1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рускиот гасовод во срцето на Европа

Џо Харпер
10 мај 2018

Дури и доколку пропадне, планираниот руско-германски гасовод веќе успеа да оствари една цел на Кремљ: предизвика поделби на Западот. Но, многумина веруваат дека комерцијалниот интерес ќе преовлада и гасоводот ќе се гради

https://p.dw.com/p/2xRJh
Deutschland Ukraine-Gipfel in Berlin
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Schreiber

Гасоводот Северен тек 2 ќе го концентрира речиси целиот руски извоз во ЕУ на една рута, удвојувајќи го количеството на гас кој се транспортира од Русија во Германија на 55 милиони кубни метри годишно.
Трошокот за изградбата на 1.200 километри долгиот гасовод се проценува на околу 9,5 милијарди евра, а изградбата по дното на морето се очекува да започне во 2019 година.

Изградбата на германскиот терминал во градот Лубмин започна на 3 мај годинава.

Но гасоводот ја поларизираше дебатата во ЕУ, како и односите меѓу блокот и САД, дополнително оптоварувајќи ги конфузните односи меѓу ЕУ и Русија.
„Никогаш не сум видел комерцијален проект за кој било толку интензивно дебатирано на највисоко ниво на европската политика“, изјави неодамна потпретседателот на Европската комисија за енергетика Марош Шефчович.

Меѓусебна зависност

И Брисел и Москва сфаќаат дека и покрај судирите околу Сирија и Украина, тие си требаат едни на други. На Русија и е потребен пазар за извоз на нафта и гас, а на Европа и се потребни евтини и сигурни извори на енергија.

Северен тек- кој ги доби сите неопходни градежни дозволи од германските власти на почетокот на годинава- е еден од најконтроверзните проекти на широката коалиција на ЦДУ и СПД во Германија. Проектот го туркаа поранешниот министер за надворешни работи Зигмар Габриел и екс-канцеларот Герхард Шредер, кој е и на чело на целиот проект. Обајцата беа повеќе загрижени за долгорочните потреби на Германија, одошто за заштита на слабата украинска економија.

Karte Nord Stream Pipeline ENG
Вака изгледа планот за гасоводот кој треба да минува под Балтичкото море

Таквиот став можеби се промени откако канцеларката Меркел ја призна важност од заштита на украинските интереси кога ќе истече актуелниот договор за снабдување во 2019 година.

„Ова не е само економски проект, туку... и политичките фактори мора да бидат земени во предвид“, рече Меркел по средбата со украинскиот претседател Петро Порошенко во април годинава.

Проблеми со ЕУ законите

Две германски компании, подружниците на БАСФ- Винтершал и Унипер, ќе треба да обезбедат по 950 милиони евра за кофинансирање на проектот, иако најголемиот дел од трошоците ќе отпаднат на рускиот Газпром, кој исто така треба да го снабдува и гасот.

И тоа ги компликува работите. Актуелното законодавство на ЕУ- Третиот енергетски пакет- се однесува на гасоводот, и во него се наведува дека компаниите не можат да имаат мнозинска сопственост и врз снабдувањето и врз дистрибуцијата и мораат да овозможат влез и на конкуренти во нивниот гасовод.

Водечките руски банки исто така се ограничени во можноста да подигнуваат капитал на меѓународните пазари поради санкциите од ЕУ и САД.

„Мислам дека гасоводот нема набрзо да биде завршен. Банките ќе се колебаат да даваат средства“, вели Јулија Фајл, адвокатка во Дентонс, за весникот Ханделсблат.

Противници на гасоводот

Притоа, повеќето ЕУ членки и Европската комисија го сметаат проектот за политички штетен. Се противат Полска, Украина и балтичките држави кои тврдат дека гасоводот ќе ја зголеми зависноста на Европа од рускиот гас. Порошенко ја повика Германија да ги сопре плановите за изградба на Северен тек 2, тврдејќи дека тоа ќе значи „економска и енергетска блокада“ на неговата земја.

Russland Altbundeskanzler Schröder bei Putins Amtseinführung
Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер е главен промотор на проектот и близок пријател на Владимир ПутинФотографија: picture-alliance/AP/SPUTNIK KREMLIN/A. Druzhinin

„Без транзит низ украинска територија, веројатноста од голем конфликт меѓу Русија и Украина се зголемува“, вели Јури Витренко, директор на украинската енергетска компанија Нафтогаз.

Поранешниот полски министер за надворешни работи Витолд Васчиковски, во 2017 година изјави дека Брисел и Берлин сакаат преку гасоводот да ја казнат неговата земја поради непослушноста.

Проектот го иритира и американскиот претседател Доналд Трамп. „Германија пумпа милијарди во Русија“, изјави неодамна Трамп за време на средбата со балтичките лидери.

Група американски законодавци од сите партии неодамна го повикаа Трамп и неговата администрација да ја блокираат изградбата на Северен тек 2 со казнување на компаниите кои ја финансираат неговата изградба.

Пет европски енергетски фирми се дел од проектот- Енгие, ОМВ, Шел, Унипер и Винтершал.

„Ние сме против гасоводот, би преферирале тој да не се гради“, изјави Сандра Оудкирк, претставник за енергетика на Стејт Департментот.

Американскиот секретар за трговија Вилбур Рос предложи Европа да увезува повеќе течен гас од САД.

Ostesee-Pipeline Nordstream
Во очекување на изградбата на новиот гасоводФотографија: picture alliance/dpa/J. Büttner

Комерцијална логика

И покрај бројните тешкотии, многумина веруваат дека гасоводот има комерцијална смисла. Професорката Бренда Шафер, експерт за Русија на Универзитетот Џорџтаун, за ДВ објаснува дека гасоводот е потребен од три причини.

„Прво, тој значи чиста енергија за Германија. Второ, за Германија односите со Русија се многу важни, а трговијата со гас се смета за значајна компонента во тој однос. И трето, транзитот на гас преку Украина до Германија ќе стане многу поскап откако Русија ќе започне да произведува во северниот Арктик“, вели таа.

Некои земји во источна Европа, вели таа, кои се гласни критичари на проектот, всушност би можеле да добијат поголема сигурност во снабдувањето доколку транзитот оди преку Германија.

„Ослободувањето на Украина од зависноста од руското транзитни маржи не мора да биде лошо, односно ќе биде добро на рускиот ентитет во Украина да му се одземе силната улога во украинската економија“, вели Шафер.

На средината на април годинава, германскиот министер за Европа повика на нова политика на намалување на тензиите со Русија. Михаел Рот тогаш рече дека Германија не може да си дозволи да ја отфрли Русија како непријател.