Новинарите ја преживеаја војната со Јанша
20 ноември 2021Владата во Љубљана минатата недела, по речиси една година, се согласи на нов договор со државната новинска агенција СТА и вети продолжување на финансирањето. Но, новинарите и уредниците во агенцијата сметаат дека новиот договор ги остава на немилост. Агенцијата дојде на раб на банкрот откако властите го запреа нејзиното финансирање на почетокот од годинава. Претходно, конзервативниот премиер Јанез Јанша ја нарече СТА „национален срам“, критикувајќи го начинот на кој агенцијата известувала за неговата средба со унгарскиот колега Виктор Орбан.
Агенцијата во меѓувреме едвај преживува благодарение на сумата од речиси 400.000 евра донации кои беа собрани на иницијатива на новинарските здруженија.
Европската унија го осуди запирањето на финансирањето, а словенечкиот Врховен суд пресуди дека владата мора да ја финансира СТА.
„Потпишувањето на новиот договор не е ниту победа ниту пораз. Тоа е всушност основа СТА да ги добие сите средства кои и се наменети од парламентот,“ вели Игор Кадунц, В.Д. директор во СТА. Тој стана вршител на должноста на крајот на октомври кога претходниот директор Бојан Веселиновиќ поднесе оставка, а од почетокот на следната година ќе биде назначен за директор.
Договор со „закачка“
„Не очекувавме дека новиот директор ќе ја заврши оваа работа за само една недела и се работи за компромис прифатен од двете страни,“ вели за ДВ новинарка во агенцијата, Аленка Поточник. Откако на 8 ноември е потпишана спогодбата, СТА ја доби првата уплата на име услуги кои ги пружала во август. Кадунц и директорот на Канцеларијата за комуникации во владата, УКОМ исто така договорија СТА да добие средства за првите четири месеци од годинава.
Повеќе: Јанез Јанша: „Мини-Трамп“ и „Маршал Твито“
Вкупно на агенцијата годинава и следуваат 2.028.000 евра како што е предвидено со работниот план на СТА.
Понатаму државата би требало да исплаќа средства според новите правила против кои СТА поведе судска постапка. Според овие правила се предвидува СТА секој месец да му го пријавува на УКОМ бројот на вести кои ги објавува, и за тоа наместо фиксна сума, ќе добива различна сума на пари.
На новинарката Аленка Поточник не и се допаѓа ова правило и вели дека е невозможно новинарската работа да се сведе на бројки. „Не можете да го споредите вложеното време, знаењето и познавањето на контекстот на приказната кои се потребни за еден новинарски производ со полесни новинарски задачи кои за нас може да ги направи и студент. Токму поради ова ваквите математички пресметки се неприфатливи,“ вели таа.
Повеќе: Европа и борбата за слобода на медиумите
Идниот главен уредник Аљоша Рехар, кој би требало да ја преземе должноста на почетокот од декември исто така вели дека договорот не е идеален. „Тие кои ги обезбедуваат средствата одлучуваат колку содржини треба да се платат. Но ако нема соодветни гаранции, ваквите аранжмани носат ризик од злоупотреби.“ Еден портпарол на Европската комисија рече дека Брисел ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата „во поглед на финансиската стабилност и независност на агенцијата.“
Порака за сите кои критикуваат
Но, повеќе од триста дена борба за преживување остави последици врз агенцијата СТА. Шеснаесет вработени си заминаа, од кои 13 новинари. „Тешко е да се заменат овие луѓе. На крајот на краиштата, многумина во нас повеќе не гледаат доверлива компанија. Сето ова изгледаше многу поинаку пред една година,“ вели Поточник, која е истовремено и претседателка на Словенечкиот синдикат на новинари.
„Никогаш немавме загуби ниту долгови. На деловен план секогаш беше се во ред,“ вели таа и додава „атмосфера беше затруена и со неоправданите критики и дискредитирањето на нашата работа. Некои не прогласија и за национален срам.“
Сандра Башиќ Хрватин, професорка по медиуми и комуникологија на Универзитетот во Копар, во разговор за ДВ со поразителен заклучок:„ На Агенцијата и е нанесена непоправлива штета.“
„Пред триста дена, СТА беше успешна и ефикасна новинска агенција која играше улога прецизно дефинирана со закон,“ вели таа. „По триста дена оркестрирани напади, финансиски уцени и злоупотреба на моќта, агенцискиот колектив практично исчезна. Владата ги користи како пример за секој кој не се согласува со нејзината политика. Тоа е предупредување – ако некој друг пружи отпор, знае што го чека,“ заклучува таа.