Нови корупциски обвинувања против ФИФА поради Катар
1 јуни 2014Светската фудбалска федерација ФИФА е соочена со нови обвинувања во врска со доделувањето на организацијата на Светското фудбалско првенство 2022 година. Постои широк заговор за купување на организацијата на Светското првенство во фудбал во 2022 година во Катар, тврди британскиот неделник „Сандеј Тајмс“.
Според овој весник, неговиот новинарски истражувачки тим успеал да обезеди „доволно силни докази„ за тоа дека се давани пари и подароци за членови на извршното тело на ФИФА за да гласаат во прилог на кандидатурата на оваа мала земја во Персискиот Залив. Како главен виновник весникот го посочува Катарецот Мохамед Бин Хамам (на насловната фотографија), поранешен заменик претседател на Светската фудбалска федерација, објаснувајќи дека се откриени бројни документи и електронска пошта кои ги потврдуваат поранешните сомневања дека организацијата на првенството во Катар, што ќе се одржи по осум години, е добена на нечесен начин и со давање поткуп.
Најголемиот број функционери во ФИФА, осомничени дека примиле поткуп или на кои им се нудени пари и скапи подароци, потекнуваат од повеќе африкански земји, но меѓу осомничените има и функционери од земји од други страни на светот. „Сандеј тајмс“ тврди дека има докази според кои Бин Хамам на поранешниот член на извршното тело на ГИГА Рејналд Темари од Тахити му исплатил 305 илјади евра за адвокатски трошоци. Моментно комисија на ФИФА под раководство на американскиот правник Мајкл Гарсија ги испитува обвинувањата за поткуп за Мундијалот во 2022 година, а нејзиниот завршен извештај треба да биде објавен до крајот на годинава.
Бин Хамам во 2011 година се повлече од сите свои функции во ФИФА, откако британските весници првпат се посомневаа во чесноста на одлуката малечкиот Катар, без никаква фудбалска култура и традиција и со исклучуелно високи температури во текот на летото, да ги победи своите противкандидати и да биде избран за домаќин на првенството во 2022 година. Пред да се повлече, Комисијата за етика на ФИФА му изрече доживотна забрана поради прекршување на етичкиот кодекс. Тој заедно со поранешниот функционер на ФИФА Џек Варнер од Тринидад и Тобаго се обидел при средба на Карипската фудбалска унија да купува гласови за избор на претседател на ФИФА.
Катарската фудбалска асоцијација ги отфрли обвинувањата за подмитување и улогата на Бин Хамам во добивањето на организацијата.
Во Катар велат дека тој не бил дел од официјалниот тим што стоеше зад кандидатурата на земјата, туку дека делувал како „одделен поединец“.
Фудбалската федерација на земјата-домаќин тврди дека функционерите на ФИФА од разни земји, за кои се тврди дека примиле поткуп, всушност, само „добиле стандардни грантови“ за разни комунални проекти во нивните земји.
Лондонскиот весник,сепак, бара од ФИФА целосна и детална истрага за тоа како токму Катар беше избран за домаќин на едно светско првенство, но бара и одговорност за „постоечката корупција“ во ФИФА и оставка од актуелниот претседател Сеп Блатер. Јозеф Сеп Блатер пак во интервју неодамна првпат призна дека доделувањето на Мундијалот на Катар било грешка. Но, 78-годишниот Швајцарец категорично одби да се изјасни околу обвинувањата за корупција.