За една недела за 65,8% зголемен бројот на ковид-позитивни
29 јуни 2022За една недела бројот на позитивни со Ковид-19 во Северна Македонија е зголемен за 65.8%, констатира Комисијата за разни болести по денешниот состанок, кој се одржа по двомесечна пауза. Причина за загриженост не епидемиолозите е летниот бран и ширењето на Омикрон, кој зема замав во сите земји во регионот.
Комисијата соопшти дека нема зголемување на бројот на хоспитализации (во моментот се хоспитализирани 10 пациенти со Ковид) и нема зголемување на бројот на смртни случаи. „Согласно овие параметри и земајќи го во превид трендот на зголемување на позитивните случаи од Ковид во соседните држави и светот потсетуваме на обврската за задолжително носење маски во здравствените установи, згрижувачките установи, аптеките и јавниот превоз“, велат од Комисијата за заразни болести.
Препораки за заштита
Надлежните препорачуваат граѓаните да бидат совесни, да го заштитат сопственото и јавното здравје и да користат општите мерки за лична заштитна, а тие се: заштитна маска , одржување растојание и одржување на лична хигиена особено при посета на затворени и невентилирани простории.
„Комисијата за заразни болести внимателно ја следи состојбата и во зависност од промените ќе донесе соодветни препораки“, се додава во соопштението.
Докторот Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија и професор на Медицинскиот факултет смета дека бројот на нови случаи на Ковид-19 ќе се зголемува во наредниот период.
„Бројките во дневната статистика за Ковид-19 ќе почнат рапидно да растат во следните недели како резултат на доаѓањето на Омикрон-БА 4 и 5 и тоа е лошата вест. Добрата вест е што болниците, сепак, ќе ни останат полупразни“, објави Беќаровски на Фејсбук. Министерството за здравство во средата (29.06) информираше дека за 24 часа има 148 нови случаи на Ковид-19 од 1.261 тестз, од кои 40 реинфекции.