Италија целосно го запира несуштинското производство
22 март 2020Во Италија денеска беа регистрирани нови, речиси 800 смртни случаи од коронавирусот, а епидемијата не покажува знаци на успорување и покрај стриктниот полициски час низ целата земја.
Надлежните соопштија дека бројот на жртви од Ковид-19 достигнал 4.825 луѓе, раст од 793 случаи во еден ден.
Премиерот Конте вечерва најави дека ќе бидат затворени сите производствени капацитети освен оние кои се „неопходни, основни и клучни за гарантирање на основните добра“ за земјата. Конте оцени дека Италија минува низ најтешката криза од Втората светска војна. Супермаркетите и аптеките, засега, остануваат отворени, но Конте не наведе точно што се ќе се затвора. Земјата е во карантин речиси две недели.
Италијанската економија со години е во стагнација, и голем е стравот дека најновата мерка драматично ќе ја влоши економската криза во земјата.