1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тројански коњ на Русија во ЕУ

Џо Харпер
17 ноември 2017

ЕУ ја разгледува можноста од испорака на руски гас преку планираниот гасовод „Северен тек 2“. Многумина во овој гасовод гледаат само средство кое на Русија ќе ѝ овозможи поголемо влијание во земјите од ЕУ.

https://p.dw.com/p/2nkeG
Russland Nordstream Gaspipeline
Фотографија: picture alliance/dpa/A. Kudenko

Полска, Балтичките земји и останатите членки на ЕУ уште одамна тврдат дека гасоводот „Северен тек 2“ се коси со европските енергетски цели, осмислени на начин да го диверзифицираат снабдувањето со енергија, да ја намалат зависноста од Русија и да се остане на трансфер на гас низ постојните гасоводи во Украина. Планираниот гасовод би ги дополнувал постојните со два дополнителни цевководи и би ја удвоил количината на гас транспортиран од Русија до Германија. Тие би оделе паралелно со постоечкиот гасовод „Северен тек“ и се предвидува да транспортираат 55 милијарди кубни метри гас годишно и да бидат во функција до 2019. година. Цената на проектираниот гасовод (со должина од 1.200 километри) се проценува на 9,5 милијарди евра. Изградбата е планирана за следната година. 

Гасоводот би го концентрирал речиси целиот руски извоз на една траса, што според критичарите, на Русија би ѝ олеснило да ги отсече своите клиенти во Источна Европа или да ги заобиколи нивните транзитни мрежи. Полската Канцеларија за антикартелска борба, УОКиК во јули одби одобрување на проектот, со образложение дека „Северен тек 2“ ја ограничува слободната конкуренција на пазарот. Полскиот министер за надворешни работи Витолд Вашчиковски минатиот месец изјави дека гасоводот е уште еден начин Брисел и Берлин да ја казнат неговата земја поради тоа што не сака да се потчинува на нивната волја.

Karte Nord Stream Pipeline ENG

Тест за единството на ЕУ

„Во центарот на дебатата е проект кој сее раздор меѓу земјите од ЕУ, ги загрозува енергетските интереси на некои од нив и со тоа и енергетската сигурност на ЕУ во целина“, тврдат Александра Гавиковска Фик и Бартош Висњевски од Полскиот институт за меѓународни односи. Членот на полската влада, Конрад Шимански неодамна за „Фајненшл тајмс“ напиша дека „Северен тек 2“ претставува тест на европското единство. Тој смета дека економските аргументи во прилог на „Северен тек 2“ се отсекогаш тенки, а зависноста на ЕУ од руски гас дополнително ќе ја погоди и украинската економија. Шимански го прогласи „Северен тек 2“ за руски Тројански коњ, чија цел е дестабилизација на стопанството на ЕУ и труење на политичките односи во самата заедница.

Anschluss der Ostseepipeline an Fernleitungsnetz ARCHIVBILD 2011
„Северен тек 2“ е мета на критики посебно во ПолскаФотографија: dapd

Спор и во можната владина коалиција во Берлин

„Северен тек 2“ е многу дискутиран проект и во преговорите за формирање владина коалиција во Германија. Сите се воглавно против него. „Тој проект го слаби користењето на обновливи извори на енергија во Европа“, тврди потпретседателот на Зелените, Оливер Кришер, а „ја јакне зависноста од автократот Владимир Путин“.

Политичарот од Либералите и бивш државен секретар во Министерството за надворешни работи, Михаел Линк , побара преиспитување на проектот: неговата партија сака да работи на заедничка енергетска политика на ЕУ и да ја намали зависноста од руски енергенси. „Тие цели нема да бидат достигнати ако се оствари проектот 'Северен тек 2'“, рече Линк. Политичарот од ЦДУ и поранешен шеф на Комитетот за надворешни работи, Норберт Ретген, го дели истото мислење: „Новата коалиција не би требало да се раководи од интересите на одредени компании или дури и поединци“. Истовремено, СПД го поддржува проектот.

„Германија во моментов е најголем увозник во ЕУ на руски гас“, потсетува аналитичарката од Центарот за европска политика, Аника Хедберг: „Поради руската инвазија во Украина и анексијата на Крим, егзистира стравување дека зголемувањето на користењето руски гас на 60 проценти, ќе ѝ овозможи на Москва поголемо влијание во Германија и во целата ЕУ.“

На потег е Европската комисија

Европската комисија најави проверка колку целиот проект е во согласност со нејзините одредби. Со гасоводот би требало да се позанимаваат и регулативните тела на Данска, Финска и Шведска, зашто тој би минувал низ нивните поморски територии. 

Претставничкиот дом на САД на 25. јули усвои закон за заострување на постојните санкции против руски компании и поединци.  Во законот е наведено дека Русија го користи извозот на енергија за потчинување на соседните земји и дека проектот на Газпром „штети на енергетската сигурност на ЕУ“. А Вилбур Рос, министер на САД за трговија, на Европа ѝ предложи да го поправи трансатлансткиот трговски биланс на тој начин што ќе купува повеќе течен природен гас од САД.