Можна е Европа со различни брзини?
25 март 2017Германија и Франција заговараат Европа со различни брзини. Тоа го објавија Ангела Меркел и Франсоа Оланд при нивниот последен состанок во Версај. Три недели подоцна, на 60-от роденден на Унијата во Рим, сите ја повторуваат таа мантра. Што е всушност тоа за што толку многу се зборува? За мене тоа е вистинска загатка.
Сам по себе се наметнува еден толковен слој. Јазичката слика на различните брзини асоцира на интегративни процеси во ЕУ кои отстапуваат еден од друг. Едноставно, станува збор за веќе постоечки разлики во демократскиот и економскиот развој на одделни членки. Добро. Сепак, не е добро. Што подолго размислува човек околу политичката метафора на брзината, дотолку повеќе може да дојде до збунетост, или уште полошо, на човек му паѓаат на памет мноштво различни работи.
Би можел, на пример, на сличен метафорички начин, да кажам дека мојата Европа моментно достигнува брзина од 200 километри на час. Од лична перспектива. Токму седам во супербрз воз во правец на Лајпцишкиот саем на книгата и се прашувам, да простиш, со која брзина се движи мојата Европа од дневно-актуелната перспектива на госпоѓа Меркел и господин Оланд? Првенствено, накаде се движи?
Модел за различни брзини како несолидарна приказна за иднината
Не се знае точно. Но, нивната цел на некој начин е поврзана со белетристиката. Претпоставувам. Политиката и книжевноста имаат повеќе допирни точки отколку што мислиме во прв момент. Јазикот на политиката не може без книжевни средства. Германско-француската метафора на брзината, која денес сакаме да ја расчлениме, ни дава соодветни аргументи. Сликата всушност е стара неколку децении. Не е важно, и грамофонските плочи од тој период денес се повторно во мода.
Да повторам: мантрата за Европа со различни брзини е опис на состојбата која во прв момент изгледа уверливо. Искуството покажува дека интересите и способностите за интеграција во самата ЕУ се различни. Тоа секако мораме да го прифатиме, иако со жалење. Сепак, останува прашањето зошто накривената положба на ЕУ е преведена во метафора на брзина, која исто така е погрешна? Како може тоа да функционира во таканаречената стварност?
Дали некоја заедница навистина може да напредува со различни брзини, а да не почне да се зализгува? Практично тоа е речиси неможно. Така посматран, овој метод на различни брзини се покажува како наратив за иднината со исклучително мала солидарност. Во таа приказна постоечките односи на моќта и соодветните хиерархии, ни малку уверливо, се претставуваат на оптимистички начин. Имено, оваа приказна ја пропагираат актери кои во својата невешта автоперцепција секогаш се понапредни од другите.
Губитниците ќе ја одиграат картата на национализмот
Не требаше долго да се чека на паралелен, односно спротивен наратив. Радикална кочница во европскиот интегративен процес, како што е и очекувано, повлекуваат оние сили кои во наративот за различни брзини, се назад. Тие реторички го превртуваат статусот на „откачени“ и од тоа коваат свое универзално популистичко оружје. Моментно гледаме каде за жал води идентитетското политичко лудило. Резултат е широк авторитарен револт на националистичките движења ширум Европа.
Најпосле, не смее да се изостави од вид дека политичкиот наратив за различни брзини не може да се сфати надвор од поширокиот контекст на капитализмот и глобализацијата. Само така го допираме дефектното јадро на конструкцијата. Во Европа со различни брзини однапред е зацртана капиталистичката констелација на конкуренцијата. А заговорниците се претставуваат како демократи. Губитниците, порано или подоцна ќе заиграат на националистичката карта.
Книгите се во состојба да издржат неверојатно многу брзини. Без проблеми. Тоа не може да ги искине. Токму во тоа е магијата на читањето. На мојата Европа во моментов ѝ е подобро во книжевноста отколку во европските реалности кои се во меѓусебен натпревар.
Писателот и новинар Амир Камбер е роден во 1977. година во поранешна Југославија. Босанската војна на почетокот на 90-те го довела во Германија. Денес меѓу другото тој работи како радио-водител во Вестдојчен рундфунк и како автор. Тој пишува на германски и на босански јазик.