Почина Британката затруена со новичок
9 јули 2018Британката и нејзиниот партнер беа пренесени во болница пред една недела. Двојката од досега неразјаснето причини дошла во допир со борбениот отров Новичок, со кој во март годинава во Солсбери беше извршен напад врз поранешниот руски двоен шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. Скрипал и ќерка му преживеаја и сега се наоѓаат на непозната локација.
Полицијата вчеравечер соопшти дека е отворена истрага за убиство. Британската двојка беше пронајдена пред една недела во куќа во Ејмсбери, недалеку од Солсбери. Иследниците сметаат дека двојката дошла во контакт со остатоци од бојниот отров Новичок, кои можеби останале од нападот врз Скрипал и ќерка му. Британската влада ја обвинува Русија за нападот врз Скрипал.
Сѐ додека не се пронајде контаминираниот предмет во случајот на мажот и починатата жена, за кои британските медиуми тврдат дека станува збор за нарко-зависници, не се исклучува можноста во допир со отровот да дојдат и други лица. Болницата во Солсбери сепак уверува дека ризикот за населението е мал.
Полицијата блокираше шест области во Ејмсбери и Солсбери, во кои двојката се движела непосредно пред да се појават симптомите на труење. Тука се вбројуваат една аптека, една црква и куќата на 45-годишниот затруен маж. Хостелот во кој престојувала неговата пријателка е евакуиран.