1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Патување

Кој смее сега да патува во Германија?

Феликс Шлагвајн
26 ноември 2021

Епидемиолошката состојба во Германија е драматична. Што ќе значи тоа за влез во земјата? Кој мора во карантин? Каде смее да се патува внатре во Германија? ДВ дава одговори на најважните прашања.

https://p.dw.com/p/43TJq
ЕУ Германија Патување Коронавирус
Ограничени можности за патување во Германија поради пандемијата на коронавирусотФотографија: Zumapress/picture alliance

Кој смее да влегува во Германија? 

И покрај актуелната драматична епидемиолошка ситуација, правилата за влез во Германија се делумно поблаги одошто беа пред една година. Сепак, со оглед дека бројот на новозаразени со коронавирусот расте, од 9 ноември сите постари од 12 години кои влегуваат во Германија, без оглед од каде и со кое превозно средство, имаат обврска да ги покажат адекватните потврди. 

Значи, оној кој сака да влезе во Германија во секој случај со себе мора да има потврда дека е вакциниран, дека го прележал вирусот или негативен тест на корона. Таа уредба важи до 15 јануари 2022 година. Генерално, влезот е можен од сите земји-членки на ЕУ, како и од земји кои припаѓаат на Шенген зоната- Исланд, Швајцарија и Лихтенштајн.
Пред да отпатувате во Германија, распрашајте се за актуелната состојба и правила. Детални информации можат да се пронајдат на интернет-страницата на амбасадата на Германија во Северна Македонија, на страниците на германското Министерство за здравство и на министерствата за внатрешни и надворешни работи. 

Патување од трети земји? 

Влезот во Германија од трети земји, како што е Северна Македонија, е можен, но со одредени ограничувања. Во моментов, 20 земји се на ткн. позитивна листа на германските власти, меѓу нив се Австралија, Канада и Јужна Кореја. Жителите на тие земји во Германија можат да влезат со бараните потврди, без оглед на целта на нивното патување.
Патниците од останатите земји, за да влезат во Германија, мораат да бидат целосно вакцинирани и да имаат добра причина зошто нивното патување е апсолутно нужно. На страницата на Министерството за внатрешни работи е наведено во кои случаи патувањето се смета за апсолутно нужно.

Што се однесува до вакцините, се признаваат само оние одобрени од германскиот Институт Паул Ерлих, а тоа се вакцините на Бајонтек/Фајзер, АстраЗенека и Џонсон и Џонсон. Целосна вакцинираност се смета по втората недела од примената втора доза вакцина. За оние кои го прележале вирусот, доволна е и една доза вакцина. 

Вакцина Потврда Коронавирус
Дигитална потврда за вакцинацијаФотографија: Hans Klaus Techt/APA/picture alliance

Кој не може да патува во Германија? 

Оттука, во Германија не можат да влезат граѓани на трети земји кои не се на позитивната листа, кои не се целосно вакцинирани и кои не можат да наведат добра причина зошто патувањето е апсолутно нужно. 

Дали е неопходен карантин? 

Генерално, карантинот е обврзувачки за сите кои по доаѓањето во Германија немаат доказ дека се вакцинирани, дека го прележале вирусот или негативен тест на корона. Изолацијата е обврзувачка и за патниците кои доаѓаат од високоризични земји или од подрачја со варијанти на вирусот.
За оние кои доаѓаат од земји со висок ризик обврзувачки е десетдневен карантин, кој може да се скрати на пет дена, доколку тестот е негативен. На листата на високоризични земји на Институтот Роберт Кох се наоѓаат некои земји-членки на ЕУ како Австрија, Белгија, Грција или Хрватска, но и државите од Западниот Балкан како Северна Македонија. Притоа, карантинот е обврзувачки и за германските патници кои се враќаат во земјата- доколку не се целосно вакцинирани или не го прележале вирусот. Патниците кои доаѓаат во Германија од високоризични земји имаат обврска претходно да го пријават доаѓањето со пополнување на дигитален формулар. 

Дали пред патувањето морам да се тестирам? 

Не неопходно. Доколку имате доказ за целосна вакцинација или доказ дека сте го прележале вирусот, пред влез во Германија не морате да се тестирате. Но, можно е таква потврда да ви побараат авио или железничките компании со кои патувате. За тоа треба да се распрашате кај нив пред патот. Во Германија се признаваат само ПЦР тестови (не постари од 72 часа) и антиген тестови (не постари од 48 часа). 

Германија Коронавирус Тест
Во Германија се признаваат само ПЦР тестови (не постари од 72 часа) и антиген тестови (не постари од 48 часа).Фотографија: Rupert Oberhäuser/imago images

Какви правила важат за децата? 

Под истите услови и на децата им е дозволен влез во Германија. Деца помлади од 12 години не се обврзани да ги приложуваат наведените потврди. Притоа, за нив е обврзувачки петдневен карантин доколку доаѓаат од високоризично подрачје. Но, и тие мора да пополнат дигитален формулар за влез во Германија. 

Можам ли слободно да се движам во Германија? 

Во принцип да, но со оглед на корона-мерките правилата може да бидат различни од една до друга покраина, и може да се случи да не можете да патувате во некоја покраина. Се до 12 декември, забранети се туристички патувања во Саксонија. Слично е и во делови на Баварија. Затоа, пред да тргнете на пат распрашајте се дали се дозволени туристички патувања во покраината во која доаѓате.
Информациите за корона-правилата во сите германски покраини можете да ги пронајдете тука

2Г Коронавирус Правила Забрани
Правилото 2Г наскоро би можело да важи во целата земјаФотографија: picture alliance / CHROMORANGE

Дали како турист во Германија можат да одам во кино, музеј или ресторани? 

И тука правилата се разликуваат од една до друга покраина, па дури и од регион до регион. Во многу покраини, како Берлин, Хамбург, Саксонија и Северна Рајна Вестфалија на многу места важи ткн. правило „2Г“. Тоа конкретно значи дека само вакцинирани и прележани смеат во ресторани, музеи или на разни манифестации. Негативен тест не е доволен. Оттука, на патниците кои не се вакцинирани, туристичката понуда им е ограничена. Во наредниот период, рестриктивните мерки би можеле да бидат заострени, а веќе се бара правилото „2Г“ да се воведе во целата земја. 

Што да правам ако се заразам со ковид19? 

Веднаш одете во карантин и за тоа информирајте ги здравствените власти. Тука можете да ги надете надлежните служби. Доколку симптомите се потешки, обратете се на лекар или повикајте хотлајн 116 117. Во итни случаи, повикајте го бројот 112 или упатете се кон болница.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи