1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лош старт на новата романска влада

Роберт Шварц
17 јули 2017

Само две недели по изборот, новата влада во Романија, составена од старата коалиција, презеде низа погрешни чекори. Контроверзните намери на кабинетот на чело со социјалдемократите, предизвикуваат револт во земјата.

https://p.dw.com/p/2gW70
Rumänien Ministerpräsident Mihai Tudose im Cotroceni-Palast
Фотографија: Reuters/Inquam Photos/O. Ganea

Со изборот на новата романска влада на премиерот Михаи Тудосе на крајот на јули, требаше да биде ставен крај на повеќемесечната внатрешнополитичка криза. Така барем беше најавуваната цел на Социјалдемократите (ПСД) и на нивниот лево-либерален партнер АЛДЕ. Моќниот шеф на ПДС, Ливиу Драгнеа го смени премиерот од сопствената партија, Сорин Гриндеану, од причини што тој не сакаше да се повинува на наредбите од партиската централа. Камен на сопнување беа првенствено промените во областа на судството и борбата против корупцијата.

Драгнеа, веќе осудуван за изборни манипулации, против кого во тек е истрага и за злоупотреба на службената положба и корупција, со сите средства се обиде да ги разводни законите за да може да застане на премиерската позиција. Актуелните закони не дозволуваат владата да ја преземе осудувано лице.

Бројни погрешни чекори

Новиот премиер Тудосе, исто така спорен поради афера со плагијат, сега требаше да ги донесе работите во ред, барем од аспект на Драгнеа. Но, стартот е прилично несмасен. Најавените мерки, на пример во областа на економијата и финансиите, подеднакво ги исплашија и граѓаните и инвеститорите. Солидарен данок за богатите и одложување на предвиденото намалување на данокот на додадена вредност за една година треба да обезбедат прилив на повеќе пари во државните каси. Од гледиште на ЕУ, посебно проблематична е најавената намера постоечкиот данок на добивка за претпријатијата да биде заменет со данок на вкупниот промет. Даночниот товар на таков начин би погодил бројни фирми, се стравува од банкроти. Експертите предупредуваат од економска катастрофа.

Тудосе ретерираше. При својата посета во Брисел минатата недела, уверуваше дека нема да биде реализирана ниедна од овие мерки. Тоа беше повод за првите разијдувања помеѓу него и неговиот партиски бос, Драгнеа. Во меѓувреме и Драгнеа отстапува, истакнувајќи дека „чесните фирми“ не треба да стравуваат од даночни промени. 

Rumänien Sorin Grindeanu und Liviu Dragnea in Bukarest
Ливиу Драгнеа сака да ги држи сите „конци в рака“ Фотографија: Reuters/Inquam Photos/O. Ganea

Јаз меѓу зборовите и делата

Револт се појави и кај обичните потрошувачи, поради неодржување на изборните ветувања. Новата владина програма предвидуваше за 2018. година зголемување на минималната плата на 2.000 леи, односно околу 440 евра. Драгнеа и овде најави корекција, но надолу: на една прес-конференција тој објаснуваше дека се случил проблем во комуникацијата, следната година минималната плата требало да изнесува 1.550 леи (340 евра).

Во целина, меѓу ветувањата и фактичките планови на владата на Тудосе се отвора сѐ поголем јаз. Тоа е посебно видливо во областа на правосудството. При посетата во  Брисел, Тудосе тврдеше дека сите законски измени околу сузбивањето на корупцијата претходно ќе бидат дискутирани со сите надлежни институции и со претставниците на цивилното општество. И претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, како и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, инсистираа на ригорозно продолжување на борбата против корупцијата преку независно судство. Само еден ден подоцна, романската влада усвои предлог-закон кој во иднина и на осудувани лица, по нивната „рехабилитација“, ќе им дозволи преземање на премиерска функција.

Rumänien Ministerpräsident Mihai Tudose im Cotroceni-Palast
Премиерот Нихаи ТудосеФотографија: Reuters/Inquam Photos/O. Ganea

Продолжува интерната борба за моќ

Дали Драгнеа навистина ќе може да стане директен корисник на овие промени, останува отворено прашање. Во моментов него го мачат сосем други проблеми. Антикорупциската служба ДНА, романско Специјално обвинителство, ја прошири истрагата против лидерот на ПДС, откако истражувачката платформа „Rise Project“ објави извештај, веројатно од тајната служба, за „криминална мрежа“, создадена од Драгнеа. Според ДНА, постојат „укажувања за корупциски деликти“ кај контроверзна градежна фирма од Телеорман, чиј мнозински сопственик е веројатно Драгнеа. Како долгогодишен регионален раководител, тој заедно со други локални политичари изградил цела мрежа, „касирајќи“ државни тендери во висина од повеќе милиони евра. Со дел од парите, тој ја финансирал сопствената изборна кампања.

Истрагата претпоставува дека одредени суми се префрлени во Бразил. ДНА испратила соодветно барање за помош до бразилското судство. Драгнеа ги отрла сите обвинувања, тврдејќи дека целата работа е нова терорија на заговор и зад неа се крие американскиот милијардер со унгарско-еврејско потекло, Џорџ Сорос, кој сака да го отстрани Драгнеа и да ја уништи неговата Социјалдемократска партија ПДС. 

Очигледно е дека и изборот на новата влада не ја смири битката за власт во ПДС. Позицијата на Драгнеа се чини ослабена. Во тој прилог зборуваат и исклучително критичките тонови во медиумите, кои досега го воспеваа и го китеа со ловорики. Не би било првпат во историјата на посткомунистичката партија, својот шеф, по потреба, едноставно да го „испушти“ како жежок компир.