1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Автентичноста на писмото на специјалците-под сомнеж!

Катерина Блажевска29 септември 2015

Поради сомнеж во автентичноста, од МВР не сакаат да го коментираат „наводното писмо“ на специјалците. Безбедносни извори пак тврдат дека е веродостојно и дека обвинителката ќе го добие и официјално.

https://p.dw.com/p/1Gf4Z
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

Постои сомнеж дали е автентично отвореното писмо, со кое специјалци - учесници во полициската акција во Куманово од 9 и 10 мај годинава, преку медумите и се обратија на специјалната обвинителка Катица Јанева, со барање меѓу првите да го расветли тој случај. Ова е причината поради која од МВР не сакаат да го коментираат „наводното писмо“. Извори од таму неофицијално коментираат дека постои огромно сомневање во неговото авторството, односно постои целосна увереност дека не е напишано од припадници на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), со оглед дека тие најногу биле изненадени од 'информацијата' што се појавила во медиумите. На ваков сомнеж ги навел и текстот во наводното писмо, во кое биле забележани многу совпаѓања со идентични фрази кои на социјалните мрежи ги користела одредена партија.

Но, и покрај ваквите сомнежи, до денес од ЕБР не е ниту демантирано, ниту на каков било начин ставено под сомнеж отвореното писмо со кое неименувани специјалци пред три дена, на 26 септември, и се обратија на обвинителката преку медиумите.

„Обвинителке, сведоци сме на една проклето дрска, беспоштедно сурова реалност, каде што оваа ненаситна, лицемерна, лажна и ненародна власт ни ја создаде оваа перверзно болна сегашност. Власт која се дрзна да не жртвува и нас, полицајците, синовите македонски. Во името на нашата идна соработка, храбро и достоинствено ве замолуваме, случајот 'Диво насеље' да го отворите меѓу првите, ја сакаме и заслужуваме вистината. Нашите осум браќа, соборци, се уште не почиваат во мор. Дајте ни наредба и ќе ви го донесеме и ѓаволот од пеколот со лисици на рацете и ќе го клекнеме пред вас!“, се вели во писмото.

Mazedonien Unruhen Polizei
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Писмото е автентично!

Одредена забуна создаде и информацијата објавена вчера во некои медиуми, дека специјалната обвинителка „го добила анонимното писмо... потпишано од учесници во полициската акција во Куманово“.

„Не, не сум добила писмо. Она што го кажав и ќе го повторам, е дека го прочитав писмото во медиумите и запозната сум со неговата содржина“, изјави за Дојче веле обвинителката Катица Јанева. Во оваа фаза таа не коментира дали ќе го постапува по овој случај.

Но, безбедносни извори кои сакаат да останат анонимни, тврдат дека писмото е автентично.

„Писмото е напишано од припадници на ЕБР, кои и по акцијата на одредени нивоа неофицијално го изразија незадоволството од начинот на нејзиното организирање, спроведување и други 'нејасни околности'. Но, поради трагичниот биланс, решија да не реагираат јавно во тој сензитивен момент. Со ова писмо сега ја искажаа намерата да сведочат, а кога новото обвинителство ќе добие конкретна 'адреса', решеноста за учество во расветлувањето на случајот нема да биде повторена преку медиумите, туку директно до институцијата, од лица со име и презиме“, вели нашиот соговорник, на кој специјалци во неколку наврати му ја презентирале намерата да се обратат до обвинителката. Тој не прецизира за колкав број на специјалци станува збор, со став дека откривањето на тој податок или на нивниот идентитет во овој момент би можело да биде причина за огромни притисоци врз нив.

Според безбедносни експерти, барањата за независна истрага се оправдани, бидејќи останале многу неодговорени прашања и за кумановската акција и за мотивите на вооружената група, а особено по сведочењата објавени во косовските медиуми, за наводна поврзаност меѓу воовружената група со македонски безбедносни структури. Три дена по акцијата во Куманово, која беше оценета како високопрофесионално изведена, оставки си поднесоа првите луѓе на МВР и УБК, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков. Премиерот Груевски, во набројувањето на сите нивни дотогашни успеси во работата, како „последен успех“ во таа низа ја посочи и „исклучително успешно изведената полициска акција во Куманово“.

Расчистување на маглите

Аналитичарот Даут Даути вели дека барањето на специјалците да се расчисти овој случај, треба да се сфати исклучиво како потреба за расчистување на „маглите“ околу кумановските настани.

„Често во моите текстови сум пишувал дека ние во Македонија страдаме од недостиг на доверба. Никој никому не му верува на релација власт-опозиција, граѓани-институции, јавност-медиуми...Во таква една општа недоверба, се случи настанот во 'Диво насеље' во Куманово, а како увертира на тоа и нападот во караулата во Гошинце. Уште пред тоа се плетеа приказни, не од слуачјни 'раскажувачи', дека 'нешто се подготвува', а по тој настан, приказните станаа митови. И без сите овие наведени работи, настанот имаше тешки последици по човечки животи, загинаа 8 полицајци, 14 припадници на групата, имаше експерти кои велеа дека акцијата не е водена професионално, а како морален чин беше и оставката на министерката за внатрешни работи. Значи, имаме еден настан со многу тези и контратези, многу прашања кои истанаа без одговор, па така, барањето на припадници на МВР да се расчисти овој случај, треба да се сфати како резултат на сите овие магли, бидејќи ако не се расчистат, ќе се плетат и понатаму приказни и секој ќе верува во тоа што сака, а тоа не е добро. Една темелна истрага е повеќе од потребна, без разлика која институција треба да го направи тоа, без разлика дали само наши или и меѓународни или соседни, со оглед на тоа што во настанот учествуваа претежно граѓани од соседни земји“, вели Даути.

Mazedonien Polizisten bei Schießerei verletzt
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

Засега истрагата е сконцентрирана во Обвинителството. Таму завчера заврши испрашувањето на осомничените припадници на вооружената група, приведени во настаните од 9 мај. Од Обвинителството велат дека се уште се прибираат докази, по што ќе следи одлука за понатамошно делување. Досега не е покренато обвинение против приведената група.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема