Пописот ги разбранува партиите
30 март 2022Резултатите од пописот на кој се чекаше две децении за да се утврди бројката на жители во Северна Македонија предизвикаа лавина реакции. Додека едни оценуваат дека станува збор за големо достигнување што земјата конечно доби статистичка слика врз основа на која ќе се градат социјални, демографски и економски политики барем во наредните 10 години, други критикуваат дека станува збор за нецелосни податоци кои даваат искривена слика за демографската карта во државата, поради што не ги признаваат.
Бенефит за сите граѓани
Европската Комисија го поздрави пописот во Северна Македонија нарекувајќи го големо достигнување. Портпаролката на Европската Комисија, Ана Писонеро за МИА изјави дека Комисијата го поздравува пописот, спроведен првпат од 2002 година.
„Ова е големо достигнување: обновени податоци за населението се суштински за планирање и имплементирање на соодветни социјални, демографски и економски политики за бенефит на сите граѓани“, изјави Писонеро.
Премиерот Димитар Ковачевски оцени дека пописот е спроведен по сите европски статистички стандарди и дава податоци кои беа оценети како сигурни, веродостојни, валидни и корисни. „Пописот содржи релевантни информации за реалната состојба на населението, со што на државата и се овозможува да планира и креира политики од интерес на граѓаните и бизнисот“, оцени тој.
Кој доби, а кој изгуби?
Задоволен е и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. „Денеска Северна Македонија, по 20 години, има појасен увид во врска со целокупното население и процентот на заедници во државата. Албанците се 29,5 проценти во општата популација и 24,3 отсто во резидентно население, додека во градот Скопје 22,8 отсто (од 20,04 отсто во 2002 година)“, порача Ахмети.
Тој објави табели за бројната и процентуална застапеност на етничките заедници во општата популација, како и во резидентното и во нерезидентното население. Според овие податоци, од вкупно 260.606 лица опфатени со пописот како нерезидентно население, кое моментно не живее во државата,172,942 или 66,36 отсто се етнички Албанци.
Лидерот на ДУИ објави и табела, според која, ако од вкупно попишаните се издвојат 132. 260 лица за кои податоците се земени од административни извори, тогаш смета дека процентуалната застапеност на етничките Албанци би била 31,51 отсто.
Поразителни бројки
За опозицијата, бројките од пописот се поразителни, а операцијата е некомплетна. Според Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, пописот ваков каков што е покажува алармантни бројки кои што се поразителни за сите општини освен за градот Скопје, и за целата држава, особено со тоа што има преголемо иселување.
„Пописот власта сака да го покаже како успех, иселувањето покажува дека истиот е неуспех, а бројката од 7.2% неизјаснети покажува дека овој попис е некомплетен. Пописните бројки се показател за неуспех, бидејќи има силен бран на иселувања, имаме операција спроведена со низа забелешки, и со многу политика и затоа сметаме дека ваквите бројките секој има право во истите да се сомнева“, вели Милошоски.
Според опозицијата, за првпат во С. Македонија има една сериозна бројка од 7.2% или повеќе од 132.000 граѓани за коишто Државниот завод за статистика не успеал да ја дефинира припадноста. Ваквите податоци, смета Милошоски, пописот го прават некомплетен.
Резерви за веродостојноста
По објавувањето на резултатите од пописот на населението, Алијанса за Албанците изрази резерви за веродостојноста на пописот. „Над 132,000 граѓани не се попишани на терен, додека ние сметаме дека бројот од околу 260.000 граѓани кои што живеат надвор не соодветствува со реалноста и со публикуваните податоци од страна на меѓународните организации“, вели Халил Снопче, пратеник на Алијанса за Албанците.
Резултатите од пописот ги оспорува и политичката партија Левица. Како што истакна на прес-конференција во Собранието пратеникот Борислав Крмов, еден од најголемите проблеми е попишувањето на дијаспората, за што „со еднострано лобирање на министрите на ДУИ, како и користењето на државјанство како главен критериум за попишување, дошло до помешување на резидентното население и иселениците“. Според Крмов, од резултатите произлегува дека непопишани се 300.000 државјани.