New York Times/AP/picture alliance

Делта сојот во САД со нивните 330 милиони жители доведе до силен пораст на новоинфицирани – додека во јуни дневно се регистрираа по 10.000 нови случаи, сега во просек официјално се бележат речиси 90.000.

Ваквиот развој го наведе интернетскиот концерн Амазон да го пролонгира планираното враќање на своите вработени во канцелариите до јануари. Наместо 7 септември, сега во план е враќање во бироата на 3 јануари 2022 година, соопшти претпријатието, тоа ќе важи и за вработените во другите земји.

-повеќе: 

Вработените во Гугл и Фејсбук мора да се вакцинираат

Бајден: Дезинформациите за коронавирусот убиваат луѓе; Фејсбук ја отфрла критиката

Фотографија на денот: Вакцинираните во САД се збогуваат од маските

Вработените кои во меѓувреме доаѓаат во канцелариите, мора да продолжат со носење маски или да докажат дека се целосно вакцинирани против коронавирус. Амазон вработува преку еден милион луѓе, од кои само помал дел извршуваат класични канцелариски работи. Поголем дел работат во логистички центри и во достава. За разлика од Гугл и Фејсбук, Амазон досега не воведе обврска за вакцинирање за вработените.  

Во меѓувреме американската влада уште нема донесено одлука дали во иднина од сите патници од други држави кои влегуваат во САД ќе се бара да бидат комплетно вакцинирани.

„САД засега ќе ги задржат актуелните ограничувања за влез во земјата“, изјави коородинаторот за коронавирус во Белата куќа, Џефри Зинтс, со оглед на Делта варијантата. Во владата продолжуваат разговорите како во иднина да се овозможи безбеден влез во САД, можно е прикажување доказ за имунизација да биде услов за влез, но засега тоа уште не е дефинитивно решено.