1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: Рекорден број на починати во Германија

Јенс Јенсен
9 декември 2020

Делумниот „локдаун“ во Германија не ги дава посакуваните резултати. Предупредувањата од научниците се се' погласни.

https://p.dw.com/p/3mSSo
Deutschland Behandlung eines Patienten auf Intensivstation für Covid-Patienten
Фотографија: Florian Bachmeier/imageBROKER/picture alliance

Бројот на починати од Ковид-19 достигна највисоко дневно ниво. За 24 часа од коронавирусот починале 590 луѓе, соопшти институтот „Роберт Кох“ (РКИ). Од почетокот на пандемијата досега во Германија има околу 20 илјади починати луѓе со SARS-CoV-2.

Зголемен е и бројот на новоинфицирани во споредба со истиот ден претходната недела. РКИ регистрира 20.815 случаи, или 3500 повеќе отколку во среда минатата недела. Нов рекорд е забележан и кај бројот на инфицирани на 100.000 жители - 149,1. На почетокот на делумниот „локдаун“ во ноември овој број беше 120. Сојузот и покраините настојуваат со мерките да го симнат бројот на под 50 инфицирани на 100.000 жители. Тогаш и институтите за здравство ќе можат ефективно да ги следат ланците на зараза.

Во меѓувреме, се зголемуваат повиците за поостри меркиво периодот по Божик. Националната академија на науки, Леополдина, како и многу политичари, пледираат за донесување остри рестрикции по празникот. Во Баварија строги мерки важат веќе од денеска, меѓу нив и ограничувања на движењето и забрана за алкохол во центрите на градовите.

Во Саксонија од понеделник затворени остануваат училиштата, градинките и големи делови од трговијата на мало. „Мора да ја смириме земјата“, изјави покраинскиот премиер Михаел Кречмер.

Повеќе:

Германија има што да научи од други земји во корона-кризата

Коронавирус: Каде најчесто се заразуваат луѓето?

Нов „локдаун“ – нови грижи во економијата

Здружението на градови смета дека времето по Божик е идеално за построги рестрикции. Училиштата и градинките се затворени, многу луѓе имаат одмор, а по Божик не мора да се оди да се купува по секоја цена, изјави раководителот на здружението, Хелмут Деди за „Саарбрикер цајтунг“. Тој се залага за „еден вид здрав застој од 28 декември до 10 јануари“.

Deutschland Virologe Christian Drosten
Кристијан Дростен Фотографија: Britta Pedersen/dpa/picture alliance

Академијата на науки, Леополдина, вчера побара остри мерки за брзо намалување на бројот на новоинфицирани. Според експертите, од понеделник би требало да се укине обврската за одење на училиште, а од 24 декември до 10 јануари би требало да се смири речиси сосема јавниот живот во земјата. Леополдина бара и затворање на продавниците кои не продаваат намирници за секојдневна употреба.

Документот на академијата мора да се сфати како „јасно и последно предупредување на науката“, оцени вирологот Кристијан Дростен за радио-телевизија Норддојчен рундфунк. Според него, голема е веројатноста божиќните празници да доведат до зголемување на бројот на новоинфицирани. Ако сега не се донесат мерки, на крајот на јануари „и целиот февруари“ се заканува „локдаун“ со големи последици по економијата, вели Дростен.