Русија: Заземена е челичарницата Азовстал
21 мај 2022Сите борци во опколената челичарница Азовстал, според руски наводи, се предале. Со тоа индустриската зона и градот Мариупол се под целосна руска контрола, соопшти Министерството за одбрана во Москва. Во руско заробеништво, како што се наведува од руска страна, се вкупно 2439 украински војници.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го известил претседателот Владимир Путин дека „фабриката и градот Мариупол се целосно ослободени“. Според Министерството за одбрана во Москва, во заробеништво е земена и последната група од 531 украински борци. Индустриската зона беше блокирана од руските војници од 21 април.
Украина дала наредба за предавање
Командантот на полкот Азов, како што се вели, бил однесен со специјално оклопно возило. Претходно, преостанатите украински бранители на челичарницата на Азовско Море за првпат објавија дека нивната армиска команда им наредила да престанат да го бранат градот. Тоа во видео порака го изјави командантот на контроверзниот полк Азов, Денис Прокопенко. Со тоа требало да се заштитат животот и здравјето на војниците.
Во понеделникот (16.05) се предадоа првите 264 војници, меѓу кои и над 50 тешко повредени. Според руски извори, во текот на неделата во заробеништво биле носени уште украински борци.
- повеќе: Русија: Смртна казна за заробените борци од полкот Азов?
Во Москва постојано се велеше дека во челичарницата има околу 2500 украински борци, додека владата во Киев зборуваше за 1000 борци.
- повеќе: Пеколот на Азовстал: Сведоштво на евакуирана Украинка
Украинското раководство до последно зборуваше за „операција на спасување“, а не за капитулација и најавуваше можна размена на заробеници со Русија. Руските власти повеќепати укажаа дека во најмала рака дел од борците ќе бидат третирани како неонацистички борци, а не војници.