1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицотакис во посета кај Меркел

Јанис Пападимитриу
28 август 2019

Новиот грчки премиер Киријакос Мицотакис денеска е во својата прва посета на Берлин по преземањето на должноста. Тој ветува реформи и се надева на олеснето отплаќање на долговите на неговата земја.

https://p.dw.com/p/3Oczm
Bildkombo Mitsotakis Merkel

Преку својата победа на изборите во јули, Киријакос Мицотакис веќе можеше да го забележи својот прв успех: шефот на конзервативците е првиот премиер во Грција по должничката криза од 2009 година, кој може да владее без коалициони партнери. Во првите недели од својот мандат тој првенствено успеа да демонстрира присутност. А дилемите околу заздравувањето на грчките банки, тој ги разби со најавата за укинување на сите контроли на капиталот почнувајќи од 1. септември. Кога во земјата избувнаа шумски пожари, Мицотакис го прекина одморот и за состојбата разговараше со луѓето на терен.

Новиот премиер сака да даде знак пред сѐ со окончувањето на контролите на трансферот на капитал. Во 2015 година претходната влада на премиерот Алексис Ципрас воведе ограничувања на платниот промет заради заштита на домашните банки од бегство на капиталот. Оттогаш контролните мерки постојано се разлабавуваат. На почетокот од 2019 година левичарскиот министер за финансии Еуклеид Цакалотос најави нивно целосно укинување, но не го спроведе поради задршките кои ги изразија банките. Сега Цакалотос го оценува потегот на Мицотакис за правилен, но сепак како последен чекор во финансиската политика која успешно ја спроведе претходната влада. На тоа веднаш реагираше портпаролот на Министерството за финансии, укажувајќи дека левичарите не треба да изигруваат спасители, туку да се извинат кај граѓаните за воведувањето на контролите на капиталот.

„На некој начин двете страни имаат право“, вели Јоргос Цогопулос, публицист и доцент за меѓународни односи во разговор со Дојче веле. Точно е дека во 2015 година левичарите повлекоа реалистичен потег, кој дејствува позитивно до денес. Од друга страна: „Дури по победата на конзервативците на европските избори во мај каматата за грчките државни обврзници забележа голем пад, што значи дека финансиските пазари им веруваат повеќе на конзервативците.“

Одлагање на должничките олеснувања

Кратко пред своето патување во Берлин, новиот грчки премиер одржа советувања со своите министри за итни работи. Станува збор за закон за поттикнување на инвестициите и сeопфатна даночна реформа. Преку реализацијата на длабоки реформи, Мицотакиссака да издејствува должнички олеснувања за својата земја. Во изборната кампања тој ветуваше економски пораст до 4 проценти, кој би обезбедил доволен маневарски простор за разлабавување на мерките за штедење наложени од кредиторите.

Дали е тоа така? „Не верувам дека партнерите од ЕУ толку брзо ќе ѝ излезат пресрет на новата влада во Атина“, смета економистот Костас Ступас. Мицотакис планира реформи во првите две години, а се надева на поблаги мерки на штедење во следните две години. Во интервју за германскиот весник „Ханделсблат“, грчкиот министер за финансии Христос Стаикурас денеска потврдува: „Оваа влада ги прифаќа обврските кои нашата земја ги презела кон партнерите и кредиторите. Ние ќе се придржуваме кон нив.“

Griechischer Premierminister Kyriakos Mitsotakis
Грчкиот премиер Мицотакис планира опсежни даночни реформиФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Без оглед на драстичните мерки за штедење, Мицотакис сака да ја стимулира приватната потрошувачка. За таа цел неговата даночна реформа предвидува силно редуцирање на стапката за данокот на приход за граѓаните со помали примања. Се чини дека за тоа има услови, зашто претходната влада во државната каса остави преку 35 милијарди евра. На премиерот му оди на рака и тоа што шефот на опозицијата, Алексис Ципрас е упадливо воздржан во критиката, можеби затоа што по изборниот пораз во јули е силно зафатен со внатрепартиските противници. 

Предупредување од свртување кон десно

До неодамна владејачката левичарска партија Сириза не штеди критики само во една точка: Мицотакис радо се прикажува како политичар кој го протежира редот и правото. За тоа сведочат засиленото полициско присуство во атинскиот центар и најновите рации во левичарскиот кварт Егзархија. Притоа се нападнати цели семејства мигранти кои живеат во напуштени или од левичари запоседнати куќи. „Да се однесуваат деца во полициски комбиња е срам за демократијата“, истакна портпаролот на Сириза.

Оваа борба меѓу таборите секако ќе продолжи. Уште додека беше на власт, Ципрас предупредуваше од свртување на Грција кон десно. Карикирано, тогаш се велеше дека Мицотакис е под ист јорган со екстремните десничари. Тоа се аргументираше со фактот дека човек како Макис Воридис, коосновач на националистичко движење, спаѓа во луѓето на Мицотакис. Политикологот Цогопулос не ја дели оваа критика: „Точно е дека новиот премиер става засилен акцент на јавната безбедност, но тоа ни оддалеку не значи дека тој следи десноекстремна политика“, потенцира тој. Во меѓувреме новиот министер за земјоделство Воридис демонстрира покајание: кратко по преземањето на должноста тој го посети Еврејскиот музеј во Атина и јавно замоли за извинување за неговите претходни антисемитски изјави.