1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мугабе е историја, но не и стариот режим

Клаус Штекер
16 ноември 2017

Уривањето на Роберт и Грејс Мугабе од власта без крвопролевање е добра вест. Дали Зимбабве ќе се врати кон слободата, полетта и демократијата? Тоа не е воопшто сигурно, смета Клаус Штекер

https://p.dw.com/p/2njHJ
Afrika Kuss und Küsse
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Njikizana

Војската и натаму упорно тврди дека не се работи за пуч. Во заднината на тоа се крие загриженоста дека расположението може нагло да се промени доколку односот кон иконата, Роберт Габриел Мугабе, биде премногу груб. Тоа ги објаснува избрзаните соопштенија за состојбата во која е Мугабе. Овој 93-годишник и натаму формално е претседател. Но, како се нарекува претседател кој е во домашен притвор, и кој не може повеќе да ја контролира состојбата? Немоќен? Развластен? Нему му останува уште да најде решенија за своето семејство и да потпише дека се повлекува од власт. За останатото ќе расправаат експертите за државно и меѓународно право.
Ерата на Мугабе, по 37 години, заврши. А со тоа всушност е спречен вистинскиот државен удар- постепеното доаѓање на власт на неговата сопруга Грејс Мугабе, помлада од него 41 година.

Жена без скрупули

Сега се работи за неа, а не за „стариот Боб“- физички и ментално остарениот, вечен владетел. Оној кој ги видел неговите последни појавувања во јавност би морал да се запраша: дали Мугабе воопшто има нешто под контрола? Неговата втора сопруга, неговата поранешна дактилографка, бескрупулозно го користи името на Мугабе за да напредува понатаму. Долго време никој не се осмелуваше ништо да и приговори. Критичарите беа немилосрдно отстранувани од владејачкиот круг. Претседателот Мугабе не се противеше на тоа, туку во своите одминати години и веруваше само на неа. 
Но, Грејс Мугабе погрешно ја процени состојбата кога е во прашање влијателниот Емерсон Мнангагва. Долгогодишниот пријател на Мугабе, борец во ослободителната војна, поранешен министер за одбрана и екс потпретседател, беше преголем залак за неа- бивша дактилографка која во времето на ослободувањето на Зимбабве во 1980 година, имала само 15 години и која и инаку нема никакви заслуги.
Грејс Мугабе е една од најомразените личности во Зимбабве. Постојано го зголемуваше своето богатство и го ширеше своето влијание. Со отровни изјави стекнуваше се повеќе непријатели. Во кругот на луѓето кои ја поддржуваат се некои од најбескрупулозните богаташи и радикални ленинисти. Сите тие се пресметаа.

Stäcker Claus Kommentarbild App
Клаус Штекер

Армијата како единствено решение

Во таква ситуација армијата е најдоброто решение- затоа што е единствено. Тоа можеби делува како некаков уникатен случај, бидејќи таа војска е позната по својата озлогласеност, но и по ефикасната организација- дури и кога се работи за сузбивање на пандемии, како малерија или колера. Од друга страна, бедната слика на, исто така, развластената полиција, кажува сѐ.
Зимбабве е воена држава. Поранешни припадници на армијата ги водат полудржавните претпријатија, голем дел од парите од рударскиот сектор се уплаќаат директно во воените каси. Ветераните на ослободителната војна се на сите страни. А меѓу нив и оние кои имаа важна улога во првите години на независноста, како воздухопловниот генерал Перенс Шири.
Оттука, пучистите можат да обезбедат само едно: стабилност. Дури и опозицискиот политичар и поранешен министер за финансии, Тендаи Бити, и оддаде признание на војската за добро подготвениот државен удар, кој беше завршен без крвопролевање и напади врз населението.

Во очекување на демократија

Но за некаков „добар“ државен удар не може да стане ниту збор. Никој не треба да има илузии дека привремените властодршци ќе можат да помрднат руинираното Зимбабве. И Мнангагва, човекот кој е во егзил во Јужна Африка и кој наводно го усогласил преземањето на власта со новата светска сила Кина, е човек на минатото. Се уште не е дојден часот на опозицијата. Таа е и натаму повеќе поделена од владејачката партија Зану-ПФ. Во таква ситуација, армијата може да обезбеди уреден, преоден период. А потоа треба да уследат слободни избори. Такви во Зимбабве немало 15 години.