1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Неизвесност околу стартот на второто полугодие

ДТЗ
14 јануари 2022

Мислењата во јавноста се поделени - дали учениците треба да се вратат на настава или да учат онлајн. Во игра е и опција за одложување на почетокот на школската година.

https://p.dw.com/p/45Y9A
Deutschland | Omikron Covid-19 Variante | Schulunterricht
Фотографија: Frank Hoermann/SvenSimon/picture alliance

Брзото ширење на сојот Омикрон, кој повторно ги полни албулантите и болниците, доведе до неизвесност кога ќе започне и како ќе се одвива наставата во второто полугодие од школската година во Северна Македонија. Мислењата во јавноста се поделени околу тоа дали учениците треба да се вратат на настава или да учат онлајн. Во игра и е опција за одложување на почетокот на школската година, но крајниот збор го има Комисијата за заштита од заразни болести, која најави дека наскоро ќе се произнесе околу епидемиолошката состојба. Од препораките на епидемиолозите ќе зависи и одлуката на Министерстото за образование дали децата ќе се вратат идната недела во училишните клупи. 

Да се одложи или не стартот на годината

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, апелира да се продолжи зимскиот распуст на учениците до 10 февруари, не само поради ширењето на Омикронот, туку и поради затоплувањето во училиштата.

„Апелирам до надлежните да ги земат предвид препораките на дел од лекарите и да го продолжат зимскиот распуст до 10 февруари. Со тоа од една страна ќе заштедиме на сметките за греење, а од друга страна ако ги слушаме лекарите, продолжувањето на распустот би значело и значително намалување на бројот на заразени од ковид“, вели Јакимовски.

И директор на Институтот за имунобиологија и хумана генетика, Александар Петличковски, смета дека има логика да се одложи стартот на второто полугодие од учебната година. Тој во изјава за ТВ Телма деновиве порача дека тоа е потребно затоа што ова е најефикасниот момент за пренесување вирусот.

Neue Coronavirus Covid 19 SARS-CoV-2 Variante Omicron B.1.1.529
Од препораките на епидемиолозите ќе зависи и одлуката на Министерстото за образование дали децата ќе се вратат идната недела во училишните клупи. Фотографија: Michael Bihlmayer/CHROMORANGE/picture alliance

„Тоа ќе биде поразлично по две недели и сметам дека ќе имаме корист од одложување. Точно кога бранот ќе почне да се намалува, да не обезбедуваме нови услови за негово ширење. Треба да се размислува во таа насока“, изјави Петличковски.

Министерката за образование во заминување, Мила Царовска, деновиве порача дека најпосакувано сценарио е наставата да продолжи со физичко присуство. Другите две сценарија, кои беа разгледувани и на почетокот на оваа учебна година, се делумно физичко присуство или целосна онлајн-настава. Одлуката ќе се носи идната недела, кога се очекува двете надлежни министерства - здравство и образование да добијат нови раководни лица. 

Полемика околу маските

Дел од родителите реагираат и за носењето маски на училиште. Од иницијативата „СТОП за носење на маски во училиште“, неформална група на социјалните мрежи, укажуваат дека имаат намера кога ќе започне наставата, демонстративно да ги однесат децата без маски на училиште.

Микробиологот и професор д-р Никола Пановски вели дека зимскиот распуст на учениците треба да се продолжи за две недели, а потоа децата да тргнат на училиште без маски.

Болниците се полнат

Податоците на Министерството за здравство укажуваат на зголемување на бројот на активни случаи на коронавирус последниве денови. Само за три дена има над 5.650 новозаболени. Поради компликации од коронавирусот во моментов се хоспитализирани вкупно 340 лица на територијата на цела држава. 81 отсто од нив не се вакцинирани, а 19 отсто од хоспитализираните се имунизирани против Ковид-19.

„Изминативе неколку недели, притисокот врз болниците е намален што се однесува до хоспитализациите, но зголемени се амбулантските прегледи, кои се движат и до стотина пациенти на ден од болница“, велат од Министерството за здравство.

Во период од пет месеци, односно од 6 август 2021 година заклучно со 13 јануари 2022 година на територија на државата се детектирани 85. 593 позитивни случаи на ковид-19. Од нив 37 проценти биле целосно вакцинирани, односно 32. 079 лица, а 63 отсто или 53.514 од позитивните случаи во овој период не биле вакцинирани против Ковид-19. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Сѐ поголем е бројот на млади лица коишто се заразени со новиот сој Омикрон.