Корона: Германија повторно ќе ги заострува рестрикциите?
7 декември 2020Бројот на политичарите кои бараат заострување на мерките против пандемијата се се' побројни и погласни. Шефот на Канцлерамтот, Хелге Браун, за „Билд“ изјави дека „ќе мора да има значителни заострувања, барем во хотспотовите“.
Покраинските премиери и канцеларката Ангела Меркел регуларно требаше да се сретнат и да разговараат за мерките против пандемијата дури на почетокот на јануари. Но, вчера баварскиот премиер Маркус Зедер најави дека „веројатно“ ваква средба ќе биде неопходна уште пред Божик. Баварија е првата покраина која натамошно ги заострува рестрикциите воведени во ноември.
За Божик и Нова Година беше предвидено делумно олабавување на сегашните рестрикции, односно да смеат да се собираат до десет лица, независно од колку различни домаќинства доаѓаат. Сега Баварија најави дека веднаш по Божик, односно на 27 декември, ќе се врати на заострени мерки против пандемијата. За ова согласност треба да даде и покраинскиот парламент во текот на утрешниот ден.
Најави за поостри мерки за Нова Година доаѓаат и од други покраини. Шефот на Канцлерамтот, Хелге Браун, рече дека олабавувањето на рестрикциите за Нова Година се наменети за оние кои ќе мораат да работат на Божик. Но, тоа не треба да биде знак дека милиони други треба да си организираат забави. Браун предлага ограничување на божиќните посети до 27 или 28 декември.
Министерот за здравство Јенс Шпан во изјава за РТЛ потсети на големиот број починати од Ковид-19. Во средата беше достигнат дневен рекорд од 487 лица. „Многу зборуваме за тоа како ќе го славите Божик. Овие луѓе нема да можат да го слават Божик воопшто“, рече Шпан.
Повеќе:
Вакцина за коронавирус– одговори на најважните прашања
Коронавирус: Седум различни групи симптоми на Ковид-19
Колку всушност е смртоносен коронавирус?
Коронавирус: Десет совети за позитивни мисли во битка со болеста
По пет недели делумен „локдаун“, бројот на инфицирани со коронавирус во Германија е и натаму висок. Институтот „Роберт Кох“ денеска соопшти дека има 12.332 новоинфицирани, или илјада повеќе од пред една недела. Регистрирани се 147 починати. Во понеделниците бројките на новоинфицирани и починати се секогаш пониски од другите денови, поради тоа што на викенд не сите институти за здравство ги доставуваат своите податоци.
Се' поголем е и бројот на пациенти на интензивна нега - во петокот првпат имаше повеќе од 4000 лица. За споредба - рекордот во првиот бран изеасуваше 2933 болни од Ковид-19 на одделенијата за интензивна нега.