Пораки од Берлин по повод обвиненијата за косовските лидери
26 јуни 2020„Секому треба да му е јасно дека на обвинителна клупа не е ОВК, туку поединци кои во тоа време биле на водечки функции во ОВК“, изајви за ДВ пратеникот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Петер Бејер, член на Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг. Коментирајќи го обвинението против Хашим Тачи, Кадри Весели и останатите осум лица, Бејер категорично нагласува дека „постигнатите заслуги на самата ОВК не се спорни“.
Бејер нагласува дека „косовскиот народ тоа би требало да го гледа како позитивен сигнал дека земјата тргнува во правец на функционална правна држава“.
„Помирувањето е многу важен елемент во обработката на военото минато, а тоа може да функционира само ако воените злосторства - без оглед на тоа кој ги извршил - бидат обелоденети и правно процесирани, односно казнети“, заклучува Бејер.
Повеќе:
Тачи се надеваше дека Вашингтон ќе го спаси
Косовскиот претседател Хашим Тачи обвинет за воени злосторства
Размената на територии меѓу Србија и Косово не е решение
Бодо Вебер: Обвинителите се плашеле од „дил“ во Белата куќа
Германскиот политиколог Бодо Вебер за ДВ укажува дека било „одамна јасно дека Специјалниот суд ќе подигне обвинение против Тачи“, ако се имаат предвид „напорите кои претседателот Тачи ги вложи во последните три години во преговорите за сеопфатен и конечен договор со Србија, но и неговата приватизација на водечката преговарачка позиција, неговото упорно поттикнување на опасна размена на територии“ и сето тоа со една цел - „со таквиот договор да избегне кривично гонење“.
За моментот во кој е објавено предлог обвинението германскиот политиколог Вебер вели: „Изгледа дека времето на објавување укажува на тоа дека обвинителите се плашеле од можен ’дил’ во рамки на планираните, а сега откажани преговори во Белата куќа оваа сабота - било тој страв да е оправдан во конкретниот случај или не“.
На прашањето на ДВ дали тоа значи дека специјалниот обвинител, наспроти она што многумина го претпоставуваат, сепак делува независно од американската администрација, Вебер потсетува дека и точно пред една година, во време на оставката на Харадинај, дури и во кругови на некои европски влади се шпекулирало за тоа дали постои политичко влијание врз судот, конкретно - влијание на Трамповата администрација. Зашто, смета Вебер, „таа оставка послужи како политичка поддршка за договорот за размена на територии“.
„Актуелниот потег на обвинителите, колку и да е необичен, со тоа што се противи директно на интересите на Трамповата администрација, ја потврдува независноста на Ден Хаг“, вели Вебер.
Неказнети злосторства
Пратеникот на Зелените во германскиот Бундестаг, Мануел Сарацин, кој исто така е член на Комисијата за надворешна политика, како и претседател на Друштвото за Југоисточна Европа, за ДВ оцени дека има премногу неказнети злосторства, дури и 20 години по крајот на војната.
„Затоа го поздравувам тоа што косовските специјални судови подигнаа обвинение против Хашим Тачи и Кадри Весели. Се надевам дека тоа ќе го намали чувството на многу луѓе во регионот дека воените злосторници кај сите страни во војната уживаат неказнети до денес“, нагласи Сарацин.