Каде завршува Европа?
11 февруари 2017Која е највисоката планина во Европа? Го знаете ли тоа? Дали е тоа Монблан, на француските Алпи, со врв од 4810 метри, или е тоа Елбрус, на Кавказот, со 5642 метри? Одговорот на ова прашање кажува многу за тоа каков однос кон Европа имате.
Австриско-полскиот географ Ервин Ханслик, кој бил убиен од националсоцијалистите, сметал дека врвот Исмаил Самани со своите 7495 метри е највисок во Европа, а тој се наоѓа во Таџикистан. Урал и Босфорот се навистина многу произволно поставени точки на обележување на крајот на европскиот континент на Исток. Она за што всушност се работи е разграничувањето и прашањето - кој припаѓа во Европа, а кој не?
Кој каде припаѓа?
И во Србија не е расчистено прашањето за највисоката планина во земјата. Мнозинството Срби би рекле дека највисок врв е Ѓеравица - 2656 метри. Тој, меѓутоа, се наоѓа на Косово, кое од страна на мнозинството членки на ОН е признато како независна држава. И поради ваквите несогласувања околу протегањето на државните граници се поставува прашањето - на кого се мисли кога денес зборуваме за Европа?
Најчесто се мисли на ЕУ, можеби и богати држави како Норвешка и Швајцарија, кои не се дел од ЕУ. Но, дали се мисли и на балканските држави кои не се членки на ЕУ?
Балканот припаѓа, а сепак не припаѓа на Европа. Балканот како регион некогаш бил конструиран затоа што требало да се одделат „европските“ делови на Османлиското царство од делот на континентот кој се сметал за цивилизиран.
„Балканизација на Европа“ наместо „европеизација на Балканот“
Се чини и на Балканот нема сигурност околу тоа дали се припаѓа на Европа или не. Од една страна, мнозинството Срби, Босанци, Косовци, Албанци, Црногорци и Македонци, се разбира за себе тврдат дека се Европејци. Но, од друга страна, кога патуваат во Франција, Германија или Австрија велат: „Одиме во Европа“. Истото го велат и младите луѓе, кои масовно го напуштаат регионот за да си ја пробаат среќата во болниците, на универзитетите и на градилиштата во ЕУ.
Кога велат Европа мислат на место со перспективи за иднина, кое не се наоѓа на Балканот. Европа е место каде тетката, синот или сестрата заработуваат добро. Европа е место каде полицајците не се поткупливи и каде се добива работа затоа што за тоа си квалификуван, а не затоа што имаш добри врски. Европа е место каде важат прицнипите на правната држава.
По војните во Југославија граѓаните на Балканот се надеваа дека оваа и ваква Европа ќе се прошири на целиот континент. Оваа надеж не е умрена, но лежи на смртна постела. Од Брегзитот, ретко кој во Сараево, Скопје или Тирана верува дека ЕУ навистина набрзо ќе се проширува.
Што е уште полошо, ЕУ која се дели ја има загубено својата привлечност. Од крајот на војните во Југославија се бара „европеизација на Балканот“, а наместо тоа сѐ изгледа како да се случува „балканизација на Европа“.
Поделба на Европа и Балкан
ЕУ со години му се чудеше на национализмот на Балканот, а денес десните популисти бележат успеси на целиот континент. Во Шпанија, Грција и Италија одамна има бесперспективност на младите. Правната држава во Унгарија и Полска систематски е „глодана“ од страна на владите, а примерот на Бугарија покажува дека приклучувањето кон ЕУ не оди секогаш автоматски заедно со демократизација и борба против корупцијата. Во Романија стотици илјади луѓе се на улиците со надеж за подобра иднина.
Менталната поделба на Европа и Балкан од есента 2015 година се манифестира и материјално. Кога Србите погледнуваат во насока на ЕУ, гледаат огради изградени од Унгарија и Хрватска. Попусто се поканите за Брисел и отворањето поглавја во преговорите, ако се креваат огради. Луѓето така брзо сфаќаат дека не се добредојдени.
Не е едноставно да се промовираат европските вредности, ако ЕУ ги остава децата бегалци да се смрзнуваат зад желензичката станица во Белград сакајќи со тоа да даде сигнал. Хиндукуш не е дел од Европа. Многу од авганистанските деца без придружба кои завршиле во Србија не се образувале, зашто доаѓаат од пограничното подрачје со Пакистан, а талибанците кои владеат таму не се пријатели на световното образование. Сепак, децата во руините во Белград имаат сфатено две работи:
1. Во Европа се, но сепак некако и не се и
2. ЕУ не ги сака.
Многу луѓе на Балканот го мислат истото.
Крсто Лазаревиќ е роден во БиХ и како дете со родителите побегнал во Германија. Денес живее во Берлин и пишува за неколку медиуми на германски јазик.