1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Учениците се враќаат во училишните клупи

ДТЗ
30 август 2021

Со строги протоколи и правила за Ковид-19 започнува новата училишна година. Во игра не е ниту одложување на школската година, ниту промена на моделот на настава.

https://p.dw.com/p/3zgSh
Коронавирус | Училиште |
Учениците ќе мораат да носат маски за време на часот. Фотографија: DW/P. Hille

Училиштата забрзано се подготвуваат за стартот на новата учебна година. По едногодишна пауза поради пандемијата со Ковид-19, учениците на 1 септември повторно ќе седнат во училишните клупи. Наставата во сите основни и средни училишта ќе се одвива под строго пропишани протоколи и правила за заштита од Ковид-19. Во опција не е можноста за одложување на школската година, ниту пак на моделот за онлајн следење на наставата, потврди министерката за образование, Мила Царовска, која со директорите на училиштата разговара за спроведување на мерките за заштита и подготвеноста на училиштата тоа да го овозможат.

-повеќе на темата: Пандемијата ги направи децата тажни и осамени - им недостасува дружба и училиштето

На секој ученик кој од 1 септември ќе следи настава со физичко присуство ќе му биде измерена температура пред да влезе во училиштето. Ако таа е повисока од 37, 4 степени тогаш нема да му биде дозволен влез во училиштето. Истите правила важат и за вработените во училиштето. Во протоколот кој има 38 точки, се наведува дека е забранет секаков физички контакт помеѓу учениците и вработените, а секоја училница и инвентарот треба да се дезинфицира по завршувањето на секоја смена. 
„Јасно е пропишана дезинфекција, маски и исто така користењето на училишната сала и училишните мензи. Вентилирањето на самите училници е забрането да се случува со уреди, туку треба да има отворени прозори, отворени врати. Учениците во текот на одморот може да излезат надвор за да може да ги извадат маските, но со престојот во училница треба да има постојана дезинфекција на површините, постојано дезинфекција на рацете и одржување на маските на лицето во континуитет“, вели Царовска. 

-повеќе на темата: Учебна година: Имате 36.9? Среќен почеток!

Влегување во училиштето е дозволено само со задолжително користење на заштитни маски на лицето за сите вработени и ученици во училиштето. Наставата во училница ќе се изведува со обезбедено физичко растојание од 1,5 метри помеѓу учениците и наставникот и учениците. Се забрануваат поздравувања со физички контакт за вработените во училиштето и меѓу учениците. 

Северна Македонија I Коронавирус I Образование
Секоја училница и инвентарот треба да се дезинфицира по завршувањето на секоја смена.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Ако ученик развие симптоми на Ковид-19 додека е во училиште, наставникот го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска и веднаш ги известува родителите, кои пак во најкраток временски период треба да го земат детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на ученикот. Доколку се потврди дека ученик е заболен од Ковид-19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје кој итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале. За учениците кои се позитивни на Ковид-19 или се во самоизoлација, наставата може да се реализира преку учење од далечина. 
Доколку епидемиолошката ситуација се промени и се забележува повторно ширење на вирусот, може да се донесе одлука да се одвива со учење од далечина. 

Северна Македонија I Коронавирус I Образование
Пред почетокот на новата учебна година, и земјите во регионот ги соопштија одлуките наставата за учениците да се одвива со физичко присуство.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Исклучоци 

Исклучок од оваа одлука ќе бидат децата со ретки болести или попречености, деца кои доаѓаат од семејства со хронично болни членови на семејството, по барање на родителите, или други немедицински причини, со дозвола на училиштето. Mинистерството за здравство апелира за масовна вакцинација, особено на родителите чии деца ќе тргнат на училиште и во градинка, како би се заштитиле семејствата. Во случај на влошување на епидемиолошката состојба, МОН по проценка на Комисијата за заразни болести, за реализација на наставата има две резервни сценарија со кои ќе се заштити и зачува здравјето на учениците и наставниот кадар како приоритет, притоа одржувајќи го континуитетот на образовниот процес. Поради високиот број заразени со коронавирус во Тетово и Гостивар, Комисијата за заштита од заразни болести, на барање на Општина Тетово, одлучи само средните училишта во овие градови да организираат онлајн-настава во првите две недели од септември.