Србија со вакцината го провоцира Косово
26 јануари 2021Студен, мрачен ден, со малку пешаци на улиците. Сепак, подобро е да се повика такси. На северот на Косово не сакаат многу љубопитни новинари, особено не албански новинари. Ако како новинар се движите пеш и ве препознаат, можно е да почнат да ве следат типови во црни лимузини кои изгледаат опасно и ви се обраќаат нељубезно.
Северниот дел на Косовска Митровица е населен речиси исклучиво со Срби, како и целиот север на Косово. Овде со недели се шират гласини дека ќе почнела голема, од страна на владата на Србија финансирана и координирана кампања на вакцинирање против коронавирус.
Патот до болницата во западниот дел на Косовска Митровица води покрај згради кои сивото небо ги претворило во уште потмурни отколку што и онака се. На зградата на болницата виси српско знаме, влезот го надгледува намуртен чувар облечен во црно. На прашањето со кого би можело да се разговара во врска со гласините за вакцинирањето, раздразливо за'ржува:„ Овде никој не дава информации!“ Повикува колега како засилување. Од зградата излегува и жена во бел мантил. На двајцата репортери им подвикнува: „Нема што да барате овде, исчезнете!“
Нов судир помеѓу Белград и Приштина
Косово во корона-криза: сите европски земји во моментов прават напори да стигнат до вакцина против коронавирус најбрзо што е можно. За Косово тоа ќе биде најверојатно случај во февруари, барем така најавува Министерството за здравство во Приштина.
Состојбата на северот на Косово, кој е главно контролиран од Србија и каде косовските власти имаат малку влијание, е поинаква. Во декември минатата година српскиот претседател Вучиќ на воениот аеродром близу Белград објави дека на северот на Косово ќе почне опсежна кампања на вакцинирање, прво за луѓето над 75-годишна возраст, а потоа за сите останати. Косовската влада за ова не е информирана до денес.
Најавата на Вучиќ предизвика голема возбуда на Косово. Српскиот претседател со тоа се вмеша директно во суверенитетот на една независна држава, призната од повеќето европски држави и тоа во ситуација, во која односите помеѓу Србија и Косово и онака се на дното, а дијалогот помеѓу раководствата на двете држави, со посредство на ЕУ е одамна замрзнат.
Повеќе:
Србија се вакцинира: Русија и Кина стигнаа пред Западот
Србија- трета земја во Европа што започна со корона-вакцинација
Косово: Љубовта кон семејството не штити од коронавирус
Медицински опасно
Но, најавата на Вучиќ не е само политичка провокација. Доколку е точна, таа е и медицински опасна. Зашто, нејасно е за која вакцина зборувал српскиот претседател кога најави вакцинација на северот на Косово. Исто така, нејасно е каде и под какви услови се вршело и ќе се врши вакцинирање, доколку до него досега дошло. Доколку тоа е случај, Србија ги прекршила не само генералните правила за увоз на Косово, туку за властите остануваат непознати и потеклото, дејството, нуспојавите и долгорочните последици од вакцината.
Косовскиот премиер Авдулах Хоти веќе оцени дека кампањата на вакцинирање е нелегална, а министерот за здравство Арменд Земај најави истрага. Сепак, и по сето тоа, од Белград не се добиени официјални информации, изјави Земај за ДВ. „Ги задолжив фармацевтските надзорни власти и здравствениот инпекторат да покренат истрага во соработка со полицијата и обвинителството“, вели Земај. Тој зборува за „политизација на вакцинирањето“ од страна на Србија. Со тоа на српското малцинство на Косово му се прикажуваат постапки кои на крајот можат само да му нанесат штета, вели Земај.
Паралелен здравствен систем
Здравствената нега на Косово е и онака веќе поделена. На северот на земјата постои де факто паралелен здравствен систем - тамошните болници и здравствени центри работат со здравствениот фонд на Србија. Така здравствената нега за луѓето на северот на Косово практично оди преку Србија, а не преку Косово.
Политичката експлозивност на ваквата поделеност на здравствената нега се покажува и сега. Вчера пред зградата на косовското обвинителство стотици лекари, негуватели и медицински сестри во Косовска Митровица демонстрираа поради нивен „нехуман третман“ од страна на косовските власти. Повод за протестот е истрагата која косовската влада ја најави поради објавата за вакцинирање од страна на српскиот претседател Вучиќ. Наводно, како што тврдат демонстрантите, имало своеволни испрашувања и сослушувања.
Магла околу вакцината
Во меѓувреме останува сосема нејасно дали на северот на Косово навистина има голема кампања на вакцинирање или се' е само пропаганда на српскиот претседател. Таков впечаток се создава кога ќе се прашаат луѓето во Косовска Митровица. Воспитувачката Јелена Вучиниќ вели дека лично ништо не слушнала за вакцинирањето. „Ниту јас ниту некој од моето семејство е вакциниран, не се ниту моите пријатели и познаници. Само во локалните медиуми прочитав за тоа дека почнало вакцинирање“, вели таа. Слични се изјавите и на други луѓе во градот. Никој не познава лично некого што се вакцинирал.
Владата и Министерството за здравство на Србија не одговараат на прашањата на ДВ. Она што во целата косовска магла околу вакцинирањето е јасно е дека нерешениот конфликт помеѓу Косово и Србија и во време на пандемија води кон натамошно зголемување на јазот помеѓу двата етникуми.