Подобри вести од Италија, СЗО: вирусот „забрзува“
23 март 2020Бројот на новозаразени од коронавирусот во Италија паѓа втор ден по ред. Официјалните податоци покажуваат 4.789 нови случаи, 700 помалку од вчера. Паралелно паѓа и бројот на жртвите втор ден по ред- денеска се регистрирани 600. Властите се претпазливи во оценките и велат дека е рано да се каже дали епидемијата опаѓа.
„Денеска можам да кажам дека позитивниот тренд е потврден“, изјави Ѓулио Херера, здравствениот комесар на погодениот регион Ломбардија.
„Не е време да се прогласува победа, напротив... време е да се остане пофокусиран од било кога, но можеме да видиме светло на крајот на тунелот“, рече тој.
„Ова се позитивни бројки, но немам храброст да кажам дека трендот оди надолу“, изјави шефот на италијанскиот Национален институт за здравство Силвио Брусаферо.
- Италија: „Никој не знае колку се заболени од коронавирус“
И во Германија, кривата на новозаразени се стабилизира, но првиот човек на Роберт Кох институтот Лотар Вилер предупредува од преголем оптимизам, и вели дека поточни прогнози ќе има в среда.
„Во наши раце е справувањето со епидемијата... Одржувањето социјална дистанца е клучно“, вели Вилер.
Во соседна Австрија, каде веќе една и пол недела во сила се строги мерки за социјално дистанцирање, викендов бројот на новозаразени се зголемил за 15%, што е пад од претходниот дневен раст од 40% пред забраните.
Првиот човек на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Гебрејесус денеска предупреди дека вирусот „забрзува“.
„Беа потребни 67 дена од првиот пријавен случај до првите 100 илјади случаи, 11 дена за вторите 100 илјади и само четири дена за третите 100 илјади“, изјави Гебрејесус.
- СЗО прогласи пандемија: Како најдобро да се подготвите?
Од СЗО притоа соопштија и дека ги истражуваат наводите за нови симптоми на Ковид-19, откако повеќе лекари побараа губењето на чувствата за мирис и вкус да бидат внесени на листата.
Состојба во некои европски земји:
Белгија: Вработен во Европскиот парламент е првиот заразен- вработен во институција на ЕУ во Брисел кој починал од Ковид-19. 40-годишниот италијански државјанин работел во ИТ секторот на парламентот. Последни бројки: 3,743 заразени, 88 жртви, 401 излечени.
Данска: Премиерката Мете Фредриксен ги прошири забраните и другите мерки до средината на април. Последни бројки: 1,572 заразени, 24 жртви, 15 излечени.
Сите текстови, видеа и фотогалерии за коронавирусот на едно место
Франција: Уште двајца лекари починаа од Ковид-19. Последни бројки: 16,937 заразени, 676 жртви, 2,207 излечени.
Грција: Властите ги суспендираа сите летови од Британија и Турција до 15 април. Претходно беа запрени линиите кон Италија, Шпанија и не-ЕУ земјите. Во неделата беа вратени преку 1,000 грчки државјани од странство. Последни бројки: 624 заразени, 17 жртви, 19 излечени.
- Коронавирус: На Балканот нема паника
Унгарија: Забележлив е тренд на забрзано вооружување на граѓаните во страв од влошување на пандемијата и распад на правниот систем. Премиерот Виктор Орбан бара од парламентот да и даде неограничени овластувања на владата и смета дека бројот на заразени е далеку повисок од евидентираниот. Актуелна состојба: 167 заразени, 7 жртви, 16 излечени.
Летонија: Девет министри во владата на премиерот Крисјанис Каринс се во домашен карантин откако се заразиле со коронавирус. Се претпоставува дека се заразиле од еден пратеник. Владата функционира на дистанца и без директни состаноци. Последни бројки: 180 заразени, нема жртви, еден излечен.
Полска: Опозицијата бара одложување на претстојните избори закажани за 10 мај. Владата планира да им овозможи на затворениците да ги отслужуваат казните дома. Последни бројки: 684 заразени, 8 жртви, 13 излечени.