Портланд- епицентар на протестите против Трамп
12 ноември 2016Полицијата употреби солзавец и бомби за зашеметување како одговор на гневните протести во Портланд во сојузната држава Орегон, додека луѓето ширум земјата излегоа на улиците протестирајќи против изборната победа на Доналд Трамп. Портландската полиција вчеравечер на Твитер објави дека солзавецот е користен како одговор на „запаливите проектили“ кои се фрлани на нејзините припадници. Стотици луѓе маршираа низ градот, запирајќи го сообраќајот и пишувајќи графити по зградите. Властите соопштија дека се случиле вандализам и насилства за време на протестот кој демонстрантите го нарекле мирољубив. Покрај тоа полицијата соопшти дека едно лице било повредено од огнено оружје и дека е во потрага по сведоци на инцидентот.
Во другите делови од земјата демонстрации во кампусите на колеџите и мирни маршеви на градските улици се одржуваат од средата. Стотици луѓе во петокот попладне се придружија кон „Митингот за љубов“ во паркот Вашингтон Сквеар во Менхетен. Ноќни маршеви го запреа сообраќајот и во Мајами и Атланта.
Повеќе од илјада демонстранти излегоа на улиците во градовите ширум Калифорнија во текот на ноќта, вклучувајќи ги и оние во центарот на Лос Анџелес каде над 200 луѓе беа уапсени предходната ноќ. Во Бејкерсфелд, каде е Трамп најпопуларен во Калифорнија, некои демонстранти носеа транспаренти на кои пишуваше „Против Трамп, за САД“.
Помали демонстрации, истотака, се одржани во Детроит, Минеаполис, Канзас Сити, Мисури, Олимпија, Вашингтон и Ајова Сити. Над 200 луѓе се собраа на скалите на државниот Капитол во Вашингтон. Групата извикуваше „Не е мој претседател“ и „Не за Трамп, ККК, не за фашистички САД“.
Во Тенеси студентите на Вандербилт универзитетот пееја песни за граѓаниските права и маршираа низ кампусот на улиците на Нешвил, привремено блокирајќи го сообраќајот. Протести исто така имаше и во Минеаполис. Во Чикаго повеќе групи планираат протести за денеска.
Демонстрациите се планирани за денеска и во Лас Вегас, Лос Анџелес и во други градови. Предходните демонстрации привлекоа илјадници луѓе во Њујорк и во другите големи урбани центри. Главно мирољубивите демонстрации се засенети со спорадичен вандализам, насилство и блокада на улиците.
Протести против новоизбраниот американски претседател денеска се најавени и во други делови од светот, меѓу нив и во главниот град на Германија, Берлин.