1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Бајден: Дезинформациите за коронавирусот се убиствени

ЖА / агенции
17 јули 2021

Со лажните вести на социјалните медиуми, според американскиот претседател Џо Бајден, големите оператори сносат одговорност за смртта на многу луѓе. Фејсбук ја отфрли критиката

https://p.dw.com/p/3wbX5
USA Washington | Auf den Weg zum Camp David | President Biden
Фотографија: Pool/ABACA/picture-alliance

На прашањето на еден репортер каква е неговата порака во поглед на ширењето дезинформации на платформи како Фејсбук, американскиот претседател Џо Бајден одговори: „Тие убиваат луѓе". Корона кризата во САД се претвори во „пандемија на невакцинирани“, дополни Бајден на средба со новинарите пред Белата куќа.

Од аспект на американската влада, лажните вести и дезинформациите на социјалните медиуми како Фејсбук се соодговорни за колебливоста и одбивноста на многумина Американци кон вакцините против коронавирус. Бројот на новоинфицирани во САД во регионите со ниска стапка на вакцинирани повторно бележи нагло покачување, потпомогнато од посебно преносливата Делта варијанта на коронавирусот.

Вакциналната кампања бележи бавен напредок. Според здравствената служба ЦДЦ, во меѓувреме во САД целосно вакцинирани се преку 160 милиони луѓе. Околу 185 милиони лица примиле најмалку прва доза од вакцините, што изнесува околу 56 % од вкупното население.

Неодамна и највисокиот претставник за здравство во американската влада, Вивек Марти, предупреди од влијанието на дезинформациите. „Денес живееме во свет во кој лажните вести претставуваат директна и непосредна закана за здравјето на нашата нација“, истакна Марти.

Во просек во изминатите денови во САД се регистрираат околу 26.000 новоинфицирани дневно, што е зголемување за 70 % споредено со претходната недела. Се зголемува и бројот на луѓето кои поради заболување од Ковид-19 се примаат во болници, како и неделниот број на смртни случаи.

-повеќе:

КјуАнон и корона: Теориите на заговор земаат замав

Зошто американските евангелисти толку многу се противат на вакцините?

Дезинформациите во текот на пандемијата придонесоа меѓу другото и за тоа луѓето да не носат маски, а врз нивна основа сега многумина решаваат да не се вакцинираат. Модерните технолошки претпријатија овозможија „труење на нашата информативна средина со лажни вести“, истакна Марти.

Фејсбук се брани преку својот портпарол. „Нема да се осврнуваме на обвинувања кои не се доволно базирани на факти“, соопшти портпарол, дополнувајќи – факт е дека преку две милијарди луѓе на Фејсбук наоѓаат важни и точни информации за коронавирус. Освен тоа, 3,3 милиони Американци ја користеле функцијата на Фејсбук со која корисниците можат да најдат каде и кога можат да бидат вакцинирани.