Патот до промените поминува низ Теарце
22 декември 2016Патот до изборен резултат е поплочен со добри надежи. Името на надежта е гласачкото место 2011 во селото Теарце - административен центар на истоимената општина во полошкиот регион, која опфаќа уште 12 села: Брезно, Варвара, Глоѓи, Доброште, Јелошник, Лешок, Непроштено, Нераште, Одри, Првце, Пршовце и Слатино. Сите жители делат слични егзистенцијални, инфраструктурни и еколошки проблеми. Со одлуката на Управниот суд за поништување на изборите на тоа гласачко место и со одлуката на ДИК за прегласување, сега од 714 гласачи се очекува да го „решат“ исходот на изборите: да го потврдат сегашниот резултат или да одлучат за „нерешено“, ако по нивното гласање ВМРО-ДМНЕ изгуби еден од освоените 51 мандати, а СДСМ покрај освоените 49 добие уште еден.
Иако голем дел од нив велат дека се неопходни промени, не се впуштаат во прогнозирање на резултатот, како што велат, поради влијанието на „други околности“. Тврдат дека во селото се засилиле партиските активности „од заднина“.
„Се шират разни информации. Дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во прегласувањето, ама дека две други партии требало да му ја завршат работата на терен. И сега сите велат дека на гласачите од Теарце 'им паднала паричката' да ги решат изборите. Според она што се слуша низ селото, изгледа дека тоа со 'паричката' може да игра улога во буквална смисла. Јас не гласам на тоа избирачко место, но дел од оние кои гласаат кажуваат дека веќе биле посетени од 'гости'“, вели жител на селото.
На терен активисти на ДПМНЕ
Слични наводи искажа вчера и Петре Шилегов, носител на кандидатската листа на коалицијата предводена од СДСМ во Изборната единица 6, кој беше во посета на Теарце. Иако ВМРО-ДПМНЕ во саботата објави, а завчера уште еднаш потврди дека нема да учествува во прегласување и нема да ги признае резултатите од прегласувањето, според Шилегов, состојбите на терен покажале нешто друго.
„Груевски рекол, Груевски порекол. Сите информации покажуваат дека уште во текот на вчерашниот ден активистите на ДПМНЕ се на терен. Одат веќе по куќи и имаат набавено списоци со приматели на социјална помош. Продолжуваат и понатаму со нивните подли политики на делба, на уценување на граѓаните. Токму заради тоа велиме дека во Македонија конечно мора да владее слободата, во Македонија конечно граѓаните треба да бидат оставени сами, самостојно, без уцени, без закани и без притисоци да одлучуваат на кого ќе го дадат својот глас. Македонија веќе избра победа, а Теарце само ќе ја запечати таа победа и таа промена“, изјави Шилегов.
На прашањето колку се реални можностите да дојде до промена во освоениот мандат, тој смета дека „тоа е повеќе симболично, отколку потребно за формирање на новата и демократска влада на Република Македонија“.
Но, жители од Теарце посочуваат дека резултатите од прегласувањето ќе откријат многу нешта, а најмногу дали и колку ДПА и ДУИ „одработиле“ за ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните на Теарце заслужуваат да го верификуваат враќањето на животот во Македонија. Граѓаните на Теарце заслужуваат да имаат водовод и канализација како секаде во современиот свет во дваесет и првиот век. Токму затоа овде истакнуваме: Секој е важен!“, порача Шилегов.
Странски фондови за клучни проекти
Многу води протекоа низ Теарце, особено по ланските поплави во кои големи штети претпре селото Доброште, а општината сѐ уште ја нема финиширано изградбата на водоводна мрежа во сите населени места. Примарната мрежа е завршена минатата година, а се очекува да се изгради секундарната мрежа, како и изградба на канализација за прифат на отпадните води.
Генерално, најголемите инфраструктурни проекти во селото и општината се реализираат од ИПА фондови. Последниот меѓу нив е реконструкција и асфалтирање на локалниот пат во село Одри, како и изградба на тротоарот на регионалниот пат Тетово - Јажинце, почнувајќи од селото Теарце до селото Слатино, за што градоначалникот Исен Асани во октомври потпиша договор со Компанијата АД „Пелагонија“. Проектот во вредност од 13 милиони денари се финансира од ИПА фондовите на ЕУ. Со средства од УСАИД, пак, исто така се финансирани голем број проекти, а меѓу последните е замената на неефикасни улични светилки со нови економски светилки на целата територија на општина, во вредност од околу 2 милиони денари.
А како ќе светне изборниот семафор во Теарце, ќе се се знае во недела, по затворањето на гласачкото место 2011. Изборниот материјал ќе биде доставен до Општинската изборна комисија 24 часа пред отворањето на гласачкото место, а изборниот процес ќе го следат набљудувачи од политичките партии, но и од домашни и странски организации. Од 714 гласачи во тоа избирачко место, на 11-ти декември правото на глас го оствариле 404 граѓани. ВМРО-ДПМНЕ добила 91, СДСМ 87, Беса 65, ДПА 61, а ДУИ 53 гласови.