1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Воспитување во слободарски дух

Каталин Флореску
11 март 2017

Масите луѓе се подложни на влијанието на популистички заводници. Осоколени од хуманистички идеали, тие меѓутоа можат да придвижат планини и одговорно да дејствуваат. Но, патот дотаму е долг, смета Каталин Флореску.

https://p.dw.com/p/2YyGw
Autor Catalin Dorian Florescu
Фотографија: M. Walker

Толпата отсекогаш имала улога на политичка ѕвезда. Сеедно дали онаа која го донесе Хитлер на власт или онаа која ги трпеше и им оддаваше почит на злосторствата на Сталин. Или свесната маса демонстранти против советските режими во Прага или Будимпешта. Таа се појавува секогаш во моменти на кризи и пресвртници или, поинаку формулирано: кога масата ќе достигне критична големина, може секоја криза да ја преобрати во незамислив преврат.

Но, осоколена од критичен дух и хуманистички идеали, масата е во состојба да помести планини. Во шеесеттите години, стотиците илјади луѓе на перманентни протести против Виетнамската војна и расизмот создадоа притисок на кој треба да му се заблагодари за крајот на војната и спроведувањето на граѓанските права во Америка. По студентските бунтови (во Франција и работнички протести) во 1968. година, не беше можно враќањето кон мртвилото од 50-те години. Многу тогашни барања за промени фатија корен во општеството и до денес ставаат печат на нашите животи: алтернативни форми на заедничко живеење, рамноправност меѓу половите, екоколошка свест. Човекот на Запад освои натамошно делче од својата независност.

Во Источна Германија и во Романија, да наведам само две источноевропски земји, масите граѓани кои се излеаја на улиците, ги урнаа комунистичките режими. И покрај сомневањето или извесноста дека народното востание од 1989. година во Романија е изманипулирано и на луѓето им е украден нивниот револуционерен дух, тие ги ризикуваа своите животи за демократските вредности. 

Љубовни врски со лидерот

Тоа што стотици илјади луѓе по инаугурацијата на Доналд Трамп протестираа против новиот претседател на САД и духот кој тој го репрезентира, претставува светла точка на денешнината. Без оглед што беше демократски избран, се чини дека тој претставува опасност за демократијата. Дали е протестот доволен? Засега тешко, зашто во меѓувреме една друга маса достигна критична големина. Таа на површината на власта исфрли еден фушерски популист. 

Мораме да се припазиме од вакви цинични, гневни, со назадност набиени маси. Ние, народот. Иако и популистите претендираат дека зборуваат од името на народот, масата и народот не се поклопуваат целосно. Ако се случи тоа, тогаш сме загубени.

Вакви маси радо влегуваат во жестоки љубовни врски со своите „водачи“. Додека во Русија се врши заплашување и убивање на опозиционери и речиси нема слободни медиуми, цвета љубовта на Русите кон Путин. Поттикнати од демагошката политика на Орбан и Качински, сѐ поголем број млади Унгарци и Полјаци потпаѓаат под апсурден десничарски национализам, дури и радикализам. Сигурно не знаат ни самите од што конкретно се плашат, зашто странци имаат видено само во странство. Нивната култура во најголема мерка е хомогена. Ни стопанството не може да се пожали, зашто досега на Полска ѝ оди прилично добро.

Слободата не може да биде принудна

Ширењето на популизмот меѓу младите на Исток има други причини отколку  на Запад. Оние на Исток, кои денес имаат меѓу дваесет и триесет и пет години, се социјализирани во време на крахот на комунизмот. По набиениот со страв комформизам и опортунизам од комунистичката ера, следеше опортунизмот и гневот предизвикан од егзистенцијалната битка во дивиот вулгарен капитализам на деведесеттите. Постоеше желба за ослободување од оковите на диктатурата, но стекнатата  слобода стана преоптоварување. На Исток до денес трае процесот на воспитување за живот во слобода.

Слободата на одговорниот поединец не може да биде диктирана одозгора, таа вирее преку воспитувањето и просветувачките институции. Одењето в црква, молењето, не можат да го заменат процесот на човечко индивидуално созревање. Процесот на созревање се случува во семејствата и во училиштата и со поттик од одговорна држава. Многумина на Исток во овој контекст треба да се прашаат-каде потфрлиле.

Дали тоа функционира барем на Запад? Воошто не. И овде почвата на просветителството се чини прилично тенка. Во САД, во Франција, Англија и т.н. сите оние луѓе кои се чувствуваат економски и државно запоставени, се сметаат во право да ги поддржуваат помрачителите на хуманистичките вредности и нивни подбивачи. Во Германија тоа дури се случува и без економска криза. Овие наводни губитници  не се во право, зашто етиката и моралот за секоја зрела индивидуа се безалтернативни вредности. Дури и тогаш кога постои закана од сиромаштија и бесперкспективност. Ништо не го оправдува оној кој се препушта на своите најниски пориви.

„Комплетен човек“

Потребни се политичка борба, барање средства и начини за артикулирање на сопствените барања. Потребен е ангажман, здружување со другите, градење свесна маса. Посебно за верниците треба да важи принципот-да се трпи без да се дозволи труење со омраза. Секој од нас претставува комплетен човек, или барем цели кон тоа.

Обидот за разбирање на масата не е од голема помош. Потребно е цврсто и решително спротиставување кон неа, потребна е силата на внатрешно всидрените хуманистички и просветителски вредности. Но, хуманизмот и просветеноста не можат да бидат натурени одозгора. За нив е потребно бавно, но упорно воспитување во слободарски дух. 

Писателот Каталин Дориан Флореску е роден во Романија, а од 1982 година живее во Швајцарија. За романот „Јакоб решава да сака" во 2011 година ја доби наградата на Швајцарските книжари.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи