1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Омикрон ги помати плановите за мирно лето

ДТЗ
13 јули 2022

За една недела за 80 проценти се зголемил бројот на новозаболени од Ковид-19. Комисијата за заразни болести в петок ќе ја разгледува актуелната епидемиолошка ситуација

https://p.dw.com/p/4E3iS
Neue COVID-19-Variante Omicron
Фотографија: Pavlo Gonchar/Zumapress/picture alliance

Пандемијата на коронавирус која што веќе две години не му дава мир на целиот свет, повторно зема залет. Подваријантите на Омикрон ги враќаат рестриктивните мерки на сила, откако бројот на заразени рапидно расте, а се повеќе земји во светот јавуваат и за пораст на бројките на починати од Ковид-19. Бугарија најавува дека од понеделник носењето маска ќе биде повторно задолжително, а загриженост за порастот на заболени постои и во другите земји од регионот. Ситуацијата будно се следи и во Северна Македонија. „Комисијата за заразни болести в петок ќе има состанок на кој ќе се разговара за актуелната епидемиолошка ситуација кај нас и во светот. По состанокот ќе информираме за сите заклучоци, вели за ДВ, портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ.

Бројките постојано растат

Министерството за здравство информираше дека во последните 24 часа има 411 нови случаи на ковид и не се пријавени починати лица. Вчера, пак, беа евидентирани 511 случаи, од кои 129 реинфекции. Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека за една недела речиси 80% е зголемен бројот на позитивни случаи во земјата. Во периодот од 4 до 10 јули има зголемување од 7,5% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 1.731 нови позитивни случаи од 31 града во државата, со зголемување од 79,9% во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје. Најголем број од заболените се на возраст над 60 години, а најмалку заболени има меѓу децата до 9 годишна возраст. Во текот на минатата недела пријавени се 440 реинфекции, со зголемување од 2,3 пати во однос на претходната недела. Во болниците во моментов се хоспитализирани 28 лица (18 повеќе во споредба со претходната недела), од нив 2 се на кислородна поддршка.

„Бројките кој сега растат кај нас не се загрижувачки, се додека нивниот раст не го прати порастот на хоспитализирани и починати. За сега, ретко кој од докажани инфекции завршува во болница, а бројот на оние кои воопшто не се тестираат, кои се со полесни симптоми или без симптоми е најмалку пет пати поголем од официјалните бројки кои се објавуваат“, вели доктор Никола Пановски за ДВ.

Според него, ако вака остане, во што верува, ова значи само поголем број на природно имунизирани лица и нема потреба од дополнителни рестриктивни мерки.

Corona in Nord Mazedonien
Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека за една недела речиси 80% е зголемен бројот на позитивни случаи во земјата.Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Колку се опасни новите соеви?

Виролозите изразија загриженост за појавата на уште една варијанта на Омикрон која забрзано се шири, а веќе пристигна во Велика Британија. Варијантата БА.2.75 на корона вирусот, која ја нарекоа „Кентаур“, првпат беше откриена во Индија на почетокот на мај. Овде, случаите нагло се зголемија оттогаш, очигледно побрзо од оние на високо преносливата варијанта БА.5, која исто така е присутна во Индија и брзо ја заменува претходно доминантната варијанта БА.2 во многу земји. БA.2.75 е откриен и во околу 10 други земји, вклучувајќи ги ОК, САД, Австралија, Германија и Канада.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести го означи новиот вид како „варијанта под надзор“ на 7 јули, што значи дека има некои индикации дека може да се пренесе побрзо или да биде поврзан со потешки форми на болеста. 

Доктор Пановски вели дека за новата варијанта „Omicron Centaurus“ се знае дека е подвaријанта на Омикрон B2, но не се знае дали побргу се шири и дали дава посериозни симптоми. „Сè  уште е рано за заклучоци“, вели тој. 

Четврта доза - да или не?

Европските агенции за здравство и медицина објавија препораки за втора бустер доза, односно четвртата вакцина против корона вирусот, со акцент на ранливите групи и лицата постари од 60 години. Од 6 јули четвртата доза вакцина може да ја примат и македонските граѓани над 18 години кои примиле три дози вакцина против Ковид-19. Трета бустер доза досега имаат примено 9 проценти од вкупното население. Препорачаното растојание меѓу трета и четврта, односно бустер доза е најмалку четири месеци.

Според професорот Драган Даниловски, постоечките вакцини не штитат воопшто од заразување, но во голема мера штитат да не се заврши во болница. Тој неодамна во групата „Ковид-совети“ на социјалните мрежи порача дека секој треба сам да одлучи дали да се вакцинира или не. 

„Точно се знае кој може да има полза од овие, какви-такви, вакцини. Тоа се исклучиво старите лица, преку 70 или 75 години, кои имаат и некои хронични болести и оние со компромитиран имунитет, независно од возраста. За нив вакцината може живот да значи. А вирусот - руски рулет“, укажува Даниловски. Тој смета дека тие категории граѓани, пожелно би било периодично и понатаму да примаат „бустер“ дози, исто како за сезонскиот грип. Кога од есен ќе станат достапни новите вакцини, кои штитат и од заразување, ситуацијата за овие категории граѓани ќе биде уште поповолна. 

Досега со една доза на вакцина против Ковид-19, во земјата и во странство се вакцинирани 59,5% од населението над 18 годишна возраст, односно 55,1% од население над 12 годишна возраст, додека од вкупното население вакцинирани се 47,6%.

Опфатот со две дози на вакцина кај населението над 18 годишна возраст изнесува 58,2%, односно 53,9% кај население над 12 годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 46,6%. Бројот на аплицирани дози измината недела изнесува вкупно 1.003, од тоа 26 е прва доза, 27 како втора доза, 147 како трета доза и 799 аплицирани како четврта доза