Европарламент: Спорниот Јанез Јанша
7 јули 2021Словенечкиот премиер дури и се однесуваше примерно во Европскиот парламент. Јанез Јанша главно од хартија ги читаше плановите на неговото претседателствување со Советот на Европската унија во следните шест месеци и не реагираше на нетрпеливите испади и навреди на неговите политички противници. А критиките не изостанаа; тој беше обвинет за ограничување на слободата на печатот и на независното судство. Притоа и двете страни нагласуваа дека владеењето на правото е камен-темелник на ЕУ. Сепак, се чини дека постојат јасни разлики во толкувањата.
Јанез Јанша и „илибералната демократија“
На секои шест месеци, претседателството со Советот на Унијата го презема друга земја членка на ЕУ, добивајќи така шанса да влијае врз политичките процеси во Европа. Некои земји се поуспешни и поамбициозни и успеваат да решат некои политички проблеми за време на нивното претседателствување. Другите се незабележителни. Оваа задача се чини дека е посебен предизвик за Словенија.
А ова главно се должи на премиерот Јанез Јанша, кој, по примерот на неговиот политички пријател Виктор Орбан во Унгарија, не се воздржува од провокации против либералниот консензус во западниот дел на ЕУ. Од минатата година, нему му се префрла дека води сѐ пожестоки кампањи против слободата на печатот. Патем, Јанша, исто како и неговиот политичар за пример Доналд Трамп, претпочита да ги навредува новинарите преку Твитер. Словенецот исто така сѐ повеќе ја поткопува независноста на судството.
На почетокот на месецот, кога претставниците на Европската комисија, како што е вообичаено пред почетокот на ново претседателство, ја посетија престолнината Љубљана, избувна скандал. Премиерот се пожали на наводни комунистички судии и пратеници во неговата земја. Потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, луто ја напушти говорницата и не присуствуваше на заедничката фотосесија. Словенечкиот премиер исто така претпочита да ги обвинува своите политички противници дека се комунисти.
Критики речиси од сите страни
За време на претставувањето на неговиот план пред европарламентарците, критики стигнаа речиси од сите страни. Дури и Манфред Вебер, претседател на умерените конзервативци во Европскиот парламент, по сите можни љубезности дојде до суштината: правната држава, рече тој, е клучен елемент во ЕУ, а не внатрешните прашања на земјите членки. Јанша, пред сѐ, би морал што е можно побрзо да именува двајца словенечки претставници во Европското јавно обвинителство (ЕППО), за да може оваа институција да започне со работа.
Повеќе:
-Фон дер Лајен и Јанша: ЕУ мора да го исполни ветувањето за Западен Балкан
-Јанша бара побрзо темпо на проширување на ЕУ
-Словенечко претседателство со ЕУ: Фокус на Западниот Балкан
За тоа зборуваа речиси сите говорници на пленарното заседавање. Премиерот самиот се погрижи за тоа именуваните кандидати да не бидат поставени на функциите и со тоа одолговлекува уште од номинацијата. Јанша по дебатата на прес-конференција изјави дека наесен ќе се погрижи за тоа. Меѓутоа, неговите критичари не мислеа така кога зборуваа оти тоа мора да се стори „веднаш“ и „без одлагање“.
Најостри критики пристигнаа од редовите на Либералите и на Зелените. Холандскиот пратеник Малик Азмани рече дека не им верува на ветувањата на Јанша оти ќе го почитува владеењето на законот. „Вие не ја почитувате слободата на медиумите и независноста на судството. Во Вашата влада се чувствува мирис на корупција и на непотизам“, рече Азмани.
Германката Ска Келер од Зелените, исто така, го критикуваше Јанша. „Тирадите и личната битка на Јанез Јанша против правосудството (...) нанесуваат штета на довербата оти тој ќе работи во најдобар интерес на ЕУ.“
За словенечкиот премиер поддршка стигна од десничарските популисти во Европскиот парламент, како на пример од италијанската Лига. Европскиот пратеник Марко Зани изјави оти во ЕУ мора да има повеќе почитување кон нациите и нивните традиции, а сите политички мислења треба да бидат еднакво валидни.
Приоритет е проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан
Некои од приоритетите за време на словенечкото преседавање со ЕУ, а кои Јанша ги спомена во Европскиот парламент се сузбивање на пандемијата и еколошките и дигиталните промени во Европа. Европската комисија во наредната недела ќе претстави конкретни предлози за климатската политика. Меѓутоа, ќе бидат неопходни многу политички вештини државите членки да се обврзат на заеднички цели.
Во програмата на Јанша стои и унапредувањето за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. За тоа наоѓа поддршка во Европската комисија. Претседателката Урсула фон дер Лајен нагласи оти регионот припаѓа на Европа. Но, и дека овие земји треба да спроведат уште бројни реформи. „Да не се откажуваме, и да го обединиме европското семејство“, апелираше таа.
ЕУ-перспективи за С. Македонија и за Албанија
Конкретно се работи на тоа во наредните 6 месеци да се започне со пристапни преговори за С. Македонија и за Албанија. Но, декларираните противници за проширување се Французите и Скандинавците. Особено поради Албанија и проблемите со владеење на законите и организираниот криминал. Јанез Јанша, од друга страна, вели дека стратешко прашање за Европа е да не ги остави овие земји. Меѓу останатите, со тоа се согласува и германската влада.
Ќе се покаже дали спорниот претседавачки Совет на ЕУ ќе успее да ги убеди другите членки во ова тешко прашање. Во секој случај претседателствувањето тргна како кога „ќе се стане на лева нога“. Неговите противници уште укажуваат оти малцинската влада на Јанша е на климави нозе и дека опозицијата би можела во наредните 6 месеци да ја сруши. Во секој случај, опозицијата ја исклучи можноста поради словенечкото претседателствување да ја запре својата борба против Јанез Јанша и неговата политика.