Меркел: Завршувањето на спорот за името е важна вест
26 јануари 2019„Ова е само мала, но многу важна вест, која има многу врска со војна и мир, како и со стабилност“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на собир на нејзината ЦДУ во Тринвилерсхаген.
Канцеларката го следи активно проблемот уште од самитот на НАТО во Букурешт пред повеќе од една деценија и прави обиди за наоѓање начин Македонија да стане членка на Алијансата и да ѝ се приклучи на ЕУ. Сега, со Преспанскиот договор, патот за земјата е отворен, оценува канцеларката и додава: „При толку многу меѓународни кризи се мисли дека ништо не се помрднува нанапред.“
Повеќе:
Компромис за името: Ѓаволот е во деталите
„Преспа“ предизвика ерупција од честитки
Мас: Извонредна вест за Европа
Булман бара Нобелова награда за Заев и Ципрас
Шефот на пратеничката група на социјалдемократите во Еврпопскиот парламент, Удо Булман, смета дека македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас би требало да добијат Нобелова награда за мир. „На Зоран Заев и Алексис Ципрас им успеа она во што не успеаја многу други во изминатите речиси три децении - тие конечно му ставија крај на огорчениот спор за името помеѓу Скопје и Атина и со тоа испишаа историја“, изјави Булман за германската агенција ДПА.
„Тие не потклекнаа под притисокот на оние кои копнеат по стари национализми, туку дејствуваа во најдобар долгорочен интерес на своите земји и на Европа. Токму во времиња на популизам, во кои агендата често е диктирана од краткорочни добивки, ова е доказ за вистинска политичка големина“, оцени Булман.