1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Мицкоски малку му фалеше, на ВМРО-ДПМНЕ уште многу

24 октомври 2018

Чистката во ВМРО-ДПМНЕ треба да му го отвори патот на Христијан Мицкоски кон модернизирање на партијата, амнестирање од криминалното минато и хомогенизација. Неговиот последен говор не упатува дека такво нешто се случува

https://p.dw.com/p/375U7
Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski
Фотографија: Petr Stojanovski

Вообичаениот пат на секоја европска партија, без оглед на кој дел од политичкиот спектрум му припаѓа, по паѓањето од власт е внатрешно прочистување, кадровско освежување и понуда на нови идеи и проекти. Или што би рекол потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски „чистење на лошото и избистрување на доброто“. За тој процес да го мине својот природен пат, потребен е одреден период на опозициско делување на кој, неретко, инсистираат партиите, а честопати и свесно одбиваат да бидат дел од власта за да имаат доволно време да се консолидираат.

Деновиве, со задоцнување од најмалку една година, таков процес го зафати ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата се исфрлени „сивата еминенција“ Сашо Мијалков и некогашниот висок функционер Никола Тодоров, а разрешени од функциите се потпретседателот Митко Јанчев и членот на Извршниот комитет Костадин Богданов. Првите двајца долги години „жареа и палеа“ во партијата и во државата и, особено Мијалков, станаа симбол на авторитарното и криминализирано владеење на Никола Груевски. Јанчев и Богданов, како и Петар Богојески пред нив, настрадаа поради своите ставови за Преспанскиот договор и „амнестијата“, а во партијата важеа за дел од крилото на „реформатори“.

Како се случи ова?

Дилемата, која ја потенцираат многумина и во јавноста, е дали станува збор за искрен процес на раскрстување со „хипотеките од минатото“ или само внатрепартиска пресметка чиј извор е во петочното гласање за уставните измени во Собранието?

Говорот на лидерот Христијан Мицкоски на прославата на Денот на македонската револуционерна борба само ги засилува тие дилеми.

Најпрво за неговите тези. „Како се случи ова, како стасавме до точка каде оние кои се на власт одредуваат што ќе се прави денес, како ќе се работи, кој ќе оди во затвор, а кој ќе оди на слобода, како стигнавме до точка на колективна депресија каде граѓаните со презир гледаат на политиката и имаат надеж што побрзо да ја напуштат земјата...“, се праша Мицкоски во говорот, и експресно го понуди одговорот кој, според него, треба да се бара „година и половина порано“.

Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef
Во ВМРО-ДПМНЕ по повеќе од 10 години молк започнаа отворено да зборуваат за Сашко МијалковФотографија: DW/P. Stojanov

Апропо тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ за ослободување на „хипотеките од минатото“, во најмала рака е чудно, што Мицкоски причините за овие, секако издржани, прашања не ги бара малку поназад во минатото. Дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ има кусо паметење или можеби не бил присутен во земјава кога во извештаите на Европската Комисија за време на владеењето на неговата партија државата беше прогласена за „заробена“? Доколку немал можност да ги слушне бомбите, може да ги прочита извештаите од судските рочишта на кои секојдневно се пуштаат аудио снимки од функционери на неговата партија, добар дел и натаму во „реформираното раководство“, од кои може да побара дел од одговорите на своите прашања „како се случи ова?“. Притоа, интересно беше да се следат изјавите на Николовски и на бројни партиски поддржувачи кои одеднаш, како разбудени од долг сон, почнаа да се натпреваруваат во откривањето на вистината за Мијалков, неговите бизниси, прислушкувањето, злоупотребите... За ваквите и слични случаи од не многу далечното минато, Мицкоски не изусти ниту збор. 

Тивко е на ножот!

Во делот од говорот кој го посвети на „нашите актуелни вмровски работи“, Мицкоски го засили впечатокот со серија тешки квалификации на сметка на опозициските пратеници кои ги поддржаа уставните измени. Во овој дел преовладуваа зборовите „предавници“, „изневерување“, „виткање на кичмата“, „срам“...

Своето доживување за ноќта на „црниот петок“, Мицкоски го смести директно во историските анали споредувајќи го со битката на Ножот. И тој страдал таа ноќ исто како и комитите кои самите си пресудија на 14 јули 1907 за да не му паднат живи во рацете на турскиот аскер. Со оглед на тоа што веќе во следната реченица Мицкоски ги обвинува пратеници дека „дезертирале“, со примерот за Ножот веројатно им порачува дека требало да легнат врз своите бомби?!

Пратениците, рече Мицкоски, го изневериле него, партијата и државата. Но паѓа во очи дека „неверството“ и „предавството“, како што ги дефинира Мицкоски, не се однесуваат на идната промена на уставното име, ниту на, како што имаше обичај да каже во изминатиот период, загубата на идентитетот, јазикот или слично. За тоа нема ниту збор во делот од неговиот говор во кој ги квалификува „одметнатите“.

Клучното „неверство“ и „предавство“ се кријат во изгубената шанса на Мицкоски на избори да го порази Заев и да дојде на власт.

„Цел живот ќе ме мачи ова прашање - зошто не издржавте? А, малку фалеше. Само малку фалеше да издржите! Да одговоревте на задачата, да не ја свиткате кичмата, Заев беше готов!

(...) А, да издржевте ќе одевме на избори! И ќе го победевме злото! Ќе го победевме Зоран Заев и групата околу него!“, рече Мицкоски дополнувајќи дека „вечно ќе пати за пропуштениот момент“.

До победата и по неа

Но, без разлика што Мицкоски не доби шанса да го порази Заев на избори, барем дознаваме како планирал да владее опозицискиот лидер. Ова е неговата понуда за иднината:

„Ќе ви гарантиравме независно судство, и така ќе можевте да ја добиете правдината, правдата. Кој се огрешил со финансиски криминал и за кој ќе има докази, во една независна и ослободена од политички притисок постапка, ќе одговараше. Кој ќе приложеше докази дека е невин ќе ја добиеше правдата, како што во еден случај во независно судство гонетите од 27 ќе добиеја слобода и правдина“.

Со други зборови, во идното независно судство на Мицкоски, обвинетите за 27 април ако самите приложеле докази ќе добиеле слобода, а оние кои сториле финансиски криминал, ќе одговарале, доколку има докази за него...

Пред крајот на својот говор, Мицкоски прави уште еден пресврт. Критикувајќи ги понудите за помирување од  власта како „неселективна правда“ тој бара целосна амнестија за 27 април.

„Слушајте ме добро ваму, ајде донесете закон за амнестија кој го предлагаме за сите учесници за 27-ми април, за да има и неселективна правда и слобода за сите, а не селективна правда за само оние кои што вас ви слугуваат“.

Во овој дел нејасно е за кој закон за амнестија зборува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Имено тој уште од преземањето на кормилото на партијата минатата година најави дека ќе предложи таков закон, но тоа никогаш не се материјализираше. Токму притворените за 27 април во прогласот кој го објавија викендот му префрлаа на Мицкоски дека иако им ветил, никогаш не поднел закон за амнестија. И на таа тема, чуму барање одговорност и разрешување на потпретседателот Митко Јанчев поради тоа што во интервју за ДВ излезе со истото барање за амнестија?

Mitko Jancev
Митко Јанчев, поранешен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕФотографија: Privat

Преродбата заврши

„Ние со нашата преродба и реформа завршивме“, ќе порача Мицкоски во говорот.
„Подготвени сме. Фокусирани сме, концентрирани сме, се повеќе стануваме силни, и силно сме мотивирани и енергизирани, имаме и храброст, а и лудост, а најмногу мудрост за да ги оствариме овие наши цели“.

Мицкоски повика на обединување во државата околу неговата партија и најави дека „ќе прави пактови, ќе урива бариери и ќе ги обединува сите поединци, струи, организации, интелектуалци, млади, и зрели личности кои се загрижени за состојбата во државата“.

На терен, реалноста засега е малку поинаква.

Во Собранието, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и неговата опозициска коалиција е веќе намалена за осум пратеници, двајца (Панчо Минов и Даниела Рангелова) најавуваат заминување, а според неофицијални информации, ќе следуваат и други.

Големо прашање е како ќе се одрази исклучувањето на Мијалков, Јанчев и Тодоров во самата партија, и покрај манифестираното единство на Централниот комитет. Првите двајца, освен што имаа големо влијание кај дел од членството, беа и финансиери на партијата. Јанчев притоа е и градоначалник на Кавадарци, што деновиве е реткост во некогаш моќната партија.

Во односите со меѓународната заедница, Мицкоски и новото раководство продолжија онаму каде што заглиби Груевски- во длабока изолација. Од сестринската Европска народна партија (ЕПП) во деновите пред гласањето за уставните измени веќе стигнуваа предупредувања за можно исклучување и наводи за „длабока разочараност“ од раководството. Пораките од САД се уште појасни и подиректни. Високиот дипломат Метју Палмер во понеделникот од Скопје рече дека „нема потреба да се гледа со Мицкоски“, откако Вес Мичел му кажа се што имаше во писмо.

Можеби, како што вели Мицкоски, преродбата навистина завршила, но реформите во неговата партија се далеку од започнати. Во тој дел, кадровски чистки на неистомислениците нема да бидат доволни. Притоа, некои се прашуваа: а што е со Груевски?

Партијата ќе мора идеолошки одново да се дефинира и да ги убеди и македонските граѓани и меѓународната заедница дека нуди нешто ново и различно од претходното раководство. Јасната и недвомислена поддршка за НАТО и ЕУ, во таа насока, ќе биде голем бонус за Мицкоски. Но овојпат, зборовите ќе мора да ги замени со дела.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи