Србија- трета земја во Европа што започна со вакцинација
24 декември 2020По Велика Британија и Швајцарија, Србија е трета земја во Европа што започна со масовна вакцинација со вакцината на германската компанија Бионтек и на нејзиниот американски партнер Фајзер.
Премиерката Ана Брнабиќ пред телевизиските камери беше првата граѓанка на оваа балканска земја што ја прими вакцината во белградскиот институт за вирологија Торлак.. По неа следуваа министерката за здравство Дарија Кисиќ-Тепавчевиќ и главниот српски вируолог Предраг Кон.
„ Сакам лично да покажам дека вакцината е безбедна“, изјави Кисиќ-Тепавчевиќ за државната телевизија РТС. Србија во првата пратка доби 4.875 дози на вакцината на Фајзер/Бионтек.
Повеќе:
-Вакцините пристигнуваат, кој прв ќе фати ред?
-Колкави се разликите меѓу вакцините против корона?
-Бугарија со „чисто срце“ ќе донира дел од вакцините за Северна Македонија
Премиерката Брнабиќ, пак рече дека почетокот на вакцинацијата е важна работа. „Вакцинацијата е прашање на медицина. Тоа е начин на кој го спасувате човештвото од болести“, рече Брнабиќ на прес-конференцијата по вакцинирањето.
Според неа, дополнителни 16 000 дози од вакцината на Бионтек/Фајзер се очекува да пристигнат во земјата на почетокот на јануари.
Вакцинацијата против коронавирусот инаку денеска продолжи во домови за стари лица во Белград и во Нови Сад (Северна Србија), каде беа испорачани 150 односно 100 вакцини.
Кампањата за вакцинирање против коронавирусот во Србија предвидува најнапред постепено да се вакцинираат постарите граѓани и вработените во болниците и установите за згрижување.
Вакцинацијата во најголем дел од земјите на ЕУ, меѓу нив и во Германија треба да започне во недела.