1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оружје, пари и агентка на Кремљ

Михаил Бушујев
18 јули 2018

Покрај бурата што ја предизвика средбата на Доналд Трамп и Владимир Путин во Хелсинки, во втор план остана апсењето на руската агентка во Вашингтон. Која е таа? Секретарка на директорот на Руската централна банка

https://p.dw.com/p/31dI7
Maria Butina
Фотографија: picture-alliance/ITAR_TASS/A. Novoderezhkin

Точно на денот кога во Хелсинки се среќаваа рускиот и американскиот претседател во Вашингтон беше уапсена 29-годишна жена по име Марина Бутина. Американското министерство за правда ја обвини дека е дел од руски владин заговор да се влијае врз претседателските избори во САД во 2016. Таа работела за руската влада во САД без притоа да ги информира домаќините за своите активности. Според американскиот закон, сите странски лобисти и дипломати мора да се регистрираат во министерството за правда. Бутина престојувала во САД со студентска виза.
Тешко е да се каже дали времето на нејзиното апсење е свесна одлука или коинциденција. Но, подолго време беше јасно дека Бутина може да очекува проблеми со властите. Нејзиното име се најде на долгата листа Руси осомничени за инволвираност во напорите да се влијае врз изборите од 2016 година.

Од продавница за мебел до Централна банка

Бутина тврди дека е ко-основач на руската организација „Право на носење оружје“ и член на бордот на директори. Родена е и израсната во рускиот град Барнаул. Студирала политички науки, а потоа работела како продавачка на мебел. Успеала да изгради и успешен мал бизнис со продавници за мебел. Се вмешала и во локалната политика, па и самата била кандидат на младинското крило на Обединета Русија.
Веќе на 22 години Бутина заминала за Москва каде започнала нова кариера. Водела кампањи во поддршка на правото за носење оружје и му станала секретарка на заменикот-директор на Руската централна банка Александер Торшин, еден од највлијателните политичари во земјата.
Бутина и Торшин споделувале заеднички интерес: легализација на оружјето и воспоставување контакти со американските колеги од сличен ков- Националната асоцијација за пушки (НРА). Торшин и Бутина, во меѓувреме, се единствените Руси кои уживаат специјален статус на доживотни членови на НРА.
Членството во НРА му овозможило на Торшин да се запознае и со милијардерот Доналд Трамп, кој е исто така член на НРА, во 2011 година. Нешто подоцна, во 2015 година, Бутина беше првиот руски претставник кој директно го праша Трамп како планира да ги поправи односите со Русија на еден јавен настан.

USA Donald Trump besucht NRA
Контактите на руските претставници со Трамп се одвивале преку НРАФотографија: Reuters/C. Barria

Во визирот на ФБИ

По победата на Трамп на изборите во 2016, Бутина одеднаш станува предмет на интерес на американските медиуми- заедно со руските хакери и безбедносни агенти. Според тие извештаи, Бутина во повеќе наврати се претставувала различно- како претставник на Руската централна банка, како поборник за легализација на оружје и како новинар.
Привлекла внимание и откако се обидела да воспостави контакти со политички лидери во САД. Според медиумските извештаи, подоцна и ФБИ се интересира за активностите на Торшин и Бутина- особено во однос на прашањето дали двајцата помагале да се префрлаат руски донации за НРА, а потоа преку НРА индиректно и во кампањата на Трамп. НРА ја поддржуваше кампањата на Трамп и донираше средства за неа. Торшин беше ставен на листата за набљудување на американското Министерство за финансии во април 2018.
Американските власти се сомневаат дека Бутина се обидела да ги искористи своите контакти во НРА за да утврди канал на комуникација меѓу руските власти и неименувана американска политичка партија- најверојатно Републиканците.