1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брегзит: неизвесност во Северна Ирска

Штефани Пипер/сн17 јуни 2016

И Северна Ирска е поделена кога станува збор за брегзит. Кој во провинцијата е за излез од ЕУ, а кој за останување - и зошто? Слика од Воренпоинт, пристанишен град во Северна Ирска, на самата граница со Република Ирска.

https://p.dw.com/p/1J8Gb
Фотографија: picture-alliance/dpa/H.Segbers

Во пристаништето Воренпоинт, работниците со вилушкари префрлаат дрва за изградба на голема хала. Тука има и магацини за житарици и храна за домашни животни, како и контејнери полни со земја за градинарски растенија. Шефот на пристаништето, Питер Конвеј, покажува на еден зелен рид на другата страна на реката Нура. „На овој брег е Северна Ирска, дел од Обединетото Кралство, а од онаа страна е друга европска држава, Република Ирска. „Овие соседи се дел од ЕУ. Воренпоинт е второ по големина пристаниште во Северна Ирска. Речиси половината од стоката доаѓа од југ. Конвеј стравува дека трговијата, во случај на излез од ЕУ, би можела одеднаш да замре: „За час би можеле да останеме без половина промет, бидејќи купувачите без проблем би се свртеле кон пристаништето во Република Ирска.“

На границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска веќе 20 години нема контрола, ни здодевна документација, нема чекање. Тоа е добро за камионџиите кои често патуваат помеѓу Северот и Југот. Шефицата на фирмата, Никола Вокер, вели: „Ме загрижува неизвесноста која се заканува во случај на излез од ЕУ, и последиците за нашата работа.“ И Никола и Петер се протестанти. А тие - според една од последните анкети- се поделени кога станува збор за брегзит. За шефот на пристаништето, работата е јасна: тој на 23. јуни ќе гласа за останување во ЕУ. А како ќе гласа Никола? „На тоа прашање“, вели, „не би одговорила, благодарам!“

Großbritannien Brexit
Фотографија: Getty Images/AFP/C.J. Ratcliffe

„Враќање во тешкото минато никој не посакува“

Многу граѓани во Воренпоинт велат оти воопшто нема да гласаат на референдумот, или дека сѐ уште не донесле конечна одлука. Но, не и Џон Меги, сопственик на рибарница во Черч стрит, најважната трговска улица. „Во никој случај не сакам излегување од ЕУ. Северна Ирска ќе биде економски губитник, бидејќи сме премали.“ Меги е католик. А католиците, повторно според анкетите, главно сакаат да останат во ЕУ. И партијата Шин фејн, од која доаѓа и градоначалникот на Воренпоинт, се бори за тоа- за разлика од протестанската партија ДУП. Овие две партии се заедно на власт во Белфаст. Дали брегзит би го загрозил мировниот процес во Северна Ирска? „Не верувам“, вели Меги, „тука се прави политичка паника, мислам дека луѓето тоа веќе не ги интересира.“

Злите јазици тврдат дека брегзит добро би им дошол на католичките националисти, бидејќи во тоа гледаат шанса за обединување на Северот со Југот на Ирска. Кели, млада мајка, досега не забележала дека протестантите и католиците се во конфликт поради ЕУ: „Не, тоа нема да влијае на мировниот процес. Тие денови поминаа...“ За среќа, вели Кели, враќање во тешкото минато на Северна Ирска никој не и’ посакува.