1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Ердоган, големата жртва

Крсто Лазаревиќ
18 март 2017

Ердоган се инсценира себеси како жртва, а жртвите секогаш се во право. Притоа, тој е извршителот, смета Крсто Лазаревиќ.

https://p.dw.com/p/2ZR2a
Krsto Lazarevic
Фотографија: Privat

Сведоци сме на политички спектакл, чии жртви станаа и холандски крави. Турското здружение на месни производители го потврди протерувањето на 40 холандски крави од Турција. Турските патриоти и поддржувачите на Ердоган не сакаат веќе да консумираат животински производи од земја која ја обвинуваат за употреба на „нацистички методи“ и за „фашизам“. На сатиричарите деновиве не може да им се завиди на работата.

Спорот започна откако турската министерка за семејство беше принудена да ја напушти Холандија, а на турскиот министер за надворешни работи не му беше одобрен влез во земјата. Холандскиот премиер Марк Руте покажа цврст став во поглед на турското раководство, што сигурно му донесе дополнителни гласови на парламентарните избори во средата.

Но, вистинскиот победник во кловновскиот спектакл седи во Анкара и се вика Реџеп Таип Ердоган. Тој владее заобиколувајќи уставот и ваквата состојба сака да ја легализира со референдумот на 16. април. Бидејќи во парламентот нема потребно двотретинско мнозинство, мора да го праша турскиот народ, а воопшто не е сигурно дали тој ќе се согласи на воведување претседателски систем.

Забранет збор

Поради тоа, партијата на Ердоган, АКП, почна систематски да го прогонува зборот „Hayir" (не) од јавниот простор. Во средината на февруари беа отстранети стотици илјади брошури против пушењето, издадени од здравствената служба, зашто носеа наслов: „Оној кој вели 'не', постапува правилно“. АКП сака Турците да заборават на значењето на зборот „не“. Ердоган сака Турците да заборават што значи да се пружи отпор против диктатор.

По забранетиот настап на турски министри во Германија и во Холандија, Ердоган пронајде ефикасно средство за борба за воведување на неговата претседателска диктатура. Тој се инсценира себеси и Турција во улога на жртви.

Европа веќе не е пример

Ердоган во вторникот ја обвини Холандија за убиство на 8.000 Бошњаци во Сребреница. Тој ги инструментализираше жртвите од најголемото злосторство на европско тло по крајот на Втората светска војна, за себеси лично и својата верска муслиманска клиентела да ја претстави во улога на жртва на европска крстоносна војна. Своето апсурдно обвинување Ердоган вака го дополни: „Никој не треба да ни држи лекции по цивилизираност. Овој народ има чиста совест.“

Совеста е чиста поради негирањето на геноцидот извршен врз Ерменците. Совеста е чиста, зашто демократскиот отпор на Курдите во форма на партијата ХДП се оцрнува како тероризам. Совеста е чиста, зашто се замолчуваат критичките гласови, кои или се зад дебелите затворски ѕидови или во егзил. Во ниедна земја во светот нема повеќе новинари во затворите.

Европа за Турција некогаш важеше за пример. Тоа време не е многу дамнешно, но сеќавањето на него веќе избледе. Турското раководство денес смета дека на земјата не ѝ се потребни лекциите од арогантните Европејци и со сопствени сили може да стигне до позиција на една од најважните економски сили во светот.

„Бели“ и „црни Турци“

Социологот Нилуфер Голе на почетокот на 1990-те години, за да го опише социјалното милје во земјата, ги воведува поимите „бели Турци“ и „црни Турци“. Белите Турци живеат урбан живот, се добро ситуирани и долго време биле носители на функции во државата и општеството. Често, тие не чувствувале ништо друго освен презир кон религиозните „црни Турци“. Ердоган себеси се означува како „црн Турчин“. Еден од обесправените кој успеал од продавач на ѓевреци во пристанишен кварт во Истанбул да стигне до врвот на турската држава. Своевремено, многумина „бели Турци“ се потсмеваа на религиозноста на „црните Турци“ и ја контролираа земјата независно од резултатите на избиралиштата. Денес веќе не им е до смеење.

Ердоган ги развласти „белите Турци“ и на милиони „црни Турци“ им помогна да се искачат во средниот слој. Но, искуствата од понижувањата и маргинализацијата сѐ уште имаат голема тежина. Ердоган ги мобилизира овие чувства за да се одржи на власт. Статусот на жртва и успешната приказна Ердоган, еден од нас кој успеал до врвот, на неговите приврзеници им се поважни отколку независно судство и слобода на печатот.

Фантазии за семоќност

Притворениот новинар Дениз Јуџел на 03.04.2016 во „Ди велт“ за Ердоган напиша: „Неговите следбеници го сакаат, зашто ги има истите деформации како и тие самите. Зашто на неговите противници им ги покажува границите во манирот на Чак Норис.“

За таа цел мора постојано да се наоѓаат нови противници на кои ќе може да им се покажат нивните граници. Ердоган сега е во улога на силен маж кој се спротиставува на Европа. ЕУ, а првенствено Германија и Ангела Меркел, со години ѝ вртеа грб на Турција. Привилегирано партнерство - да, ЕУ-членство - не. На тој начин слабееше мотивацијата на турското раководство да премине на патот на демократијата и правната држава. Дотолку полесно денес на Ердоган му паѓа навредувањето на наводно арогантните Европејци и наместо тоа, да ги живее посредно омнипотентните фантазии на својата клиентела. 

На симпатизерите на Ердоган им е сеедно за нивната слобода на мислење, зашто и без тоа имаат исто мислење со него. Тие зборуваат за „демократија“, а притоа не мислат ништо друго освен диктатура на наводното мнозинство над неистомислениците, опозицијата и малцинствата. Земја во која илјадници опозиционери се наоѓаат во затвор, не е никаква демократија.

Ова ја објаснува и омиленоста на Ердоган меѓу некои граѓани со турско потекло во Германија и Холандија. И тие се гледаат како жртви. Колку е пореална секојдневната дискриминација, толку пооправдан е статусот на жртва. Жртвите се во право, жртвите смеат на другите да им ја припишат вината за своите проблеми, жртвите не мора да размислуваат дали постапуваат неправедно кон другите.

Ердоган се става себеси и својата клиентела во улога на жртва за да ја задуши во корен секоја рефлексија во поглед на сопствените постапки. Притоа, Ердоган не е жртвата, туку извршителот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи