1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Новинарка убиена во Северна Ирска

ЕМФ / дв
19 април 2019

Во насилства кои избија во северноирскиот град Лондондери е убиена млада новинарка. Полицијата води истрага за „тероризам“.

https://p.dw.com/p/3H4Ga
Nordirland Londonderry Ausschreitungen
Фотографија: picture-alliance/empics/N. Carson

Смртта на 29-годишната жена во населбата Креган, во Лондондери, се третира како „терористичко дело“, објави изутринава на Твитер локалната полиција. Се наведува и дека е покрената истрага за убиството.

Убиената новинарка е Лира Мекки. Со тоа полицијата ги потврди информациите кои претходно ги дадоа некои новинари. Мекки често известуваше за конфликтот во Северна Ирска.

Пред убиството, во населбата Креган дојде до безредија, се слушаа истрели и беа подметнати пожари. На фотографиите од лице место се гледаат запалени автомобили, оклопни возила на полицијата и тешко вооружени припадници на безбедносните сили. Медиумите јавија дека новинарката се нашла помеѓу два фронта.

Großbritannien Soziale Unruhen in Londonderry
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Carson

Претседателката на северноирската Демократска унионистичка партија (ДУП), Арлин Фостер, го осуди „бесмисленото“ насилство. „Оние кои во 70-те, 80-те и 90-те години го донесоа оружјето на нашите улици, не беа во право. Во 2019 година е исто така погрешно.“ И вицешефицата на националистичката Шин Фејн, Мишел О'Нил, го осуди убиството. „Тоа беше напад врз заедницата, напад врз мировниот процес и врз Договорот од Велипеток.“

Großbritannien Soziale Unruhen in Londonderry
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Carson

Договорот од Велипеток, склучен во 1998 година, стави крај на деценискиот конфликт во Северна Ирска, во кој ирско-католичките националисти се бореа против протестантските лојалисти. Во рамки на преговорите за Брегзит беше изразена загриженост дека воведувањето гранични контроли помеѓу Северна Ирска и Република Ирска, која и во иднина ќе биде дел од ЕУ, може повторно да разгори насилства.

Повеќе: Брегзит: неизвесност во Северна Ирска

Во Лондондери од почетокот на годинава имаше повеќе експлозии, но немаше повредени. Градот, кој од жителите се нарекува едноставно само Дери, има околу 85.000 жители и се наоѓа на крајниот северозапад на Северна Ирска на границата со Република Ирска.