1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирусот ги уништи предрасудите за разгалената младина

Џоел Далрој
20 март 2020

Според најновата теорија на Доналд Трамп, младата генерација, е виновник за ширењето на коронавирусот. Но, токму оваа генерација е таа што мора да поднесе најголеми жртви заради постарите луѓе, смета Џоел Далрој.

https://p.dw.com/p/3ZnG8
Deutschland Corona-Krise | Jugendliche draußen
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Balk

Единствената лесно пребродлива загуба поради коронавирусот е митот за разгалената и себична младина. Сите обвинувања од страна на постарите генерации за преголем индивидуализам и егоизам отсега веќе немаат никаква основа. Зашто, многу припадници од постарите и најтарите генерации за својот натамошен живот треба да му заблагодарат токму на самопрегорот на овие млади луѓе.

Забраните и ограничувањата на граѓанските слободи, воведени низ цела Европа, треба да го успорат ширењето на Ковид-19, за да останат на располагање доволно болнички кревети и апарати за вештачко дишење за критичните случаи. Но, овие чекори истовремено на младата генерација ѝ ги откраднуваат шансите за напредување и нејзините примања. Зашто, дури рестрикциите, според сегашниот план, да траат и само еден месец, економските последици ќе се протегаат со години. Уште сега се загубени многу работни места, се затвораат претпријатија и се уништуваат кариери.

Се жртвува цела генерација

Оваа изолација и блокада поради коронавирусот е извонреден пример за тоа како една генерација прави жртви во полза на другите. Вирусот навистина ги напаѓа сите старосни групи, но најопасен и најсмртоносен е за изнемоштените, болните и старите. Како општество, преземаме свесно хиперреакција за да го спасиме животот на најслабите. Тоа е добро и правилно.

Но, да кажеме јасно и без заобиколување: многу млади луѓе во моментов ја губат својата егзистенција за старите да можат да продолжат да живеат.

Да признаеме притоа дека не секој е задоволен поради застојот. Многу луѓе од сите возрасти сѐ уште ги игнорираат забраните и апелите да останат дома. Но, значителен дел од населението се придржува кон барањата. А првенствено младите луѓе не можат да одат во училиште, на универзитет или на работа, сеедно дали сакаат или не.

На оние, кои сега страдаат поради губењето приходи, германската влада им вети помош и обештетување. Да се надеваме дека ќе го одржи ветувањето, посебно во поглед на креативците, слободните професии и ситните претприемачи. Зашто, загубената доверба и длабоко всадената несигурност можат да остават печат врз општеството со децении: до денешен ден на Германците им се останати сеќавањата на жестоката монетарна криза од пред речиси еден век.

Kommentar Joel Dullroy
Џоел ДалројФотографија: Hermano Silva

Сепак, среде овие невообичаени времиња постојат и знаци на надеж за животот по коронавирусот: луѓето станаа почовечни. Настрана од кавгите околу последните залихи на одредени производи во супермаркетите, најголем дел од луѓето ги прифатија апелите за масивни ограничувања во полза на најслабите. Тврдењата дека луѓето веќе не се спремни да направат нешто во општа полза, се демантирани. Напротив, луѓето покажуваат дека во суштина се подготвени на радикални промени.

За еколошка иднина 

Одеднаш се чини дека се можни дури и нови економски модели. Работи како државна регулација, напуштање на пазарното стопанство, јавни средства за претпријатијата и граѓаните, ренационализација на клучните индустрии, пролонгирање на плаќањето на долговите и кириите, па дури и основен приход за сите граѓани, во овие денови се дискутираат сосема без задршки како опции за иднината. До пред една недела, тоа ќе беше незамисливо.

Повеќе:

Коронавирус: Германија пред целосна изолација

Меркел: Коронавирусот е најголемиот предизвик од Втората светска војна

Без забрани, нема спас од коронавирусот!

Со оглед на тоа што сега се пробиени сите економски теориски бариери, можеме да одиме нанапред и да конципираме и нови, одржливи форми на конзум, на производство, распределба и енергетско обезбедување. Оние кои пледираат за зелен „Њу дил“, треба да ја искористат шансата, да побараат санирачки план кој би водел кон одржливо општество, кое нема да ги минира своите еколошки граници! Зашто, и екосистемот Земја страда од болест која ја загрозува нашата човечка егзистенција. Перспективно гледано, климатската криза е уште посмртоносна од Ковид-19. Нам уште не ни се познати жртвите, но нив ќе ги има, исто толку сигурно колку и кај коронавирус.

Какви треба да бидат нашите одлуки

Младата генерација во изминатите месеци побара драстични реакции на алармантната состојба со климата. Но, тврдоглавите постари генерации тоа го игнорираа и спречија секаква вистинска промена на курсот. А сега младината се откажува од слободата, благосостојбата и своите шанси во корист на овие сениори, кои во меѓувреме се слаби како телесно, така и во поглед на својата аргументација. Како обесштетување за своите жртви во време на кризата со коронавирусот, младината треба да го добие она што цело време го бара: иднина без фосилни горива.