1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прва глобална војна

10 март 2022

Првата глобална војна се одвива во секоја држава, меѓу сограѓани во ист град, околу масите во семејните кујни каде започна културата на тивка кохабитација меѓу премолчената вистина и бруталната лага. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/48HM5
Russischer Einmarsch in die Ukraine
Фотографија: Felipe Dana/AP/picture alliance

Consider this the hint of the century Consider this the slip That brought me to my knees – R.E.M.

Дали војната во Украина ќе се случеше порано, доколку на претседателските избори во САД во 2016 година победеше Хилари Клинтон, омразениот лик на Владимир Путин? Дали победата на Трамп доведе до промена на плановите во Кремљ за поинаков, „мирен” пристап во анексијата на Украина? Дали гневот на Путин е заснован на стравувањата дека „добрите времиња” се веќе завршени и заминати? Прашања за историјата, историчарите и архивските материјали и вистини кои нашите поколенија ќе ги дознаваат од пристојна временска дистанца. Дотогаш, упатно е низ поставените прашања да размислиме за последиците кои ќе уследат по крајот на војната, во надеж дека таа нема да донесе до поширок контекст или катаклизмичен епилог.

Четири клучни моменти

Гледано од сопствена призма, постојат четири клучни моменти кои долгорочно ја имаат одредено судбината на светот по крајот на Втората светска војна. Првиот момент е убиството на Џон Фицџералд Кенеди во 1963 година, како раскрсница помеѓу Америка на Рузвелт и Америка на Кисинџер. Настаните кои ќе следат – Вотергејт, Виетнам, оставката на Никсон - иако неповрзани, се бранувања предизвикување од петте истрели во Далас, Тексас. Вториот момент се бурните младински протести од втората половина на 60-тите години ширум западна Европа предизвикани од глетките од Виетнам во дневните соби и заситеноста од патријархалниот конзервативизам на генерацијата на младите родени полни со сомнеж за улогата на родителите им во Втората светска војна. Третиот момент е убиството на лидерот на Чиле, Салвадор Аљенде при воениот удар воден од генералот Пиноче, како вовед во крвавите децении ширум Латинска Америка. Четвртиот момент е враќањето на Ајатолах Хомеини како водач на Исламската Република Иран и почеток на крвавите војни ширум арапскиот свет.

Неславното петто место

Интересно е што и покрај несомнената глобалба битност како земја и центар на идеологија, во тие согледувања недостасуваше некој акт или чин директно поврзан со Советскиот Сојуз или Руската Федерација. Вистина, инвазиите во Чекословачка, Унгарија, Авганистан се секако капитални моменти од историска битност. А сепак, некако недоволни во предизвикување на масивен глобално-општествен пресврт помеѓу минатото и иднината. Дури и распаѓањето на СССР, несомнено битно за колапсот на комунизмот и Студената војна, беше и остана некаква бурна епизода со слаб дијалог, лоша глума и неубедлив cliffhanger епилог кој денес доживува одложен сиквел. Впрочем, сите наведение примери се на овој или оној начин одложени, надополнети, недовршени настани со (ин)директна поврзаност со Втората светска војна. Нападот на Русија врз Украина е чинот со кој Руската Федерација, на сопствена штета и општ жал и гнев, го заслужи неславното петто место во листингот на современи пресврти од глобална битност.

Други колумни од авторот: Слава Україні!

Во рускиот јазик постои збор кој во себе ја содржи сета трагедија на рускиот народ и историја, подеднакво како и коренот на современите тегобни справувања. Зборот е враньё, кој може да се преведе како бела лага или полувистина, искажана без намера за злобна измама туку како фантазија која сака да ја истисне непријатната гола вистина. Коренот и смислата на овој збор кој се смета како типичен руски феномен допираат уште од времето на монголскиот каганат и отскора во комунистичкиот диктат кога лажењето било начин за преживување. Данскиот писател Лејф Давидсен ќе укаже дека во такви услови, во секое семејство имало жртва и екзекутор, па преживувањето било условено од потребата за потиснување на непријатните, неподносливи факти. Жртвата и екзекуторот во семејството собрани околу масата во кујната отворено се лажеле меѓусебно, наоѓајќи соживот во молкот кој го следел искажаната враньа.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Алтернативна реалност

Едноумието на комунизмот резултирало во распространување на културата на враньа ширум источна Европа и светот, јавајќи на бранот на фиктивните успеси на комунистичките водства и прелевајќи се надолу кон сите пори на општеството, вклучително нашето во  некогашна Југославија  или денешна С. Македонија. Хранејќи ја имагинацијата на елитетите и фантазијата на ниските слоеви исполнети со пост-комунистички паранационалистички митови. Падот на блоковските поделби ќе овозможи таквиот пристап кон вистината отпрво да се вклопи во западниот тренд на бели лаги, за со тек на времето да стане составен дел од политичкиот и сеопшт наратив, стил на комуницирање и третирање на реалноста. Сѐ до часот кога во западниот вокабулар ќе се роди нејзиниот пандан или допелгенгер, наречен алтернативна реалност или алтернативни факти како нов, глобално распореден тренд во политиката предводена од  Владимир Путин.  На која наскоро ќе ѝ се приклучат Трамп,  Салвини,  Болсонаро, Ле Пен. Алтернативната реалност и културата на враньа ќе се вткаат во светот на медиуми преку ширење лажни вести, во пандемијата преку хистеријата на антиваксерство, суб-културата на теории на завери ќе вплива во мејнстримот, географијата ќе биде побиена преку тврдења дека земјата е рамна, логиката и науката ќе бидат предизвикани на секое поле како никогаш досега од средниот век наваму.

Други колумни од авторот: Русија бара почит, Путин преферира стравопочит

Масовната психоза на алтернативност  ќе еволуира во религиски размери и слепо послушништво кон новите цркви на „вистината” предводени од „луѓето кои ја зборат вистината”. Само наивните можат да негираат дека е сосема случајно што денешните поддржувачи на  инвазијата на Путин во Украина  или пак квази-неутралните странични набљудувачи на агресијата се речиси истите кои доскора тврдеа дека вакцините содржат чипови, дека изборите во САД се украдени, дека во Европа се одвива процес на размена на население итн. За повеќето од нив, Украина е само несакан инцидент во погрешно време, скроен од кабалата на сатанистички финансови педофили кои пијат крв на млади деца во подруми на пицерии во Њујорк за да ги срушат и прогонат мачениците на вистината од типот на Путин и Трамп. Вистинската причина за нивната рамнодушност кон Украина е сепак непријатно соголената вистина за таквите лидери и религии која денес можете да ја видите со голо око низ рушевините во Мариупол или Киев и милионите бегалци од  руската чизма на Путин. За сите нив, Украина е сѐсаканото свирче кое ја пренесува вистината не само за Путин, туку за сета алтернативна култура на алтернативни факти, за културата на враньа која по којзнае кој пат ќе биде платена во крв на невини и рушење на митот за Русија.

Нова религија

Украинската е војна во која судирот е базиран врз напад на Путин и одбрана на Украина. Но таа е само темел околу кој се одвива поширок судир помеѓу концептите на Религијата и верата во политичка и општествена смисла и со глобални рамки. Од една страна се следбениците на враньа и  алтернативните факти,  слепи послушници на Религијата на Путинизмот, Трампизмот, антиваксерство и секој лик и појава која ги негира современите реалности, постигнувања и здравиот разум. Од другата страна на линијата на фронтот се верниците кои веруваат во достигнувањата на науката, на благодетите на образованието, довербата во институциите, хуманоста во кризни времиња. За разлика од првата и втората светска војна во која судирот се одвиваше помеѓу империјалните семејства или блоковските поделби на нациите, ова е своевидна Прва глобална војна во која линијата на судирот се одвива помеѓу жртвите и екзекуторите на глобално ниво, во секоја нација или држава, помеѓу сограѓаните во ист град, околу масите во семејните кујни од кои и започна културата на тивката кохабитација помеѓу премолчаната вистина и бруталната лага. Следејќи ги трошките на таа потрага, извесно е дека драматичното прекршување и финалниот судир помеѓу Религијата и Верата на крај ќе се случува таму каде и што се има родено. Во самата Русија.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач