Куса историја на грчката должничка драма
Грција со години се мачеше со огромниот долг. Од референдумите за ЕУ и пакетот помош од ММФ до подемот на крајната левица - ДВ прави пресек на клучните моменти од кризата и начинот на кој Атина излегува од неа
Почеток на кризата
Како последица на светската економска криза, тогашниот грчки премиер Јоргос Папандреу во 2009 откри дека буџетскиот дефицит надминал 12 проценти, двојно повеќе од проектираното. Подоцна достигна и 15 проценти, далеку над границата на ЕУ од 3 проценти. Откритието ги поттикна рејтинг агенциите да го спуштат статусот на Грција, поради што Атина имаше проблем да се задолжува.
Нереди поради мерките за штедење
Во обид да ѝ помогнат на Атина, ЕУ и ММФ се согласија да ја спасат Грција во 2010. Програмата предвидуваше мерки за штедење за кратење на буџетскиот дефицит, чекор кој многу Грци не го прифаќаа. Започнаа протести и демонстрации низ целата земја кои често завршуваа со судири со полицијата. Масовните протести кои започнаа во 2011 траеја со години.
Подемот на периферните партии
Гневни поради растечката невработеност и сиромаштија, мнозинството Грци во 2012 година гласаа за периферни партии кои се спротивставуваа на штедењето и мерките за помош. Откако првите избори не донесоа јасен победник, се одржаа уште едни. На нив победи конзервативната Нова демократија. Партијата ја прифати програмата за штедење.
Без пилот
Во 2015, Грците ѝ дадоа на левичарската Сириза мандат да формира влада на вонредни избори, по што Атина влезе во судир со Брисел. Во јуни, премиерот Ципрас најави референдум за програмата на ЕУ. На 30 јуни, Грција стана првата развиена економија во светот која не успеа да плати долг кон ММФ. Атина наметна контроли за да го спречи бегството на капитал од земјата.
Пресвртна точка
Референдумот заврши со отфрлање на условите на ЕУ, откако 61 отсто од граѓаните гласаа против новата програма за спас. Но, тоа не ја спречи владата на Ципрас да ги прифати условите на Брисел, поради што оставка поднесе министерот за финансии Јанис Варуфакис. Тоа ѝ овозможи на Грција да избегне излегување од еврозоната и да добие помош во износ од 86 милијарди евра.
Патот на закрепнување
Како дел од програмата за спас од 2015, Грција усвои економски реформи кои вклучуваа намалување на јавната потрошувачка и приватизација на државните фирми. Две години подоцна, ММФ побара од Брисел да ги олесни условите и да усвои отпишување на долговите. За Грција да ги исполни условите, Ципрас се согласи да ги прошири даночните и пензиските реформи.
Крај на една ера?
Во август 2018, Грција официјално ја напушти програмата за штедење, а претставници на ЕУ тоа го нарекоа „почеток на ново поглавје“. Комесарот Пјер Московиси изјави дека Грците „можеби не чувствуваат подобрување“, но ЕУ ќе продолжи „да работи со вас и за вас“. Но, со високата невработеност и огромната сиромаштија, многумина се сомневаат дека ова е навистина крајот на кризата.